Моден викенд: Трилер на македонски начин без сценарио
Модниот викенд кој оваа година го славеше јубилејното 20. издание и се одржа во Музејот на град Скопје, како да се врати на своите почетоци.
Овој пат, наместо за таквиот престижен јубилеј што е реткост за модни случувања кај нас, да се потрудат да биде барем за скалило подобар од претходното издание кое беше одлично како концепциски, така и модно, од организацијата се видоа сите недостатоци! Посетители премногу, а ограничен број на места за седење.
Иако се знае дека седиштата треба да бидат лимитирани, за одреден број на гости. Се разбира, не тетки, стрини, вујни во првите редови на оние кои презентираат, туку текстилни претставници, баери- луѓе задолжени да ги видат ревиите, да склучуваат договори со модните дизајнери и да им ги продатат колекциите.
А, за новинарите кои секогаш им даваат поддршка и го охрабруваат
овој настан, може да седат или стојат од страна... Што ќе им е прв ред да ги
гледаат колекциите од близу за да ги коментираат и да пишуваат? Точно означен
прес мора да има! Порано имаше одличен пи ар, сега „неки нови клинци“ надмено
доминираа, како манифестацијата да ја држат во свои раце. Секако, добро е што
младите се вклучени, така и тие учат, ама нека научат!
Исклучително слаб одзив на дизајнери, оние кои го создаваат Моден викенд. Програмата под итно треба да се збогати инаку се‘ ќе премине на концепт кој повеќе не е одржлив.
Да да, јасно е дека организаторот мака мачи со спонзори и пари, но треба секогаш последната, да биде подобра од претпоседната сезона... Публиката не ја интересира како стоите финансиски, сакаат да видат и почуствуваат модна забава која порано знаевте да ја обезбедите.
За манекенките нема простор за дискусија, беа на ниво на задачата, убави, со задоволителни стандарди.
Она што беше прикажано на ревиите е навистина тешко да се коментира со оглед на габаритноста, континуитетот и минатиот труд на секој дизајнер поединечно. Бидете покреативни за да ни се допаднете, оти трудот кој сте го вложиле и сте се надевале, наеднаш може да падне во вода.
Реки од народ! Сите сакаат да се фотографираат. Тоа е во ред, и за вакви нешта се настаните од овој тип. Само веднаш се забележува спонтаноста на некои кои изгледаат совршено облечени и оние „намонтираните„ за една вечер кои молат се‘ да заврши побрзо бидејќи ги болат ноѕете од високите потпетици, а сакаат да бидат ѕвезди... сите се ѕвезди на нашиот Моден викенд!
Имаше и такви кои се клатеа од што не можеа да одат! И такви кои се родени со стил, да ти е мрак да ги гледаш- отмени, пристојни, без напрчени усни...
Но и во светот е така со поголемиот дел од публиката. Тие што знаат како, ги собираат сите погледи!
Многумина овде со нетрпение ги очекуваат модните викенди. Некои да презентираат, некои да бидат видени, а други да уживаат во и онака скоро непостоечка модна сцена. Кога веќе ни пружате некакво задоволство, направете го тоа на убав начин.
Немојте да не изневерите следната сезона!
Небојша Толески