НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: АДРИЈАНА АЛАЧКИ
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Убавината генерално е предмет на истражување, интерес..., и тоа не само кај артистите, уметниците - вајарите, сликарите, фотографите..., туку и меѓу филозофите, уште од дамнина. Всушност, природата на убавината во смисла на нејзината суштина дефинитивно е една од тајните, мистериите чија фасцинација од нивната, страната на мудреците, мислителите е нескриена, исто како и другите опсерватори. Се разбира, во контекст на горенаведеното се и мудрите зборови на американскиот историчар Џорџ Банкрофт - Убавината сама по себе е сетилна, чувствена (емотивно чувствителна) слика на бесконечното. Оттаму и прашањата кои често се поставуваат, како на пример дали се работи исклучиво за козметика или пак за предиспонираност, како да ја препознаеме..., а одговорите на истите се обидувал да ги даде и Аристотел и Платон. Секако, мнозина говорат и за естетското уживање, кое произлегува од сетилата, искуствено - само благодарејќи на смислата, интелектот, имагинацијата..., и поединечно и комбинирано, на сите. Но, таа е ништовна доколку не се земе предвид и есенцијата, која исто така е особено важна. Кога се работи за човековата убавина, женската првенствено - душевниот, духовниот, спиритуалниот живот не само што ја дополнува туку и ја истакнува, уште повеќе.
Кога е македонската во прашање, нема дилема - едноставно не може да ѝ се одолее, како што е впрочем и насловната синтагма, која се разбира дека многу убаво ѝ прилега и на Адријана Алачки, инаку дипломиран педагог, во јавноста позната и како водителка на две шоуа - забавното „Везилка“ и кулинарското „Вкусот на традицијата“, кое се емитува веќе дванаесет години на ТВ Алфа, чија авторка е самата, но и на истоимениот единствен македонски традиционален готвач на 470 страници, со превод на англиски. Моментално го подготвува и второто издание, а напоредно и претседателствува со Националната асоцијација на готвачи - Гастромак. Без оглед на големата ангажираност, пеењето не го занемарува. Ни патувањата чија пасија, страст е особено изразена во занимливите, необичните дестинации, меѓу нив и Австралија, Азербејџан, Бора Бора, Бразил, Грузија, Дагестан, Исланд, Малдиви, Северобајкал, Сибир, Тајван, Тајланд..., каде што едновремено ужива и во нивните специјалитети, деликатеси - мераклиски, хедонистички.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
А. А.: Убавината на жената е комплексна, таа е совршен спој на хармонијата од природата сместена во женското тело и духовната моќ што ја поседува. Кога овие две толку моќни компоненти се во корелација, можеме да зборуваме за убавината на жената, која не е единствено во совршениот изглед. Се плашам од индустриите за „разубавување на жената“, кои можат да ја доведат до стадиум на „немање идентитет“. За мене пандан на женската убавина исклучиво е машката интелигенција - неповторлив во секоја постапка, со самопочит и самодоверба, а не убавината да му биде аршин за компарирање, во тој случај немаме пандан.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
А. А.:Никогаш не би можела да одолеам на маж со високи умствени квалитети. Физичкиот изглед е нешто со што се соочуваш на првичната средба, се запознаваш, го меморираш ликот (кој по извесно време можеби и ќе го заборавиш) и толку, доколку не постои конверзација која притоа ќе ве остави без здив и ќе ве натера суптилно да се досетите на некој негов збор, мисла, однесување…Тоа ќе ви предизвика восхит и мажот ќе го запомните преку чувствата што ви ги создал во тој миг, а не по ликот. Затоа за мене тоа е многу важно, ликот да му е во хармонија со однесувањето и зборувањето. Го паметам филмот со Мерилин Монро каде штоглавната поента беше „никој не е совршен“ и непостојат правила за совршен маж и жена - да, токму така - несовршеното во еден маж може да го направи најпосакуван и неодолив. Сите се менуваме, но умствените квалитети и моќта на цврстиот карактер е нешто што нема рок на траење, тоа го отсликува и е негов траен белег. Жалам воопштено кога луѓето ги донесуваат своите проценки исклучиво базирани на физичкиот изглед кај „human beings“, тој никогаш неможе да нѐ дефинира во потполност.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
