Најмладиот наш кошаркарски тренер: Почит, желба,упорност и лојалност

Исклучително талентиран, професионален, самокритичен и со лидерски способности, тој е можеби еден од најмладите кошаркарски тренери кај нас. Влатко Неделковски има 23 години, а веќе работи со 3 групи на дечиња во КК МЗТ- Скопје кои се запознаваат со кошарката и со младинскиот тим до 16 години. Во период од 2 години имаа колективни успеси со освоени 1-ви места на интернационални турнири во Романија, Бугарија, Малта, Полска.

- Сплет на околности, повреди и ќе бидам самокритичен, но недоволно залагање ме тргнаа од паркетот како играч и го најдов своето место во кошарката како тренер. Пресреќен сум поради тој факт и правам се да останам каде што припаѓам- вели Влатко.

Децата едноставно го обожаваат. Со нив е вистински другар и несебично им влева кошаркарски знаења, ги прави вистински воини на терен, без откажувања, без стравови, без пад на самодоверба. Едноставно, сака да создаде од нив личности- подобри луѓе, борци низ животот и кошаркари на кои сите ќе им се поклонат.

- Важното е дека се е релативно и проаѓа. Секоја победа може да биде подобра и секој пораз е лекција што треба да се надмине и заборави. Талентот не толку често е пресуден затоа што се надополнува со тренинг и работа. Повредите се неизбежен дел, па спрема тоа ,клучен фактор е истрајноста. Затоа велам дека спортот раѓа здрави навики кои ќе ги водат низ животот. На крајот од денот резултатот говори за успехот а тоа зависи од самиот играч. Кога сите овие услови ќе бидат исполнети, шансите за нешто големо се неизбежни- додава Неделковски.

Спортскиот дух на Влатко и во приватноста му се рефлектира. Тој е урбано момче кое сака убаво да се облекува, но во свој спорски стил. Облеката што ја носи го дефинира, но и тој како појава е приказна за себе.

- Поголемиот дел од денот го поминувам во сала така што начинот на облекување ми е секако во спортска варијанта. Се осеќам комотно, па го преферирам тој стил и надвор од работните обврски. Секако дека има огромна разлика во начинот на облекување низ годините. Некаде постојат кодекси, па така повеќе внимавам на стилот, сметам дека стилот е слика за самата индивидуа карактерно- потенцира младиот тренер.

 Од негово лично искуство, обожава да носи патики Nike, аужива во новата линија на Calvin Klein кои ги смета за одлични патики наменети за секоја пригода.

Од многуте животни принципи кои ги применува, за еден верува дека е клуч на успехот и вели: „Единствен животен принцип по кој се водам е лојалноста. Од тука почнува се. Почит, желба и упорност. Тоа се некои работи што се трудам да ги пренесам на помладите. Сметам дека сплет на оваа комбинација е клуч за успех на било кое поле, посебно за спортистите“. 

Му се восхитува на тренерот Ацо Тодоров. Неговиот стил, манири и гестикулации, начинот и животниот стил смета дека се вистински репер за секој професионалец.

А, за тоа колку Македонија има кошаркарски потенцијал, Неделковски е се уште е убеден дека тоа е осетлива тема кај нас.

- Јас стојам позади тоа дека таленти имало и ќе има. Од последователните случувања со младинските репрезентации овој циклус, младите во сите категории докажаа дека имаат квалитет и мора да им се даде шанса. Одговорно тврдам како директно инфилтриран дека имаме светла иднина и мора да се посветиме како тренери максимално талентот да го преточиме во успех.

Н.Т.