МЗТ Скопје рутински со Кожув за полуфинале

Аеродромци брзо поставија доминација во играта, и без големи проблеми излегоа како победници во дуелот со Кожув (80:68).

Еден од двата најтрофејни клубови во историјата на Купот на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром е прв учесник во полуфиналето на 30 издание на завршниот турнир „Благоја Георгиевски-Буштур“ кој денеска стартуваше во салата на СРЦ „Кале“.

Во првиот четвртфинален натпревар популарните „металци“ беа убедливи против екипата од Гевгелија. А во полуфиналето ќе го чекаат подобриот од средбата ТФТ- Работнички, која се игра вечерва, со почеток од 19.30 часот. 

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КОЖУВ     80:68

МЗТ Скопје Аеродром подобро влезе во првото четвртфинале од Купот. Предводени од двоецот Миќовиќ-Вер (искомбинираа 17 поени во раната фаза од мечот), во осум минути игра „металците“ стигнаа до двоцифрена предност. Прво (23:13), нешто потоа имаа и (26:16), а со идентичен плус во корист на фаворитот, заврши првата четвртина (28:18).

По тројката на Вер, „бело-сините“ имаа уште повисоки (34:20), по 13 минути игра. Беспрекорно играше бекот на МЗТ Скопје во тој дел од играта, веќе имаше 15 поени, со сите пет погодени шутеви од поле (и еден од линијата за слободни фрлања). Но најдобриот поентер на Кожув, Гордон, го врати својот тим со серија од шест поени за анулирање на двоцифрената негатива на (26:34).

Сепак, екипата од Аеродром брзо најде против одговор, го даде Дамјан Стојановски со пет врзани поени, за ново одвојување, сега на (41:26) во 17 минута од првото четвртфинале.

Одлично во првото полувреме погодуваше и Миќовиќ (11 поени), за уште повисока предност (47:31),која ја задржаа и на истекот на 20 минута (49:33).

Уште поголема доминација воспоставија кошаркарите на МЗТ Скопје во продолжението од натпреварот. Имаа предност и од 25 поени (65:40), пред гевгеличани да врата пет поени и до истекот на третиот дел водството на фаворитот биде (65:45).

Дамјан Стојановски и Вер реализираа по 19 поени, Миќовиќ уште 16 во победничката екипа во која по подолга пауза, на теренот се појави и Дарио Митевски. На другата страна, Мајрон Гордон на 27 реализации, Јузбашиќ имаше 11, а Братож 10.