,

Никола Мицевски: Круг е магија снимена под Колешинските водопади

„Животот е "Круг" исполнет со разни нешта. Секој нареден почеток е ист како претходниот, но секој пат искуството (каменот) е поголемо и тоа не води кон врвот на тоа што сакаме да го имаме и постигнеме“- напиша композиторот Никола Мицевски на социјалните мрежи.

Икслучително талентираниот композитор кој својата душа ја става во секое парче композиција, во секоја нота, во секоја изведба, го промовираше видеото за својот прв сингл Круг како најава за првиот албум. Македонскиот композитор на сцена се наметна со своите добро исткаени ноти.

Публиката тоа добро го распознава, идентификувајќи се со музичките приказни, ги присвојува како свои и со нетрпение го очекува секој следен негов проект.

Внимателно и добро осмислено, хармонијата од неговото срце ја раскажа низ многубројните албуми, композиции, настапи, концерти. Во текот на годините за повеќе македонски изведувачи, а сега на публиката и го дарува она што таа најмногу го очекуваше, негов албум.

Во времето на светска пандемија кога многу работи паузираа, за еден од најталентираните македонски композитори, донесе креативна работа на нови проекти. Она што одамна го очекувавме ја доживува својата премиера.

Ние разговаравме со него, кој како и во својата музика така и својата душа искрено ја отвори во разговорот кој следува.

Н.М. КРУГ е мојот прв сингл со кој го најавувам мојот албум со авторска инструментална музика. Во неа е собрано би рекол целото мое досегашно музичко и животно искуство. Музички би го дефинирал како спој на повеќе популарни правци "зачинето" со еден "македонски дух" на моменти. Впрочем тоа сум јас, по тоа се препознатливи моите композиции, аранжмани. Генерално е парче музика во која клавирот и гитарата се водечки инструменти, поткрепени од дваесетина други инструменти и заедно создаваат еден синфониски, епски звук. Видеото пак е генијално парче филм на Даниел Јовески. Потрошивме неколку месеци на создавањето, снимањето, монтажата но би рекол вредеше да се чека! Приказна во која секој човек може да се пронајде, тоа е животниот пат на секој. Како поминува животот секој од нас носи поголем товар, поголемо животно искуство и тоа не прави посилни за да чекориме силно кон врвот, кон тоа што го сакаме! 

Какви музички приказни албумот ќе ни раскаже?

Н.М. Албумот ќе се вика "New Era". Во основа целиот албум е "World fusion", со богати мелодии, солистички парчиња и синфониска, филмска оркестрација. Тоа е стил кој отсекогаш ме инспирирал и ме водел.

Димензија плус на видеото му даде Даниел Јовески.

Екипата која работеше на овој музички проект е составена од: Дејан Момироски ( ХL студио), Кристијан Теодоров, Кире Јовески, Ристе Филипов, Филип Четкар, улоги- Михаил Талев, Мендо Велјаноски, Андреј Димоски, Јулија Митревска, за костимографијата беа задолжени- Андреј Папаз Ѓоргиевски и Даниел Јовески, дизајнот на постерот е на Мартин Филиповски.

Тука се и музичарите:

Владимир Крстев, Илија Филиповски, Марија Трајковска, Емил Чичоновски, Верица Ајтовска, Дијана Мирчевска,

Зоран Костадиновски, Благоја Антовски.

За соработката со добро познатите креативци Мицевски вели: „На албумот имам многу мои долгогодишни но и нови соработници. Секој си дава своја енергија, свој печат. Сите се среќни за нашата соработка и тоа е најважното за еден автор“. 

 Освен на својот албум, Никола последниот период, интензивно работеше на албумите на своите колеги меѓу кои Ѓоко Танески, Next time и други.

Н.М.- Со Некст Тајм конечно го завршивме албумот, едно грандиозно дело кое бара многу време и посветеност. Обработување на стара македонска музика е комплексна и одговорна работа. Нашата задача е на таа музика, тие песни да им дадеме друга димензија и при тоа да ги доближеме до публиката. На тој начин ја негуваме и го продолжуваме нејзиниот век. Покрај тој албум, работам на уште неколку други за наши изведувачи. Некои се најавени, некои треба да се најават во периодот кој следува. 

Започна со создавање композиции и песни за албумот на Наум Петрески, па албумите за Каролина Гочева и многу други. За кои македонски изведувачи се, ги потпишуваш композициите ?

