НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЕЛЕНА СТОЈАНОВСКА ЈАНКОВСКА
НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЕЛЕНА СТОЈАНОВСКА ЈАНКОВСКА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Кога се работи за убавината, женската пред сѐ, и филозофите и уметниците, а посебно творците во областа на т.н. убави уметности, во неа отсекогаш го наоѓале изворот на вдахновението, инспирацијата за нивните мудрувања, од каде што произлегуваат и многубројните сентенции кои често се цитираат, вклучително и мајсторските дела чии автори не се ни обидувале да ја сокријат воодушевеноста од истата, во смисла на нешто конкретно, врзана за некое женско лице, напротив - ја нагласувале онолку колку што можеле, највеќе. Впрочем, тоа е и целта на убавината: восхитувањето од нејзината привлечност, меѓу другото. Неретко се восприема и како илузија, фикција...
Како и да било, привлечноста е во индивидуалитетот, посебноста на жената, нејзината единственост во широката смисла на зборот, од негата, грижата за себе до бојата на гласот, држењето и уште повеќе. Секако дека мора да биде поткрепена со сето она што се однесува на свеста, умствената дејност или поточно, духот. Во спротивно, таа се сведува само на куклена претстава, театар.
Кога пак е македонската убавина во прашање, се чини дека со неодоливоста е папочно врзана. Голем број жени, повеќе од педесет досега, чија привлечност, допадливост е прашање и на вкус, т.е. субјективно мислење, но и на објективна реалност, ја потврдуваат насловната синтагма на нашиот портал, меѓу нив и уредничката и водителката на утринската програма на телевизија Сител - Ја сакам Македонија, инаку магистер по човечки ресурси, дипломиран книжевник на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Елена Стојановска Јанковска е и сопруга и мајка на девојче, која во слободно време сака да чита книги, да гледа филмови, серии, да се дружи со луѓе што ѝ се мили, да патува..., сето тоа збогатено со вкусни јадења, зошто да не.
Нејзината шармантност е забележлива дури и во одговорите на прашањата од симултанката чија тематика ви е добропозната, која во голема мера доаѓа и од искреноста.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
Е. С. Ј.: Мене ме освојува шармот. За мене убав маж е всушност маж со шарм, хумор, убави манири и се разбира, добрина и човечност.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
Е. С. Ј.:Не знам зошто, но од физичките атрибути секогаш сум ги гледала рацете, поточно дланките. Физичкиот изглед не е пресуден, но најважно е да ме привлекува. Умот секако е важен, мислам дека не можете да бидете со некого во врска доколку не ви се допаѓа начинот на кој размислува и ментално не сте на слично рамниште.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
Е. С. Ј.: Искрено, јас сакам да биде добар човек. Сакам и стабилност во односот со партнерот.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
Е. С. Ј.:Па, за да биде и господин и моќен маж, па и кавалер, мора да има стекнато и други работи, а тоа значи добро воспитување, хуманост, манири, храброст, амбициозност, сигурност во себе. Сите овие работи потоа го прават човекот, поточно мажот. Лично никогаш не сум се врзала со некој стереотип, дека мојот избраник мора да има некој посебен статус. Не, мислам дека ми е многу поважно како се однесува со мене и како ме сака.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
Е. С. Ј.:Не сакам некој да ме лаже, не сакам да се однесува грубо и да се изразува недолично. Ме привлекува ненаметлив човек кој го задржува вниманието на себе затоа што е свој. Не сакам некој што може да биде сечиј.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
Е. С. Ј.:Ваква титула никако не би можела да дадам на маж кој го знам од медиуми или површно го познавам. На тој начин би судела баш само поради физичкиот изглед или нешто што сум слушнала за него. Затоа, оваа титула ќе му ја дадам на сопругот, со сите негови добри особини и маани.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
Е. С. Ј.:Имам и пријатели и соработници мажи, никогаш не сум поддржувала чувства на некој маж кон мене доколку не можам да возвратам. Можеби затоа и сум ги сочувала како пријатели.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
Е. С. Ј.:Кај мене се покажа дека спротивностите ме привлекуваат.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
Е. С. Ј.: Според мене, врската е успешна доколку во неа има и љубов и слобода. Сакам кога партнерот ми ја дава слободата да бидам тоа што сум. Искрено, не мислам дека мојот маж може да ми го земе некоја. Мажите, па дури и жените се даваат сами, и тоа само за љубов.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
Е. С. Ј.:Многу сум среќна дека сум мајка во нашето мало семејство. Има работи кои не ги правам јас во домот, а има и работи за кои не одлучувам јас. Некои нешта пак ги правам само јас, се надополнуваме и си помагаме. Нема идеално семејство, идеален брак, сакам да уживам уште долго во нашата несовршена заедница.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Елена Стојановска Јанковска