Михаил Шестаков: Македонија може да се развие во светски гигант- со „МУАБЕТ“
- Инженерите се движечка сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата. Нека овој навистина исклучителен настан од огромно значење за македонското инженерство, но и воопшто за македонската наука и општество во целина, биде инспирација за сите студенти, за сите професори, за сите идни инженери да создаваат и да придонесуваат за градењето модерен и технолошки напреден свет создаден по мерка на човекот и поставен врз највисоките етички норми и стандарди - порача претседателот Пендаровски во чест на ова значајно откритие и монументално постигнување на македонската наука за кое ИЕЕЕ постави спомен-плоча во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Имено, Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот факултет во Скопје (денес ФЕИТ), заедно со Лилјана Божиновска од Медицинскиот факултет на УКИМ, првпат во светот управуваа робот со помош на човечки мозочни сигнали во просториите на Лабораторијата за интелигентни машини и биоинформациски системи на ЕТФ.
На прв поглед доста комплексно звучи, но за да се разјасни ова достигнување, ние разговаравме со инженерот Михаил Шестаков, кој инаку живее во Австралија.
- Светскиот Институт за Електрични и Електронски Инжењери (https://www.ieee.org) ни додели признание дека ние во 1988 по прв пат во светот успеавме да управувавме робот со сигнали кои потекнуваат од мозокот. По повод ова признание Институтот постави плоча во Анексот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје со која се потрвдува ова признание- вели Шестаков.
ММ. Што всушност претставува ова откритие? Како течеше процесот од идеја до целосна реализација?
- Пред нашиот експеримент, роботиката и испитувањето на мозочните сигнали беа сосема одвоени области на научно истражување. Имајќи искуство од претходни експерименти во двете области, Професорот Божиновски дојде на идеја да пробаме мобилен робот да то управуваме со мозочни сигнали. За да го постигнеме тоа, ни требаше да решиме серија на проблеми за да го осмислиме и имплементираме системот, влучувајќи:
- селекција на мозочните сигнали
- нивно појачување
- претворување во дигитална форма
- преработка на дигиталните сигнали преку софтвер
- учење на софтверот да ги препознава различните сигнали
- генерирање команди за роботот
- поставување на инфраструктура и простор за движење на роботот
- селекција на роботот и сценариото за демонстрација
ММ. Кои се функции ги има и во што може да помогне?
- Функциите на роботот беа едноставни, тргни и застани, но со овој експеримент отворивме потполно нов пат за научни истражувања кои денес се индустриализирани и се користат во пракса за управување се различни подвижни уреди.
ММ. Ова откритие ја поставува основата на директната мозок – робот комуникација? Дали постои место за одреден страв или сепак се е во доменот на помагање на човештвото?
- Се е во доменот на помагање на човештвото бидејќи роботите не се придвижуваат сами, туку само со команди од мозокот.
ММ. Како е имплементиран овој светски значаен проект?
- Нашиот експеримент пред се докажа дека е возможно мозочните сигнали да управуваат мобилен робот. Илјадници истражувачи и инженери ширум светот денес го користат ова достигнување и развиваат експерименти и индустриски апликации базирани на стандардни индустриски апарати и платформи, како на пример платформата на фирмата Емотив (https://www.emotiv.com).
ММ. Според Вас, во која насока би се движел светот во технолошка смисла- сепак се создава револуција на ова поле...
- Точно е дека нашето достигање е почеток на револуцијата за користење на мозочни сигнали за контрола на физички објекти. Апликациите се неброени, и нивната имплементација и корисност за човештвото креира поволни услови за забрзан развој и истражувања.
ММ. Кажете ми нешто приватно за вас, долги години живеете во Австралија...
- Дипромирав и магистрирав на тогашниот Електротехнички Факултет во Скопје под менторство на Професорот Стево Божиновски. Во 1989 се преселив во Сиднеј, Австралија, каде живеам со сопругата и двата синови. Наскоро после пристигнувањето во Австралија почнав да работам во раководни места и завршив МБА. Денес работам како Консултант за Агилен начин на работа.
ММ. Дали Македонија во иднина може да биде некаков технолошки гигант- барем во регионот?
- Не само во регионот, Македонија може да се развие во светски гигант. Ние имаме една неверојатна предност за која не сме потполно свесни, тоа е Комуникација, или како што ние викаме Муабет. Со силна комуникација лесно е да се поврземе со најновите достигнувања во светот и, како што покажа нашето достигнување, да се развиеме во силна технолошка светска сила.
Небојша Толески