Непроценливо: Македонија има висечки мостови како во Индијана Џонс
Висечките мостови се едени од најстарите типови мостови. Тие се изградени уште од неолитот, за кои се користеле цврсти растенија како ортоми кои го држат мостот, направен исклучиво од дрва, претежно необработени даски. Многу поцврста градба започна да се гради во Индија околу 4 век, за кој се користеле бамбуси, а подоцна железни ланци како потпори.
Сите се сеќаваме на авантиристичкиот филм Индијана Џонс или филмови со џунгли. Токму таму имаше изобилство од вакви пешачко- висечки мостови. А ги има и секаде во светот, најчесто нестабилни и често многу опасни при преминување.
И кај нас постојат. Толку се интересни, што би било вистинска штета да не постанат атракција. Но негрижата на ваквите раритети си го прави своето, а забот на времето е немилосрден.
Пешачките висечки мостови барем овде обично се користат во подалечни, зафрлени или изолирани области, каде е нерационална или невозможна градба на посовремен мост.
Во Македонија има преку 100 пешачко-висечки мостови. Изградени се од локалното население и користени како единствен начин за премин преку река. Ги има на Вардар, Црна Река – раштркани низ Мариово, на реката Треска, на реката Радика...
Најатрактивниот пешачки висечки мост во Македонија се наоѓа на реката Вардар кај железничката станица Пчиња, кај вливот на реката Пчиња во Вардар. Овој мост е долг 53 м.и направен од даски и челични сајли. Неколку километри низводно во Таорската Клисура има уште еден атрактивен пешачки висечки мост со речиси иста должина и градба како претходниот. Тој во моментот е единствената директна врска меѓу селата Слп и Сопот од двете страни на реката. За овој мост се пишуваше дека е во многу лоша состојба и дека мора под итно да се превземе нешто.
Неколку помали висечки мостови на Вардар има помеѓу селата Рашче и Радуша и нивната должина е од 25 до 35 м. Модерен висечки мост на реката Вардар има помеѓу Ѓорче Петров и селото Крушопек, во должина од 52 м, а поатрактивен е висечкиот мост кон с.Лака 1,5 км низводно, долг 48 м. Неодамна, преку реката Блашница, односно кај нејзиниот влив во Тиквешко Езеро е направен интересен и атрактивен помал (10 м) висечки мост, кој е врска со селото Клиново. Во овој простор има уште неколку висечки мостови на Црна Река, меѓутоа дел од нив се веќе неупотребливи, бидејќи поради раселеноста никој не ги користи подолго време.
Нешто подолг висечки мост е изграден на реката Треска кај с. Шишево (околу 25 м) како пешачки премин кон другата страна на реката. Сите споменати, но и други висечки мостови треба да се стават во туристичка функција, а оние запуштените, доколку се атрактивни и со можност за посета, треба да се обноват и промовираат во туристички цели.
Инаку, за најопасен пешачко- висечки мост на светот се смета оној на реката Хунза кај селото Хусеини во северен Пакистан, долг околу 160 м.