Милевски и Барди најавуваат победа, гордост е да се носи македонскиот дрес, подготвени сме за Бугарија

Бугарија и Македонија утре (18 часот) го играат мечот од првото коло во Лигата на нации, селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски не признава фаворити на „хартија“, квалитетот се покажува на натпреварот.

„Секогаш за мене фаворитот мора да докаже дека е подобар на теренот. Фаворити во модерниот фудбал не постојат. Ова е група со израмнет квалитет, нема изразит фаворит. Наша единствена цел е да се даде максимумот, и да се оствари посакуван резултат. Ние сме спортисти, единствено што ме интересира е фудбалот. Нашите фудбалери се мотивирани со самото тоа што го носат дресот на Македонија и не им треба дополнителна мотивација. Не очекува тежок натпревар. Секој натпревар е посебна приказна и за секој меч треба да имате посебен план. Дали планот ќе се исполни се прашува и противникот. Ќе видиме утре како се ќе се одвива нашиот план“ рече Милевски.

Капитенот Енис Барди со нетрпение го очекува утрешниот дуел.

„Имаме искуство, подготвени сме да играме паметно и кога сме фаворити. Имаме победнички менталитет, овие натпревари се потешки од претходните од баражот. Важно добро да започнеме. Имаме освежувања во тимот, и физички и психички сме подготвени за предизвикот. Чест ми е што сум капитен, но секогаш на натпреварите сите сме капитени и сите во одредени моменти мораме да дадеме на квалитет. Успехот на репрезентацијата ни е најважен. Последен пат кога бев капитен дадов три гола и не би било лошо да продолжам така“, изјави Барди.