Никола, биди и остани свој без оглед дали Пандев, Лазаров и Антиќ добиваат поголема општествена поткрепа од тебе: Тони Стојановски

Фантастичен како и секогаш. До овој заклучок ќе дојдете ако ги следите натпреварите на македонската одбојкарска репрезентација на Европското првенство во Тампере, Финска, а ги коментира Тони Стојановски, новинар во МРТВ.

Одбојката ја „носи во мал прст“, покажува емоции кога е потребно, сурово реален е кога е во прашање играта на нашите одбојкари и организацијата на првенството.

Интервјуто го правевме по поразот на Македонија од Турција.

ММ: Покрај разочарувањето за третиот пораз на нашата репрезентација, кај љубителите на одбојката останаа да лебдат во воздух повеќе прашања, меѓу кои „како може првиот сет да се одигра одлично, а остатаните два без концентрација, енергија, желба“. Кој е вашиот одговор?

-Навистина е тешко да се разбере и да се пренесе до јавноста вистинската причина за слабата игра на македонските одбојкари. Бев дел од Европското првенство во 2019 кога исто така не се пласиравме во вториот круг, но остваривме две победи, меѓу нив и онаа над континенталниот вицепрвак Словенија, така што целиот впечаток од нашиот дебитантски настап на големата сцена беше позитивен. Ова е иста репрезентација, иста фамилија, но според мене, играчите не се свои. Можеби затоа што двете години пауза меѓу тогаш и сега носат искуство, но го спречуваат телото да издржи. Можеби затоа што во тимот ја нема препознатливата кохезија откако се создадоа недоразбирањата на релација раководство – капитен поради селекторската промена. Можеби затоа што сите пребавно влегоа во подготвителниот период, па тоа се гледа сега. Можеби загубија драгоцено време, можеби се уште не можат да се исправат пред страничните ветришта верувајќи дека некому не му се оддолжиле за клупските ангажмани. А, можеби затоа што едноставно толку можат. За мене поразите не се проблем ако се земе предвид целата одбојкарска, спортска и општествена рамка кај нас, успех над очекувањата се двата пласмана на европските првенства, а загарантирано ни е учеството и во 2023. Но, очекував повеќе во смисла на тоа дека ќе му дадеме достоен отпор секому иако објективно, сите се посилни од нас.

Скромноста и одмереноста се основни одлики на македонската одбојка

ММ:Какво е расположението кај одбојкарите? Дали капитенот е најразочаран бидејќи најави дека на ова првенство ќе ја покажеме вистинската сила?

-Не би сакал да зборувам за чувствата на другите, тоа ќе го направи секој за себе. Но, можам отворено да го соопштам мојот впечаток. Да, се разбира дека е разочаран. Тој е голем играч, со импресивна кариера за македонски простори, тој е еден од ретките македонски спортисти којшто успеа да биде во врвот во колективен спорт повеќе од деценија. Отворено сум ја бранел тезата дека Никола Ѓорѓиев е еден од најдобрите и се уште тврдам дека неговите постигнувања се на рамниште на некои други ѕвезди. Но, во нашата приватна комуникација му дадов еден совет, којшто сметам дека ќе му биде корисен, а сега ќе го направам тоа јавно. Никола, биди и остани свој без оглед дали Пандев, Лазаров и Антиќ добиваат поголема општествена поткрепа од тебе. Не заборавај дека скромноста и одмереноста се основни одлики на македонската одбојка! А за мене ти си голем, токму поради овие карактеристики. 

ММ:Во вашите коментари особено, не го криете разочарувањето од настаните зад терените и сте сурово реални во оценките. Какви организатори се Финците, што најмногу им забележувате?

-Ова е прашање за повторно да бидам ставен во некаков општествено-политички контекст (ха,ха,ха). Ова е тешко време поради здравствената ситуација, за тоа нема збор. Но кога доаѓате во земја којашто е членка на Европската унија, а нели ние сме подготвени да ја продадеме душата за да влеземе во тоа друштво, тогаш очекувате да научите нешто и да ги почувствувате благодетите од работа во организирана средина. Тоа во Финска на релација хотел-автобус-сала, не успеав да го видам. Ќе илустрирам со примери, така ќе биде најдобро. Ако во услови на корона правите затворен систем со постојани тестирања за да ја намалите можноста некој да се зарази, а со тоа да го доведете во прашање натпреварувањето, тогаш треба да имате вистински затворен систем: да не влегуваат неодбојкарски луѓе во хотелот, секоја репрезентација да има сопствен кат каде што ќе престојува, да има различна просторија каде што ќе бидат послужувани оброците. Недозволиво е домаќинот да организира тестирање надвор од хотелот во 8.30 изутрина на ден на најважниот натпревар на Македонија, резултатите од ПСР тестирањата кај некои играчи да стигнуваат по 46,5 часа од земениот примерок итн. Ја критикувам и логиката во справувањето со здравствената ситација, но тој хаос постои генерално насекаде.