А. А.:Таинственоста е особина на мудрите жени - кога молчите, кога сте таинствени, Вие кажувате многу повеќе отколку да зборувате. Тоа може да го прочита, слушне и разбере маж кој ве почитува, сака и има интелигенција. Нема потреба од таа вечна, тивка војна меѓу партнерите за доминација. Секоја жена без лажна скромност ја сака неговата заштитничка моќ, па макар таа била и претседател на држава. Зборовите и делата да се во совршен спој - „не грижи се, јас сум тука секогаш за тебе“. Ова неможе да функционира доколку е еднострано и затоа таа возвраќа со целото свое битие. Несакам лаги кога се сервирани на неинтелигентен начин, па ги препознаваш. Себичноста е особина која не ја почитувам, ниту ја толерирам. Почитувам духовни вредности, самодоверба и стабилен карактер. Тоа што ќе го каже денес, што ќе го вети да остане и утре непроменето. Всушност, тоа што си денес да бидеш и утре.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
А. А.:Исклучиво на „господин“ и џентлмен. Мажите кои се свесни за своите вредности и својата моќ, тоа никогаш јавно и транспарентно нема да го манифестираат. Оставаат другите да зборуваат за нив, а не тие самите. Кавалерството е безвременско, тоа е особина која го краси секој маж.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
А. А.:Ми се допаѓаат следните особини кај мажот: кога има домашно воспитување, смиреност, неподводливост, стабилност, мудрост,трпение, хумор, емпатија и неговите постапки, кога всушност го дефинираат како личност. Кратко и јасно - вистински маж!
Одбивно ми е кога ќе почувствувам манипулација, лага, отсуство на почит и внимание.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
А. А.:Познавам повеќе такви личности, господа. Моја среќа е што познанството со нив ми потврдува дека има прекрасни луѓе во чие опкружување се чувствувам среќна и полетна. Простете, но поради правото на приватност, нема да зборуваме за идентитетот. А, пример за млад господин и кавалер со манири е мојот син Благоја, секоја чест. Младите треба да се воспитуваат во таа насока, да почитуваат вредности и да создаваат манири кои ќе им го изградат нивниот идентитет.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
А. А.:Може да ѝ биде пријател, сто проценти потврдувам затоа што имам многу другари со кои совршено функционирам. Пресудно за таквото машко-женско другарување е поставувањето јасна меѓусебна граница и стабилниот карактер. Тајната е во стабилноста на личноста и толку. Колку пати сме слушнале дека од пријатели станале љубовници, тоа е личен избор без претходно поставени граници.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
А. А.:Секоја личност е своја приказна, ние не можеме да се промениме, тоа е наш код, карактер, генетско однесување, но најголем успех е кога ќе успееме да се засакаме самите себеси. Тогаш можеме да го сакаме партнерот и да воспоставиме баланс во заедништвото. Не секогаш можеме да сме истомисленици, но затоа постои најбезболниот начин во решавањето на таквата состојба што се нарекува „културна и смирена комуникација“, која за жал во модерното време станува „дефицитарна“.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
А. А.:Не постои тајна или некоја формула за успешен брак или љубовна врска. Токму тие тајни меѓу партнерите се најтоксични за една релација, единствено решение е транспарентен однос, почитување и заемно внимание. Сѐ мора да е двострано, да се следи природниот закон, давање и земање. Сѐ да е во рамнотежа. Сакам партнер кој нема да се откаже кога ќе дојде првата криза туку храбро да продолжи кога нешто не оди, не да престанеме туку смирено да прифатиме и да бараме решение, да не се задоволуваме со мирната вода во барата, сакам цврсто да ме фати за рака и да ми каже „тргнуваме“…, со него и на крајот на светот. Тоа се сите особини што победуваат во животот и заедништвото.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
А. А.:Имам само еден одговор - да, мажот е столбот во куќата, а жената го создава домот.
Позади секој успешен маж стои жена!
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Адријана Алачки