НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАЈА ГЛИГОРОВА
НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАЈА ГЛИГОРОВА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Поранешниот топ-модел Летиција Каста, која во 1990-тите учествуваше буквално на сите ревии на светски познатите модни креатори, а денес се занимава со глума (летото 2018-та снимаше во Македонија), позната и како современа Маријана - алегоричен симбол на Франција, чија скулптура се наоѓаше во сите општини, во една пригода рече: „Вистинска убавина е да бидете верни на себе“. Во тоа е и неодоливоста бидејќи таа, верноста во самите себе(си), аурата ја краси со убави вибрации - својствена и за дамите. Поврзаноста е неминовна од причина што со нив се врзуваат и сите убавини, кои ги имаат во себе. Обично се вели дека леди во смисла на отмена жена - дама се раѓа, но може и да се стане со перманентна работа на себе(си), постепено градејќи ја својата сопствена личност. За разлика од порано, кога се поврзувала исклучиво со сината крв, леди (дама) во денешно време е жена со истанчен вкус и такви, префинети манири. Убавината во голема мера зависи и од негата, начинот или пак стилот на облекување, кој е одраз и на природата, вродените својства на личноста - често и авангардноста е карактеристична за отмената жена, во комбинација на елеганцијата и уникатноста, која ја прави по малку интригантна. Но, фасцинацијата е во спојот на надворешниот изглед и духовното. Едно без друго не оди, неминовно за нејзината уваженост. И да, без оглед на современите, модерните сфаќања - во суштина е традиционална. Познавањата од културата, вклучително и сите видови на уметноста..., го комплетираат впечатокот за неа. И оригиналноста, неминовно.
И покрај тоа што се трудиме да не клишираме, стереотипната фраза дека синтагмата неодолива убавина, македонска ѝ стои добро и овој пат ќе ја збогатиме со уште една - отмена дама. Маја Глигорова е инаку културолог. Во 1990-тите работеше како новинар во „Нова Македонија“, извесно време и во „Телма“, а веќе 12 години пишува за „Дивианартс“. Секако, од областа на културата. Сликањето, изработувањето накит ѝ е хоби. Нејзиниот интерес кон модата се врзува со раната младост, благодарејќи на Лиле Корубин за која вели дека израснала со неа, истакнувајќи ја и како менторка. Еден период се занимаваше и со манекенство.
Култоролошкиот пристап е забележлив и во одговорите на прашањата од симултаното интервју на тема убавина, машко-женски односи..., за кои често се поведуваат и дискусии, а се водат и бурни расправи.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
М. Г.:Мошне интересно прашање. Неодамна прочитав за едно истражување спроведено на Универзитетот на Флорида во кое учество земале над 150 парови. Анкетата била насловена „Кои се вашите стандарди за убавина“. Резултатите покажале дека дамите кои имале физички „помалку атрактивни“ партнери биле посреќни во врската. Зошто тоа е така? Се покажало дека поатрактивните мажи повеќе се фокусирани на својот физички изглед и на себеси, додека првите повеќе се трудат околу своите партнерки. Според мене, најубавиот и најпосакуваниот маж би бил оној кој најмногу гледа во својата поубава половина, и тоа не само надворешно, туку го скенира и нејзиното срце и ја чувствува убавината на душата.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
М. Г.:Исто како и мажите, и ние жените при изборот на својот животен сопатник би сакале да добиеме „сѐ во пакет“, зошто да не. Меѓутоа, знаеме дека тоа во реалноста е малку возможно. Со оглед на фактот дека не можеме да добиеме сѐ што ќе замислиме, ние жените обрнуваме посебно внимание на битните фактори кои партнерот го прават привлечен за соживот (заеднички живот). За мене, лично, три битни карактерни особини треба да ги поседува еден маж, а тоа се: лојалност, самодоверба и смисла за хумор.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
М. Г.:Се согласувам со Вашата констатација дека мистериозна или таинствена жена е идеал на многу мажи. Таа оддава слика на суперхероина која ги поседува сите пожелни особини, интересни за посилниот пол. Но, реалноста и вистината се најдобрите можни опции за секој од нас, а тоа е целосно спознание на себеси, да се прифатиме онакви какви што сме создадени, потоа да го сакаме нашиот партнер како што се сакаме самите и тогаш, по мое мислење, сѐ си доаѓа на свое место, лесен е патот во пронаоѓањето на компатибилниот животен партнер и љубовник.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
М. Г.: Недвојбено дека предност би му дала на самосвесен, зрел човек, наспроти мачо тип. Содржината на свеста кај посилниот пол, елементите кои го содржат конгломератот од функциите на психата, несомнено се создаваат низ животот од безброј стекнати искустваоднадвор, но и вродени. Според моите критериуми, од круцијално значење за еден маж е свртувањето кон себеси, самоанализата на своите можности, како и развивањето на истите во насока на духовност кон понежниот пол. Како предлог-книга на оваа тематика, во оваа прилика би ја посочила „Божествена стварност - Обелоденување / Вистините на материјализмот - Оголување“ на Зоран Трајановиќ.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