Н.М. Сум соработувал со многу изведувачи од земјава. Секогаш со секој кој сум работел, сум давал максимум, сум оставал дел од себе, сЕ со цел позади нас да се остави што повеќе вредна македонска музика која треба да се пренесува на следните генерации. За Каролина ги направив најдобрите мои песни до сега кои оставија силен впечаток кај публиката и одбележаа еден период од нашата музика. Ветуваме дека во иднина ќе направиме уште многу:-) .Исто така имам тесна соработка со неколки изведувачи од Србија и Турција.

Тука се и младите изведувачи.

Н.М. Во моментов работам и со неколку млади и многу квалитетни изведувачи кои имаат материјал во нив за да станат големи и многу познати! Никола Зацевски, Тамара Стојковска, Агни Авшар и тн. се една плејада на млади изведувачи за кои допрва ќе слуша публиката. 

Колку беше предизвик да се работи во време на пандемија?

Н.М. Па искрено, некако карантинот и затварањето по дома, некако и добро ми дојде. Конечно имав време за работа толку колку што секогаш сум посакувал. Така да, максимум го искористив тоа време. 

Од она што музичката критика го кажува, а и публиката, се чини дека успешно пловиш низ повеќе музички жанрови.  Кој од нив ти е најголем предизвик?

Н.М. Па како што кажав, сакам да експериментирам, сакам да истражувам, да комбинирам повеќе правци. Не би рекол дека некој ми е повеќе омилен од друг.. Можеби во иднина некој ќе ми стане омилен, не знам.

За својата работа Мицевски е добитник и  на награди и признанија.

Да споменеме дел од  нив и што истите значат за тебе?

Н.М. Наградите и признанијата се секогаш добри за некој кој твори и работи. Сум добивал многу фестивалски награди во минатото. За жал кај нас не постојат манифестации каде што вистински се наградуваат делата, музичките работници.. Но, во секој случај, позитивната реакција на публиката за мене секогаш ќе биде најголема и најзначајна награда.

Македонските традиционални песни Мицевски ги обработува на свој карактеристичен начин, добро претходно осмислен и вметнат од стара приказна реинкарнирана во ново руво. Македонскиот ритам пулсира од самиот момент штом ќе седне на клавирското столче, а публиката занемува. Не дише, само за да го изедначи ритамот на своето срце со она на композициите на Мицевски.

И повторно, ненаметливо ја остава музиката да зборува место него.

Видеото Круг изобилува со филмска магија. Никола работеше и на музиката на филмот Боите на Преспа, кој ја имаше својата премиера на фестивалот Браќа Манаки, но работеше музика и театарска претстава. Да проговориме нешто повеќе за овие проекти и дали имаме на повидок нова соработка за филмска музика?

Н.М. Да, точно е тоа дека на моменти во Круг се слуша еден филмски призвук. Впрочем и целиот албум за Некст Тајм е со таков филмски шмек. Тоа некако многу ме мотивира и го сакам. До сега сум работел музика за неколку документарни филмови и театарски претстави. Тоа е друга димензија и доживување. Во моментов работам на дел од музика за еден македонски филм во странска продукција, за кој исто така ја работам одјавната песна на филмот. Моментално сум во преговори со две три филмски продукции и режисери за соработка. Времето ќе покаже што од сето тоа.

Неговата генерација од средното музичко во Битола, но и онаа од Факултетот за музичка уметност во Скопје, е како предодредена за успех. Соработки кои влечат цврсти корени и сеуште траат. Од школските концерти за време на екскурзиите и одморите во училиштето, до настапите со група Фонтана, концертите со македонската Филхармонија, концертите со Каролина Гочева, едно е сигурно, Никола Мицевски скромно и ненаметливо се наметна на музичката сцена, оставајќи трага во сечие срце, емоции разбудени преку една од најголемите магии во светот-музиката.

Што музичкото образование значи за тебе?

Н.М. Музичкото образование ми значи многу, како и на секој кој се занимава професионално. Јас ја имав таа среќа да ми бидат професори и ментори едни од најдобрите кај нас и пошироко. Исто така, посетувањето на повеќе меѓународни семинари и дружба со неколку познати професори по композиција, за мене значи многу. Знаењето и "занаетскиот дел" стекнато од образованието е значаен дел во мојата музичка кариера .

Ги споменавме соработките со младите музичари. Кој би бил твојот совет за сите оние кои сакаат да ја откријат тајната на музичката сцена и магија?

Н.М. Мој совет кон секој што сака да се занимава со музика е да се посвети максимално, да се образова, да слуша, да анализира, и секогаш тоа да го прави со многу љубов и позитивна енергија затоа што тоа публиката најповеќе го препознава.

Видеото е снимано на планините околу Прилеп и Охрид, а делот на Никола на Колешинските водопади.

https://youtu.be/9GVv3RKJLMc

Неда Маретиќ

Фотограф: Кристијан Теодоров