Ниту снегот, ниту штрајкот не ги спречи: Навивачите без пауза патуваа 27 часа до Диселдорф да ги бодрат ракометарите

Нашата ракометна репрезентација и на европскотото првенство во Германија има поддршка од македонските навивачи, кои пристигнаа вчера, во попладневните часови во Диселдорф, Германија. 

Нивно зборно место беше „Меркур Шпил Арена“ и веднаш го привлекоа вниманието со навивачките песнии скандирање на името на нашата држава. Мирослав Попоски, еден од најверните и најстратвените љубители на ракометот, вели дека натпреварот помеѓу Македонија и Франција, е највозбудливото навивачко искуство досега. 

- Патувавме 27 часа до Диселдорф со автобус. Но, заборавивме веднаш на уморот. Да се следи натпревар на фудбалски стадион, адаптиран во ракометна сала, опкружени со околу 60.000 луѓе е највозбудливото нешто што досега сум го доживеал. Сите присуствуваме на историски натпревар и ни беше голема чест и овојпат да го вееме македонското знаме и да го скандираме името на нашата земја. Посебно не направија среќни и ракометарите кои во првото полувреме достојно и парираа на Франција, една од најдобрите репрезентации во светот- посочува Попоски кој со останатите навивачи денеска пристигна во Берлин, за да ги проследат преостанатите два натпревари на македонските ракометари.

- Во Диселдорф бевме околу 300 навивачи, но се очекуваа таа бројка да се зголеми во Берлин. Од комуникацијата со ракометарите дознавме дека има големо расположение во репрезентацијата, поради солидната игра со Франција. Тоа ни е мотив да веруваме дека можни се и пријатни изненадувања- открива Попоски

Наце Митев кој живее во Германија со свој автомобил тргнал за Диселдорф од Македонија каде што престојувал за празниците. Патувал 24 часа без пауза за да стигне на синоќешниот натпеварар. Тој е еден од навивачите кои никогаш не ја оставаат македонската репрезентација без поддршка, каде и да настапува. 

-Живеам во близина на Манхајм. Кога стигнав дома само малку се одморив и возев уште три часа до Диселдорф. Со мене беа и неколку пријатели. Поради штрајковите без затворени неколку автопати, но за среќа патот по кој возевме беше слободен. Бидејќи има штрајк и во јавниот превоз, беше претешко да се стаса до стадионот. Истото се случи и кога заврши натпреварот. – вели Митев

Европската ракометна федерација (ЕХФ) потврди дека премиерниот натпревар на Европското првенство помеѓу Македонија и Франција го следеле рекордни 53.586 гледачи.

Германија и „Меркур Шпил Арената“ влегоа во ракометните анали. Адаптацијата на стадионот во Диселдорф во ракометна Арена се покажа како вистински погодок, а рекордната бројка останува запишана во историјата. Франција ја совлада Македонија со резултат 39 :29.

С.А.Н

Галерија: