Мирослав Драганов советува: Секогаш на долг рок победува доброто!
Мирослав Драганов - мотивациски говорник и тренер за самодоверба, добитник на бројни светски награди во полето на говорништвото и автор на книгите „На своја кожа - продолжи
со насмевка“ и „Продолжи со насмевка – за љубов создавајќи“ кои се
автобиографски и мотивациски, за Машки Магазин ја открива неговата животна филозофија, советува како до поголема самодоверба и споделува како лично тој се мотивира.
ММ: Во
Вашата книга пишувате за несреќни периоди од Вашиот живот, како успеавте да ги
надминете тие моменти?
Кога нешто нема да успее да ве скрши, ќе ве направи силни за век и векови. Тоа мене ми се случуваше многу пати низ животот. Не беа лесни тие моменти воопшто. Добар дел од нив се опшани во мојата прва книга „На своја кожа продолжи со насмевка“ – ниво 1.0., но има и уште... веројано за некои следни прилики. Имаше и сè уште има неколку најважни водилки кои ми ја зачуваа насмевката на лицево и ми даваа(т) поттик со неа да продолжам и во иднина. Тоа се: силната поткрепа од роднините, искрената поддршка од вистинските другари и другарки, стручната помош од професионалците, вродениот инает преточен во упорност докрај и конечно, мојот силен копнеж да го живеам животот со страст! Токму затоа и книгата започнува со овој пасус: „Премногу го сакам животот! Сè нешто може да ми се случи попатно, но јас го живеам со страст“ – ова си го кажав кратко време по излегувањето од одделението за психијатрија.“
Покрај сето ова многу ми помогна мојата амбициозност и целосна посветеност на професионалната надградба. Тоа значеше „преземање акција наместо премногу размислување“. Ми помогна и тоа што одлучив да им простам на многу луѓе кои имаа големо влијание за да се слушат тие тешки моменти. Им простив, ги оставив некаде зад себе, во моето минато, и се фокусирав на иднината која секојднево си ја правам да ми биде попрекрасна благодарение на тоа што свесно ја креаирам сегашноста. Моето ментално здравје ми е најголемото богатство!
ММ: Кој е Вашиот совет за луѓето кои сметаат дека се наоѓаат во безизлезна ситуација?
Велат секоја планина, своја тежина. И така е, се сложувам. Секој си има свој товар, секому нема да му помогне истата формула за излез од безизлезнста која единствено ја гледа. Но она што може секого да го приближи до пронаоѓањето на својата формула е: да бара нови и нови решенија, да се активира, а не да подлегне на пасивноста, да бара помош од стручни лица (тренер, психолог, психијатар... секој во различна фаза), да ги слушне приказните и на другите за да сфати дека не е единствен/а, да знае дека и од лошо има и полошо и дека целосно може да го разбере само некој што веќе го искусил сето тоа на своја кожа, дека изборот е наш на што ќе се фокусираме - дали на лошото минато или на светлата иднина, да нема големи и брзи очекувања, ќе треба да има големо трпение, и најважно, да му верува на процесот колку и да не го разбира. Еден ден ќе го разбере и ќе му стане јасно. Никогаш на нашите плеќи не ни е дадена тежина која што нема да може да ја износиме. Еден ден ќе се насмевнеме на сето ова, но дотогаш патот нè води низ трње за да се исчеличиме. Тогаш ќе имаме голема предност во однос на многумина.А дотогаш сите околу нив нека бидат тука за искрена и силна поддршка.
И да, во конзервативна, недоволно образувана, и „трачарска“ околина... им препорачувам што помалку да обрнуваат внимание на околината бидејќи таа нема да го/ја разбере. Луѓето секако ќе зборуваат. Но, вистинските совети доаѓаат од малкумина, не од многумина.
И да веруваат, искрено и од срце дека има причина зошто ова се случува, а дека следна фаза е да биде добро! Мене за зголемувањето на таа верба ми помогнаа и позитивните книги кои ги читав и дружењето со луѓе кои што прифаќаат, помагаат, а не осудуваат.
ММ: Општо познато е дека многу повеќе се зборува за стекнување на самодоверба кај жените, но, како мажите да стекнат поголема самодоверба?
Се движам и комуницирам со многу луѓе со најразлични карактеристики. Перцепцијата е дека им недостига самодоверба, и на многу жени и на многу мажи. За почеток да разберат дека самодовербата е внатрешно чувство, а не надворешна слика! Постојат различни аспекти и начини како таа може да се подобри. Еден од начините кој на пример на мене уште повеќе ми ја зголемувал самодовербата се појавувал во моментите кога ќе сум добиел „НЕ“ без разлика дали тоа било приватно или професионално. Во таквите моменти уште повеќе сум работел на својот личен развој, на себеподобрување, и набрзо тоа го преточувам во „ДА“ за мене, а некогаш кажаното „не“ му останува за тој/таа што го кажал/а и нека ѝ/му стои така.
Кога секојдневно сте подобри од самите себе, од она што сте биле вчера, така и самодовербата ќе ви расте. Кога ќе сакате да згрешите, и да се обидувате повторно за да го постигнете тоа што сте го замислиле, вие ја зголемувате самодовербата. Знам често слатко да се насмевнам кога професионално не ги разбрале и/или не ги поддржувале моите идеи. Прво нешто што си го велам е: „Во ред, ќе ја покажа времето мојата замисла, само да видиме колку време ќе треба да помине“. Од искуство, обично поминувале околу 2-3 години за истите тие да речат „Браво, паметно направи ти тогаш...“
На момчињата им препорачувам да ја погледнат епизода 10 од првата сезона на македонскиот бренд „Продолжи со насмевка“, и веднаш да преземат акција. Само акцијата ќе донесе реакција. Каква и да е таа реакција, секогаш ќе ве донесе на чекор поблиску до поголема самодоверба. Инаку претпоставките додека сме пасивни, нема да донесат ништо корисно. Пробајте и ќе биде многу полесно. И знајте дека ние со колешките ко-креаторки секогаш сме тука за насоки и совети од женско-машка перспектива.
ММ: Откријте ни ја Вашата животна филозофија.
Мојата животна филозофија има два принципа:
-
Едниот
принцип е Теоријата 5П: Прашувај, прифати, приспособи се, промени и продолжи со
насмевка. Деталното објаснување го има во книгата. Ќе ги чекам коментарите и на
оние што сè уште не ја прочитале.
- Другиот принцип е живеење по приказната која ми ја раскажа стрина ми на моја осум годишна возраст кога за прв пат ми соопшти дека мајка ми е почината. Сопатниците што ја прочитале книгата ќе се присетат на приказната со двете ќерки и воденицата. Таа е огледало на крајниот исход – споредба на две спротивни ситуации, првата е кога во животот правите добри дела со чесност, вредни сте, добродушни, имате поддршка, храброст..., а од друга страна втората ситуација е кога животот ви се заснова на завидливост, себичност, алчност...Секогаш на долг рок победува доброто! Проверено е на своја кожа и затоа велам: Вреди да се живее таа животна филозофија.
ММ: Која е тајната на Вашиот успех и среќа?
Првата тајна е тоа што за мене успехот не е крајна дестинација, туку патување. По тоа патување секојдневно се водам од брзо носење одлуки (секако тие се проверени и со пресметан ризик), притоа следејќи го внатрешниот силен копнеж.Одлучувам што е тоа што силно го сакам, носам одлуки во тој правец и живеам деноноќно во таа избрана насока. Знам дека промената е единствена константа и дека за сè постои решение. На сите грешки пак гледам како на драгоцени искуства кои ме носат чекор понапред, повисоко. И најважно е што секогаш сум благодарен на сето ова што сум го постигнал досега. Тоа ми е основното гориво кое ми креира разни бои за следните големи слики кои отсега ги гледам и ги живеам боејќи ги со страст.
И среќен сум. Таков избирам да бидам. Во сè што може да биде црно, јас наоѓам барем 1% бело и се водам по тоа. Така водејќи се, ќе се „залепи“ уште нешто светло и пак уште нешто попатно и процентот ќе стане многу поголем. Искрено верувам дека вреди да се наоѓа таа позитивна нота во работите, вреди да се живее, вреди да се исполнува мисијата за која сме на овој свет, и како наследство за следните генерации.
ММ: За да мотивирате други, потребна Ви е и Вам мотивација. Каде и во што ја наоѓате?
Најголемата мотивација ми надоаѓа кога чувствувам, гледам и слушам дека успешно сум ги измотивирал моите сопатници за тие да бидат подобри од себеси. Понекогаш и јас самиот се соочувам со разни препреки, но веднаш се наоѓаат клиенти кои ја посакуваат мојата мотивација, техники и вештини. Во истиот миг магично исчезнуваат сите препреки. Пресреќен сум кога гледам како сопатниците се охрабруваат да направат нешто за прв пат, или го прават тоа подобро од претходно, и кога едноставно само ќе ми напишат „твоите прашања и совети цело богатство вредат да знаеш!“. Кога многумина ми се благодарни за моите тренинзи, обуки, курсеви, и, јас сум благодарен што избрав ова да го работам целосно. Сега не само што го живеам, туку и го работам токму тоа за кое цело време се залагав и го кажував на јавни настапи: „Помагајќи им на другите да успеат, не е можно и самиот ти да не успееш уште повеќе“.
И еве сме. Успеваме заедно! Колку повеќе сопатници, толку повеќе искрени насмевки. А тебе мој драг читателу, од срце ти посакувам, прави ги она што го сакаш од срце и продолжи со насмевка на лице. :)
Љубица Иванова