Новиот воспитно-образовен комплет „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска ја поттикнува љубовта на децата кон читањето

Со мисија да им помогне на децата во првите чекори во самостојно читање, како и да даде значајна поддршка на наставниците за време на часовите, професорката по одделенска настава Деспина Мукоска го креира проектот „Мојата прва библиотека“. Новиот воспитно-образовен комплет со 31 книга за почетно читање, е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Изданието за деца е илустрирано од Калиопи Трпчева.

Комплетот беше промовиран вчера (20 март), во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во присуство на многубројни наставници, читатели и претставници на медиумите. Промотори беа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и Владанка Д. Миче, а во улога на модератор беше Татјана Димовска-Атанасова од „Арс Ламина“.

„Мојата прва библиотека“ го учи најмладиот читател-почетник како самостојно да научи да чита и истовремено да ја развива љубовта кон читањето. Претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат во училиште.

- Креирањето на „Мојата прва библиотека“ претставува плод на мојата многу прагматична потреба и неопходност да ги описменам моите ученици на мајчин јазик „сега и веднаш“, а во еден меѓународен образовен амбиент, каде што учениците веќе беа сериозно навикнати на шаренилото од извори/ресурси за учење... Моите размислувања на оваа тема, всушност, почнуваат во мојот преднаставен период, кога за време на моите патувања се најдов во четири меѓународни училници: во Њујорк и Хјустон (САД), Виена (Австрија) и Ксајмен (Кина).  Таму се запознав со концептот - книга наместо збиен текст на една страница и со концептот - читање на соодветно читателско ниво и постоење на сетови - книги на различни читателски нивоа... Подоцна, преку мојата работа како наставник ја согледав неопходноста за создавање не само книги за почетно читање на македонски јазик туку и цел пакет - книги на нивоа, но и национална програма за читање, како и соодветни инструменти за следење и јакнење на читателските навики... Од позицијата на учителка во основно образование бев немоќна да мобилизирам соодветен тим - луѓе со коишто заедно би го искреирале целиот неопходен пакет, но одлучив да ги засукам ракавите и да почнам од она што самостојно можам да го направам. Преку многу истражувања, со неколку различни буквари распослани на мојата работна маса, дојдов до идеалниот фонетски приод, а тоа е оној на проф. д-р Ѓорѓи Делчев и така почнав да ги градам првите едносложни зборови од коишто во недостиг да се создаде приказна со само три букви, почнав да создавам слики во мојот ум, кои постепено ги преточував во секојдневни детски ситуации. Постојано водев сметка за тоа во кој момент едносложните зборови ќе преминат во двосложни, а потоа повеќесложни и постепено почнав да го градам црвеното, жолтото и најпосле зеленото ниво, па така го искреирав принципот „семафор“, а со цел да ги поврзам нивоата со нешто блиско и препознатливо за децата. Накратко, „Мојата прва библиотека“ промовира наставен приод, којшто од своја страна го обединува најдоброто од досега понуденото на едукативниот излог - рече авторката Деспина Мукоска, која е наставник по македонски јазик во меѓународни училишта НОВА.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска истакна дека една од педагошките цели е младиот читател да добие чувство дека прочитал книга, а следствено и мотивација да продолжи со читање на наредната книга.
- Секоја книга од комплетот „Мојата прва библиотека“, а ги има 31 колку што има и букви во македонската азбука, нуди добро обмислена игра на зборови, едно претопување на случки, ситуации во кои детето може да се (с)најде. Некои од нив отвораат и мала животна тајна проткаена со игриви нијанси и скоро секогаш оптимистички перспективи. Едицијата „Мојата прва библиотека“, како исклучително креативна и педагошки убаво осмислена, ќе го олесни самиот чин на совладување на читањето. Понудените книги ќе му помогнат на детето да научи да чита, да почне и самото да ги прочитува и да осознава и спознава слики, да ги чита приказничките врзани со секоја 31 буква, да го чита она што до пред извесно време му го читаше некој друг. И така низ игра да ги научи буквите и да го совлада читањето. Но, и да почне да ужива во самото читање - рече Мојсова-Чепишевска.