М. Г.:Се чини дека во денешнотото модерно време на живеење мажите погрешно ја разбрале женската еманципација, фактот дека припадничките на понежниот пол станаа свесни за тоа дека мажите треба да ценат по нивните културни и писмени манири. Многу ме радува тоа што генерациите кои доаѓаат ќе знаат подобро да прават дистинкција меѓу културен маж и умислен мачо тип. Личност која се карактеризира со благородност, учтивост и чесен однос кон својата избраничка и кон својата околина е вистински господин вреден за почит и восхит.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
М. Г.:За мене вистински, прав џентлмен е господинот Симеон Мони Дамевски. Благороден, чесен, отворен, спремен секогаш да помогне, зрачи со добрина и плени со своето достоинствено однесување.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
М. Г.:Како социјални суштества, имаме тенденција да комуницираме со други луѓе. Таквата интеракција нѐ води кон воспоставување и одржување на меѓуодноси. Сепак, главната причина за воспоставувањето на таквите врски е привлечноста. Привлечноста се дефинира како постоење на позитивни чувства кон личноста и тенденција да се биде заедно со него/неа. Постојат неколку фактори кои водат до заемна привлечност. Како важни фактори се издвојуваат близината, физичката привлечност, сличноста, заемното допаѓање.Близината и физичката привлечност се важни фактори кои нè наведуваат да забележиме некоја личност, да стапиме во контакт со неа. Меѓутоа, за тој контакт да прерасне во потенцијална љубовна врска, потребно е нешто повеќе. Еден од најважните фактори е сличноста. Сличноста ја претставува усогласеноста на сопствените интереси, вредности, ставови, па дури и особини на личноста со оние што ги поседува таа, така што мислам дека сите овие компоненти се важни за севкупниот заеднички живот (соживот).
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
М. Г.:Често се случува двајца луѓе да се најдат во емотивна врска, кои на прв поглед не одат најдобро еден со друг и кои изгледаат како целосна спротивност. Како навистина е можна квалитетна и долга врска меѓу сосема различни партнери и дали приказната за привлекувањето на спротивностите е мит или вистина? Мислам дека сличностите и разликите во врските се важен фактор за опстанок на секоја врска. Степенот до кој се присутни овие разлики, но и сличности, може да биде репер за тоа дали врската ќе трае или не. Многу психолошки студии покажале дека донекаде е точно да нè привлекуваат оние работи кои ни се непознати, нови, неоткриени и различни од оние што ни се познати и вообичаени. Неистраженото и авантуристичкото во нас, што го има впрочем секое човечко суштество, нè наведува да погледнеме во непознатото...
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
М. Г.:Како и во животот, така и во врската се случуваат и добри и лоши работи. Балансот е најважен. Ако вашата врска во најголем дел функционира добро, тогаш би можело да се каже дека станува збор за успешна врска. Но, кога животот ви носи некаква непријатност, треба да се запрашаме дали вашата врска е вашето засолниште. Кога ќе го разделите проблемот на делови, преку разговор со партнерот, дали сè уште сте подготвени да преземете одредена одговорност за вашите постапки? Толеранција, љубов и компромис се трите компоненти важни за една успешна љубовна приказна.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
М. Г.:Семејството е една од најстарите општествени институции, а низ историјата доживеало многу промени на индивидуално ниво, семејна структура и начин на живот. Многу записи од различни времиња зборуваат дека прво мајката ја имала централната позиција во семејството, а потоа таткото ја презел таа позиција. Во последните децении поделбата на улогите во рамките на семејството значително се промени, особено откако жената влезе на пазарот на трудот. Денес жените играат неколку улоги во семејството, а најважни се улогата на сопруга, улогата на мајка, улогата на образована личност и улогата на работник. Една жена ја презема улогата на сопруга кога ќе се омажи. Законот предвидува дека жената и мажот во бракот се еднакви, дека се должни да си помагаат, да се поддржуваат и да се почитуваат еден со друг, да донесуваат одлуки со договор. Но, кога станува збор за поделбата на трудот меѓу сопружниците, најчесто се случува жените да поминуваат значително повеќе време во извршувањето на секојдневните задачи, на работните места поврзани со одржувањето на домаќинството и семејството. Мајката се смета за најважна личност во животот на детето, за личност која најмногу влијае на развојот на детето. Главната должност на жената како родител е воспитувањето, односно должноста да го воспитува детето како самостојна, самокритична, автономна и самодоволна личност која во себе ќе ги развива основните принципи на вредноста. Повисокото ниво на образованието на жената ѝ обезбедува подобро работно место, но и подобра позиција во семејството. Работната улога на жената вклучува платена работа надвор од семејството, но и неплатена работа во рамките на семејството (грижа за членовите на семејството и домаќинството). Според ова, мислам дека секој треба да придонесува за правилен начин во развојотна едно семејство, а бидејќи сум воспитана традиционално, сепак мислам дека мажот треба биде главата на семејството.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Маја Глигорова