ММ: Кои нивни потези и постапки директно влијаеа врз психолошката ситуација на одбојкарите и репрезентацијата воопшто?

-Мислам дека одговорот на ова прашање го допревме претходно, па еве само уште една информација. Нашиот играч Стојан Илиев доби позитивен тест, па беше изолиран во четвртокот изутрина. Откако финските здравствени власти повторно го тестираа истиот примерок, заклучија дека е лажно позитивен и го пуштија од изолација. Тој вечерта тренираше со соиграчите, беше во автобус со нив, во соба со свој колега, беше на ручек и на вечера во иста просторија со другите репрезентации, а откако наредниот ден Васе Михаилов доби позитивен тест по 46,5 часа од истото тестирање направено на први септември, двајцата беа тестирани повторно. Илиев беше негативен, а властите му одредија карантин од 10 дена почнувајќи од денот на првото тестирање!!! Илиев има лажно позитивен ПЦР тест (оценет од финските власти), негативен ПСР тест и два негативни брзи теста, а е во изолација. За мене нема никаква логика.

ММ:Какви се условите за работа на новинарите?

-За мене условите се во ред. Да не бидам погрешно сфатен или да не останам недоискажан, организаторите ги прават сите напори да се соочат со предизвиците, со напомена дека не ги прифаќаат сугестиите и за очигледно подобрите решенија. Во врска со мојата коментаторска работа, ги имам сите услови, но за нив Македонската радиотелевизија плаќа. Оттука, никому не му одговара коментаторите да не бидат услужени. Луѓето од фирмата Инфронт којашто е задолжена за телевизиската продукција соработуваат професионално, а тоа важи и за делот од организацијата задолжен за новинарите-коментаторите. За тоа немам никаква крупна забелешка.

Предизвик ми е хокеј на мраз

ММ: Како би го опишале Тампере? Дали тамошната публика е голем љубител на одбојката?

-Тампере како град можам да го опишам само од погледот од прозорците во хотелската соба и од автобусот. Ми изгледа дека е чист, среден, урбанизиран град, нема сообраќаен метеж што значи дека одлично е планиран, а тоа значи дека градежната мафија ја губи битката. Воздухот е чист, има многу паркови и зеленило, никој никаде не брза, не вози со брзина над дозволената, а времето е променливо, понекогаш депресивно. Публиката во сала е културна, ги почитува химните на гостинските репрезентации, главно сите се во сино-бели дресови, создаваат убава слика, но не се бучни како нашите навивачи. Немаат навивачки песни, не скандираат, туку чекаат насоки од спикерот во салата. 

ММ: Кои се вашите предвидувања за ова првенство, меѓу кои репрезентации ќе се води битката за тронот? 

-Да бидам искрен, не гледав ниту еден натпревар од Европското првенство 2021, освен овие во Тампере коишто ги коментирам. Мислам дека прв фаворит е Полска, која игра на домашен терен, а таа предност ја искористи на Светското првенство 2014. Бранителот на тронот, Србија, секако дека не може да се отпише, мислам дека тука некаде ќе биде Франција, која во Токио изненади со олимписко злато, како и Словенија, која одигра одлично во Светската лига на нации, а потоа можеше да одмори затоа што не беше учесник на Олимпијадата. Свежината на играчите ќе биде многу важна, дури и решавачка. Ќе биде интересно да се види дали Клиука ќе може да ја предводи Русија до врвот на нестандардна позиција за него со оглед дека игра коректор на местото на Михаилов.

ММ:Сте застанале зад коментаторското столче на многу натпревари од различни спортови. Дали одбојката ви е најголем предизвик?

-Одбојката ја засакав искрено во последните 6-7 години и сега ми е огромен предизвик, не само кога ја работам Македонија, туку воопшто. Уживам во неа, тоа е исклучително атрактивен спорт, еден од оние коишто се многу различни кога се гледаат на телевизија и во живо. И навистина се радувам што публиката веќе ме препознава како одбојкарски коментатор. Да можам, би коментирал само одбојка и фудбал, а со задоволство би ја препуштил кошарката на колегите. Во ракометот не сум одамна и не ми е жал, а од професионалните предизвици имам уште еден во врска со хокејот на мраз. Доколку ми се исполни во блиска иднина, можеби ќе постапам според зборовите на Черчил: „новинарството е најубава професија ако знаете кога да го напуштите“. Знам дека не мислел на спортското коментаторство коешто според многу параметри излегува од стандардните новинарски рамки и нежно, а понекогаш и грубо допира други области, но неговата мисла, одвреме-навреме, ние новинарите треба да ја имаме на ум правејќи ја сопствената интроспекција за тоа дали доволно придонесовме за да биде подобро за сите. А тоа треба да биде наша основна задача, нели? 

Соња Алексоска Неделковска