Книгите во сетот се читаат по редослед, од книга 1 кон книга 31, следејќи ги трите нивоа: црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица. Со овие сликовници се создава поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина. Со совладување на секоја буква и текст од сликовниците, детето има чувство дека прочитало цела книга. Детето на тој начин ја гради, чекор по чекор, својата прва библиотека, составена од првите книги кои може самостојно да ги прочита.

Проф. д–р Јасмина Делчева-Диздаревиќ нагласи дека „Мојата прва библиотека“ има цел да го воведе детето во првата писменост.
- Најнапред преку соодветните илустрации (од картичките, постерите и сликовниците) тоа ќе се запознае со многу предмети и појави од блиската околина и пошироко, што лесно ќе ги идентификува и ќе ги именува. Со тоа се создаваат можности да се збогатува детското сознание со нови поими, а речникот со нови зборови. Покрај тоа, со именувањето на буквите се вежба правилниот изговор на гласовите, како и распознавањето на буквите. Редоследот на воведување на буквите е според методот кој прв го примени Ѓорѓи Делчев во македонскиот буквар, а кој е базиран на неговото истражување за фреквенцијата на буквите во македонскиот јазик. Тоа подразбира дека веќе со неколку изучени букви детето ќе може да чита зборови, а потоа и кратки реченици. Овие сликовници паралелно можат да се применат и во училиште и дома, од причини што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение - рече таа.

Овие книги паралелно можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение. 

Владанка Д. Миче, која е одделенска наставничка во ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ – Скопје, вели дека овој воспитно-образовен комплет може и треба да го има во секоја училница и  школска библиотека.
 - Начинот на изучувањето на печатните букви по редоследот А, Н, Е, М, И, С, Т, О, В... според д-р Ѓорѓи Делчев е долго време во употреба и има оставено длабок печат врз многу првачиња. Овој начин овозможува паралелно поттикнување на пишувањето и на читањето. Во усвојувањето на првата група печатни букви учениците читаат зборови и со елементарна јазична анализа и лесно стигнуваат до новиот глас, го изговараат и се запознаваат со неговиот писмен знак (буква). Ваквиот начин на изучување на буквите има значајна улога во описменувањето на учениците, а тој се темели на основните дидактички принципи за изработка на разни дидактички помагала (книги, вежбанки, сликовници....) за почетно пишување и почетно читање - рече таа.

Комплетот „Мојата прва библиотека“ визуелно е збогатен со цртежи од илустраторката на книги за деца Калиопи Трпчева. Таа вели дека со задоволство визуелно ги „оживеала“ 31-та приказна во оваа публикација.
- Да се работи на вака значајно издание е голем предизвик, пред сè бидејќи е наменето за децата - најискрената публика, на која навистина треба да ѝ се допаднеш. Исто така, беше предизвик да се работи на олку голем проект, затоа што во сите книги треба да се задржи одреден колорит, одредени весели интересни карактери и, се разбира, оригиналноста. Имаше многу интензивна работа, бидејќи требаше да се нацртаат многу илустрации, да се обликуваат многу карактери. Но, тоа го направив со голема љубов, и голема желба, имајќи ги на ум насмевките на децата кои ќе имаат можност да учат да читаат од овие книги. Инспирацијата и најголемата помош за овој проект беше мојот син, затоа што кога почнав да ги илустрирам овие книгички, тој почна да ги учи буквите и да се описменува, па заедно читавме преку мојот цртеж на почетокот. Сега, кога веќе комплетот е објавен, заедно ги читаме книгите. Деспина многу добро го смислила концептот  на проектот, речениците се кратки, читливи, и секое дете е задоволно и се чувствува многу моќно откога ќе прочита неколку книги.
Соработката со авторката и издавачката куќа „Арс Ламина“ се одвиваше многу добро, имаше многу илустрации - но многу малку корекции... Тоа значи дека сите сме биле синхронизирани и одлично сме се разбрале во работата - рече Трпчева.

Публикацијата е издадена со поддршка на „Макпетрол“ АД Скопје.
 
Едукативниот комплет „Мојата прва библиотека“ веќе е достапен во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“, како и онлајн преку www.literatura.mk.

Пр објава