НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАЈА ЛАЗАРОВА
НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАЈА ЛАЗАРОВА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Но, факт е и дека убавината е и непресушен извор на вдахновение, инспирација за сите, ад литерам. Без оглед на нејзиниот идеал, првенствено естетски, кој го наметнувале уметниците, меѓу нив и модните креатори, таа е неодолива и покрај тоа што се оспорувала некогаш, поради разликите на вкусовите, па така во 1960-тите за прототип на убавината и официјално ја прогласиле Твиги, во светски рамки. Очигледно дека модата го имала пресудното значење во креирањето на моделот, примерот за совршенството бидејќи женската убавина се врзувала со него, исклучиво. Тридецениското владеење на женственоста во буквална смисла на зборот го презела седумнаесетгодишната манекенка со машкудански изглед, андрогини црти - изразита виткост на телото, долги нозе... Не само во Англија од каде што потекнува (сега има седумдесет и две години), туку и во Европа и во светот ги променила критериумите за нејзиното, т.е. видувањето на убавината, пред сѐ надворешната. Во комбинација на внатрешната, секако - душата, духот.
Во поврзаноста меѓу синтагмата „неодолива убавина, македонска“ и скопјанката Маја Лазарова нема сомневање, таа е очигледна. И кога е надворешниот изглед во прашање и кога се работи за убавината на душата, духот или моралната сила. Отвореноста, искреноста е само една од нејзините карактеристики, забележлива и во десетте одговори на исто толкуте прашања од симултаното интервју. Таа инаку е доктор по финансово право, која веќе долго работи како програмска офицерка за демократско управување во меѓународна организација за што ја напуштила државната администрација. Притоа е и самохран родител, мајка на две деца. И покрај искушенијата, премрежињата.., само благодарејќи на животната сила, денес е тоа што е - истрајна жена која ужива во активностите што ја исполнуваат со радост и задоволство, душевен мир. Како заљубеник во природата, нејзина страст е планинарството, вклучително и сликањето (аматерското) и свирењето на гитара, од неодамна. Во исто време пишува и книга чија приказна од нејзиниот живот се надева дека ќе им помогне на повеќе жени да истраат, од битките со придавките „животни“ да излезат победнички.
СИМУЛТАНКА:
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
М. Л.:Мажот, но и секој човек треба да се гледа како целина на личноста. Убавината не доаѓа ниту само од убавите очи, ниту само од смислата за хумор, ниту само од нивото на образование или ред други одделни атрибути. За мене убав маж е човек со убава внатрешна енергија, со когнитивна, но уште поважно и емоционална интелигенција, со духовна зрелост и стабилност, способен да се носи со сите предизвици во животот.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
М. Л.:Не би ги издвоила како „машки“ туку како човечки атрибути. Онаа убавина што мене ме привлекува доаѓа од внатрешноста, од душата, од енергијата која ја зрачи еден човек. Ведрината, задоволството, среќата се оние нешта кои ме освојуваат. Ме привлекуваат и уживам да бидам во друштво со луѓе кои зрачат радост за животот и кои знаат како себеси да се направат среќни. Сакам прагматичност. Животот е да се ужива и не сакам луѓе кои гледаат проблеми во сѐ, дури и таму каде што не постојат.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
М. Л.: Не знам колку е точна и констатацијата за таинственоста на жените. Нема потреба од таинственост. Сметам дека отворената комуникација е пресудна за квалитетен партнерски однос. Никој никому не може и не треба да чита мисли. Фер е да се каже што сакаме, а што не, што ни пречи, а што ни годи. Сметам дека прикривањето на вистинската природа на долг рок може само да му наштети на односот. Полека треба да се надминуваат овие родови стереотипи а пропо теоријата „мажите се од Марс, а жените од Венера“. Сум видела многу мажи кои се покажале како тотално неспособни да се носат со животните обврски и се поставиле во „паразитска“ позиција, настојувајќи максимално да ги искористат своите партнерки. Од друга страна, сè повеќе жени се докажуваат како успешни на сите полиња, и професионално и приватно. Затоа не би сакала да генерализирам. Да ги цениме мажите и жените според квалитетот и атрибутите на нивната личност, а не според родова, етничка, верска или друга основа.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
