Не сакал на пијалок со колегите: Французин добил отказ бидејќи одбил да придонесе за „забавните“ вредности на компанијата

Добил отказ поради одбивање да придонесе за „забавните“ вредности на компанијата

Маж од Франција, именуван само како г-дин Т., добил отказ од париската консултантска фирма „Cubik Partners“ затоа што одбил да учествува во тим билдинг и да оди на пијачка со своите колеги после работа.

Сепак, францускиот суд сега пресуди дека компаниите не можат да отпуштат работници ако не се „доволно забавни“.

Имено, како што пренесува „актуелности.ус“ г-дин Т. ѝ се придружил на компанијата во февруари 2011, а е унапреден во 2014, меѓутоа, само година дена подоцна добил отказ поради „професионални неспособности“, поточно, одбивање да допринесе за „забавните“ вредности на компанијата. Од фирмата соопштиле дека било тешко да се работи со него.

По забавни вредности се подразбирало дека мора редовно да се посетуваат социјални настани што завршуваат „со консумирање големи количини алкохол“, но и во активности наметнати од колегите.

Францускиот суд утврдил дека компанијата промовирала симулација на сексуален однос и обврска за спиење со колешка во кревет. Бидејќи Т. одбил да ги исполни таквите барања, останал без работа. Cubik Partners не се огласил. Т. барал отштета од 461.406 долари, што беше одбиено од Парискиот суд во 2021 година, но неодамнешната пресуда делумно ја поништи таа одлука.

Компанијата ќе треба да му плати на поранешниот вработен 3.000 евра, а неговото барање за обештетување ќе го разгледа во подоцнежна фаза, објави Business Insider.