НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ВЕРА МЕШТЕРОВИЌ
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Историски гледано, вкусовите и критериумите на луѓето, мажите првенствено за појавата или надворешниот изглед на жената се менувале, а станува очигледно дека така е и сега. Различните сфаќања за естетиката придонесоа за убавината некогаш да се нарекува и чудна. Оттаму и нееднаквите становишта за неодоливоста, гледишта за привлечноста. Денес на пример, идеалот за женската убавина е „продукт на сумблимацијата“, иако таа е неоспорна кога се работи за класичната, природната и секако - вистинската, реалната. Сепак, оценките се индивидуални, лични. Според истражувањата (најновите), неодоливоста на жената во голема мера произлегува и од нејзината страсност, од немањето потреба да ги сокрива недостатоците со мејкап, од самодовербата и самосвеста, од елоквентноста, од самостојноста, независноста, од загадочноста, од сочувствителноста, емпатијата, од неограниченоста или отвореноста за нови предизвици (идеи, луѓе, места) и од нејзината душа. Се споменува и т.н. фактор икс, нешто што не може да се дефинира, да се искаже со зборови.
Кога се Македонките во прашање, дипломираната менаџерка за царина и шпедиција - Вера Мештеровиќ, која работи и како телевизиска водителка, ги поседува буквално сите карактеристики, без исклучок. Велат: убавината е во очите на посматрачот, секој посебно. Или пак на мнозинството? Хм! којзнае... Фигурата, формата ја одржува со спорт - изменливо, согласно сезоната: теретана, пилатес, кикбокс, јога, возење точак и пешачење во планина за време на викендите, кога и чита. Особено во текот на одморот. Сака да посетува изложби, опери, театри - културно-уметнички настани, меѓу нив и модни, поврзани со фолклорот итн.
Нејзините одговори на десетте прашања од симултаното интервју за убавината и машко-женските односи, за кои неретко се водат бурни расправии, се карактеризираат со концизност. Значи куси, ама содржајни.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
В. М.:За мене пандан на женската убавина е шармот. Иако шармот е именка од машки род, одлично ја опишува и женската нота на убавината со своето значење: привлечноста, симпатичноста, допадливоста.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
В. М.:И едното и другото. Сакам кога е комплетно. Малку е неблагодарно вака поставено прашањето и лесно може да се извади од контекст,но веќе кога треба да кажам - ми значат и двете работи.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
В. М.:Се разбира, самодовербата,заштитничкиот однос во права насока.Да биде вистински животен сопатник,сродна душа, неговата благородност е особено важна,да биде сѐ - и другар,пријател и љубовник и потпора и мотивација, и во добро и во лошо...
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
В. М.:Секако дека разликата е воочлива во однесувањето на ова што го поставувате во прашањето. Јас предимство му давам на џентлменот,кавалерот.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
В. М.:Одбивно ми е насилничкото, некултурното однесување,вокабуларот кој го користи,односот кон околината, и најблиската и останатата,а сѐ што е обратно од ова - убавото однесување,зборување.., ми се допаѓа.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
В. М.:Несакам да именувам никого бидејќи, својствено на нашиот менталитет, би се извадило од контекст,па затоа, во таа насока, можам само да кажам дека се реткост, за жал.Но сепак има.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
В. М.:Можна е, јас имам школски другар кој секојпат бил другар. Сега е оженет, има две деца и ден-денеска сме супер. Тоа е моето искуство. Иако важи правилото кое го споменувате,мислам дека животот на сите ни покажал дека правила нема,сѐ е можно, и позитивно и негативно искуство. Она што е важно е дека со било што да сме се соочиле, во сите случаи сме победници, научувајќи нешто.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
В. М.:Можеби до одредена мера,но не премногу - тогаш е спротивно,така мислам. Она што ја одржува врската долга е љубовта,почитувањето, прифаќањето, разбирањето.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
В. М.:Да, толерантноста,почитта,балансот, прифаќањето, разбирањето,а не менувањетоод страна на партнерот.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
В. М.:За мене генерално непостои машка/женска работа, животот нѐучи дека ќе се најдеме во дадена позиција кога условно ќе завршиме „машка“ работа и обратно. За мене надополнувањето,помагањето е тимска работа, тогаш сѐ е лесно и можно.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Вера Мештеровиќ