Неверојатно: Зачувани неврони кај жртва на ерупцијата на Везув пред 2000 години
"Нашето откритие е без преседан. Изгледа дека ерупцијата ги „замрзнала" мозочните клетки на жртвата и тие преживеале 2.000 години", изјави Пјер Паоло Петроне, форензичар и антрополог на Универзитетот Федерико Втори во Неапол.
Имено, Италијанските археолози, по 2000 години од ерупцијата на Везув, што се случила во 79 година н.е., откриле „совршено зачувани неврони“ кај една од жртвите на ерупцијата, пишува Live Science.
Ова спектакуларно откритие е вредно не само затоа што е археолошка реткост, туку и затоа што овозможува детално да се утврдат сите фази на вулканската ерупција и, споредувајќи ги со пишаните документи и сведоштва на современиците, да утврди што и како навистина им се случило на жртвите на вулканската ерупција.
„Резултатите од студијата покажуваат дека процесот на витрификација што се случил во Херкуланеум, антички град во подножјето на планината Везув, е многу уникатен бидејќи ги замрзнал нервните структури на мозокот на жртвата, 20-годишно момче, што ги оставило недопрени“, објасни Петроне.
Структурата на мозочните клетки сè уште е видлива во црниот материјал пронајден во черепот на жртвата. Научниците го објавија ова во списанието Plos One, со објаснување дека застаклувањето се случило како резултат на екстремното загревање и брзото ладење.
Откривањето на сочувано мозочно ткиво во археологијата е ретко, но во некои случаи сепак може да се зачува стотици или илјадници години.
На пример, научниците пронашле добро сочуван мамутски мозок во мраз, благодарение на екстремно ниските температури.
Черепот стар 2600 години со остатоци од мозок кој содржел некои уште недопрени протеини бил пронајден во една пештера во северна Англија. Се претпоставува дека киселите хемикалии од околната глина успеале да го запрат распаѓањето.
„Врз основа на ова откритие и врз основа на реконструкцијата на минатото, можеме да предвидиме и утврдиме мерки за заштита од идни ерупции на кој било вулкан во светот“, рече проф. Петроне.