М. Л.:По дефиниција мачо е маж кој претерано агресивно ја наметнува својата машкост. Можеби на некои жени им одговараат таков тип мажи, но јас до себе би сакала нешто поинакво. Ајде да излеземе од пештерите. Посакувам партнер кој, како што ни отпеа Балашевиќ, ќе биде „мој љубовник, соборец и мој најдобар пријател“. За мене пресудна е енергетската компатибилност, сродноста, сличните погледи на суштинските работи во животот. Никој над никого не треба да доминира, ниту да ограничува нечија индивидуалност. Давам предност на рамноправноста и почитувањето во партнерскиот однос. Сакам врска исполнета со љубов, грижа еден за друг, разбирање и пред сè, искреност.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
М. Л.:Кај мажите ми се допаѓа ненаметливата интелигенција, ведрината и емотивноста. Ми се допаѓаат мажи кои се стабилни, реализирани, одговорни, зрели и знаат што сакаат од животот. Не сакам егоцентризам, наметнување, манипулации. Партнерството го сфаќам како заемно уживање, однос во кој партнерите ќе се поддржуваат, развиваат и растат, давајќи си емоционална поткрепа и во добро и во лошо.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
М. Л.:Навистина не можам да издвојам некого со конкретен идентитет. Како што реков, сакам зрели, реализирани мажи кои знаат да се посветат на врската, да веруваат во заедништвото и искрено да уживаат во партнерскиот однос, кои точно знаат зошто до себе ја имаат партнерката која ја имаат и се чувствуваат среќни и исполнети во тоа партнерство.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
М. Л.:Апсолутно да. Не секое пријателство започнува криејќи во себе латентен љубовен однос. Напротив. За љубовен однос треба „хемија“ и енергетска привлечност. За пријателството, пак, меѓу маж и жена е потребно нешто друго - чисто срце, искреност, пријателска грижа, лојалност. Имам неколку машки пријатели кои ги чувствувам како браќа, кои ми кажале и покажале дека, без оглед на сè, тука се за мене и можам да се потпрам на нив кога животните бури премногу ќе ме скршат. Но, и да се радуваме на заедничките радости . Партнерските врски пропаѓаат, пријателството, она вистинското, опстојува. Тоа е бесценето.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
М. Л.:Во стручната литература од областа на психологијата се посочува дека спротивностите се идеална основа за успешен партнерски, па и брачен однос. Едновремено истоветноста може да биде предизпозиција за партнерскиот однос, а набрзо да стане монотон и досаден. Моето мислење базирано на животното искуство е токму спротивното. Преголемите разлики неминовно ќе ги оддалечат партнерите еден од друг. Убаво е да постојат и разлики, но, доколку сличностите или она што нè врзува е премалку, тогаш која е поентата да се биде заедно!? Доколку сè што на едниот во врската му значи, а на другиот не, каде ќе биде нишката на поврзување!? Зар врската треба да се сведе на тоа секој сам да си прави работи за себе, само колку да се каже „имам партнер“!? Во ваква врска партнерите не се сами, но се осамени. Исто така не верувам во наметнување агенди кои само едниот ги сака, а другиот мора да ги испочитува и да се прилагоди и така - преку „жртвување“ да ја покаже својата љубов. Апсолутно не сум согласна никој за никого да прави „жртви“. Да ги правиме работите исклучиво од љубов и заеднички да уживаме во нив.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
М. Л.:Веќе подолг период не сум во партнерска врска. Излегов од пеколно лоша врска и сè уште уживам сама во сите благодати кои ми ги носи слободата и независноста. Затоа можеби и не сум најкомпетентна да одговорам на ова прашање. Жените кои успеале да се одржат во долг, успешен партнерски однос би можеле да кажат што е „тајната“. Толеранцијата е важна, но и тука сметам дека е премногу индивидуално - за едни партнери може да се толерира една работа, за други не. Најважно во секоја врска е да се најде оптималниот модус операнди. За себе знам каков партнер би сакала, но само ако судбината ме спои со човек кој го дели мојот светоглед и сака да бидеме заедно исклучиво заради љубов, поддршка, уживање.
* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
М. Л.:Воопшто не се согласувам со оваа поделба. Јазовите по родова основа се огромни и кај нас и во светот и треба уште многу да работиме на искоренување на родовите стереотипи, поттикнати од социјалните улоги кои со векови ги играле мажите и жените. Жените можат да имаат исклучително големи професионални успеси и успешни кариери. Нивната улога не е исклучиво да се грижат за домот и семејството. Од друга страна, мажите се подеднакво добри и грижливи партнери и татковци и подеднакво успешно можат да ги исполнуваат обврските во домот. И жените и мажите подеднакво треба да придонесуваат, заемно да се поддржуваат и да се посветат на квалитетен однос кој ќе им овозможи убав и исполнет живот.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Маја Лазарова