Мултимедијална промоција на збирката песни „Карши“ од Маријана Котевска-Георгиева
Со мултимедијален настан, на 3 октомври (недела), со почеток во 19 часот, во Капан ан, ќе биде промовирана збирката песни „Карши“ од авторката Маријана Котевска-Георгиева.
Книгата, која е објавена на македонски и на англиски јазик, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Англиската верзија на стихозбирката, со наслов Across from me, е со превод на Никола Гелинчески.
Промотори на книгата ќе бидат Иван Додовски и Сузана В. Спасовска, а модераторка на настанот ќе биде Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“.
За време на промоцијата во Капан ан ќе биде поставена изложба на Сандра Котевска, академска сликарка, магистер по ликовна уметност. Имено, таа е авторка на корицата и на илустрациите на внатрешните страници на книгата.
Специјален гостин на настанот ќе биде Бранислав Николов, вокалистот на групата „Фолтин“, кој ќе има интерактивен настап.
„Карши“ е книга за бескрајот на прапочетокот и на иднината кои дишат одеднаш, во исто време во стравот од крајот на мигот. Кои сме ние наспроти (карши) другите: себеси, светот, животот воопшто? „Јас сум процес, не човек“, вели Котевска-Георгиева во една од песните од кои речиси како да отсуствува допирливата, материјална и практична егзистенција. Во нејзината метафизичка поезија постојано лебди чувството на немоќ да се пронајде и да се живее вистината, ниту во себе, ниту во другиот. Таа лимитираност носи неизвесност и страв од мигот во кој се судираат два бескраја – оној на минатото и оној на иднината. Во овие длабоко чувствени стихови лесно се препознава секој, бидејќи стравот, бегството, треперењето и болката се состојби што читателот го допираат, го болат, го навраќаат, го будат... Преку евоцирање на некои од најдлабоките внатрешни пориви, овие стихови резонираат во нашата утроба, чувствувајќи ги и во грлото и во стомакот.
* ПР - објава