НЕ СУМ АНТИВАКСЕР: Ѓоковиќ прозборе за сѐ што се случуваше, подготвен е да ги жртвува и трофеите

Најдобриот светски тенисер даде опширно интервју за Би-Би-Си.

Новак Ѓоковиќ не се изјасни откако беше депортиран од Австралија, а сега одлучи да зборува во ексклузивно интервју за Би-Би-Си. Најдобриот светски тенисер е подготвен дури и да ги жртвува идните трофеи од најголемите турнири бидејќи не сака да биде принуден да се вакцинира. Бидејќи доказот за вакцинација стана задолжителен за Грен слем турнирот во меѓувреме, ваквиот став не е добра вест за навивачите на Ѓоковиќ, но свесен е и Новак бидејќи како што стојат работите во моментов нема да може да игра на Ролан Гарос, Вимблдон и УС Опен.

  - Ги разбирам последиците од мојата одлука. И јас бев подготвен да не одам во Австралија. Не можам да одам на повеќето турнири и тоа е цената што сум подготвен да ја платам - јасен е Новак Ѓоковиќ, кој имаше краток одговор на прашањето дали тоа е цената што е подготвен да ја плати за да не оди на Грен слем турнири и да не биде најдобар на сите времиња. - Да.


Засега нема конечна одлука за вакцинација

Секако, Ѓоковиќ се надева дека во меѓувреме ќе се променат протоколите за турнирите. За неговото одбивање да се вакцинира, тој изјави дека причината е што телото му е поважно од се, но и тоа што сѐ уште не донел конечна одлука.

  - Сè уште ја разгледувам можноста за вакцинација бидејќи сите се обидуваме да најдеме решение за корона вирусот. Никогаш не сум бил против вакцинација, разбирам што се случува и се надевам дека ќе го победиме вирусот - рече Ѓоковиќ, кој истакна дека бил вакциниран како дете, но и дека ја поддржува слободата на избор.

Ѓоковиќ се осврна на целата ситуација и на сето она што се случувало пред неговото заминување во Австралија, кога добил можност да игра на Австралија опен врз основа на медицинско ослободување, а потоа му била одземена лиценцата.

- Разбирам дека има многу критики и разбирам дека луѓето излегуваат со различни теории за тоа. Но, никој не е среќен кога ќе добие ковид. Милиони луѓе имаат проблеми со Ковид. Затоа го сфатив многу сериозно, не ми се допаѓа кога некој ќе каже дека тоа го искористив во моја корист за да добијам позитивен ПЦР тест и да одам во Австралија - истакна Ѓоковиќ.