Милорад Цајиќ - Цајо открива како да останеш вечно млад

Стар скопјанец, урбан лик, вљубеник во добра забава, менаџер. Тоа е описот на Милорад Цајиќ - Цајо, кој вниманието го привлекува и со својот стил на облекување.

Пред 45 години ја направи својата прва диско забава во „Таверна“, со која градот Скопје почна да живее нов ритам на диско живот. Стана град со голема диско култура каде продефилираа најзначајните македонски и светски ди-џеи, а неговото менаџирање остави печат во културно - забавниот живот и достигна децениска традиција.

- Јубилејот 45 години од мојата прва забава наречен “Forever Young 2025” ќе се одржи на 22 март во Евент центар, поранешно диско Колосеум - Нова Железничка Станица. Ова е пригода за потсетување на домашните и странски хитови кои ја одбележаа музичката сцена од 80-ите и 90-ите години во светот и кај нас. Oдлична можност за заедничка дружба, на едно место, со нашите генерации и генерациите кои доаѓаат по нас. – открива Цајо и потсетува дека во минатото Скопје имало многу дискотеки во периодот од 1969 до денес.

- Се надевам како во изминатите години на јубилејните забави што ги организирав ширум Скопје, по сите скопски дискотеки и клубови во последните 45 години, ќе бидеме сите присутни и ќе се забавуваме како во младоста, иако мислам дека не сме се уште стари. Додека го имаме детето во себе и младоста, никогаш нема да се чувствуваме стари, туку напротив ќе бидеме мотив за наредните млади генерации како да ги инспирираме како се живеело во Скопје и Македонија. Ќе бидеме подстрек за наредните генерации како да си го организираат ноќниот живот. - вели тој.

Причина да ја организира оваа ретро журка е големиот интерес на генерациите кои претходно биле посетители и уживале во ретро музиката.

- Го одбрав 22 март зашто има симболика во датумот. Тоа е првиот ден на пролетта, во кој се слави верскиот празник Младенци. Симболиката на овој датум се совпаѓа со мојата мисла и мото „За генерациите кои пораснаа, но никогаш не стареаат “. За пораката на настанот ме инспирира песната „Временска машина” од групата „Нокаут”. Особено стиховите „да го вратиме времето во диско ритамот“. Да се обидaм да го вратaм календарот назад не можам, но годините си минуваат. Мораме секој ден од нашето живеење да го направиме вреден за паметење и сеќавање. Можеби така ќе почне срцето да бие посилно, духот ќе донесе нови насмевки, а насмевките ќе донесат нова енергија, ќе се врати динамиката. А ние ќе бидеме среќни и ќе се чувстуваме многу младо, така мора и да остане. Додека го имаш детето во себе никогаш нема да старееш, секогаш ќе бидеш млад. – заклучува Цајо.

С.А.Н