ОХРАБРУВАЧКИ ВЕСТИ: Антителата остануваат во телото неколку месеци по закрепнувањето од коронавирус
Нивото на антитела кон новиот коронавирус се
зголеми и остана стабилно четири месеци кај повеќе од 90 проценти од пациентите
во Исланд кои го преживеале Ковид-19, покажа студија објавена во вторникот.
Претходните студии покажаа дека нивото на антитела
значително опаднуваат за само неколку месеци по закрепнувањето од Ковид-19, што
го покрена прашањето за времетраењето на стекнатиот имунитет.
Новото откритие може да доведе до заклучоци во
врска со повторното заболување и издржливоста на вакцината, изјави генералниот
директор на „deCode Genetics“, Кари Стефансон, кој го водеше истражувањето.
За да се добие слика за тоа колку луѓе во Исланд
биле заразени со новиот коронавирус и да дознаат повеќе за имунитетот по закрепнувањето
од болеста, истражувачите ги измериле нивоата на антитела на повеќе од 30.000 лица
во Исланд.
Врз основа на добиените резултати, тие проценија
дека околу еден процент од населението е заразено. Од таа група, 56 проценти
имале дијагноза потврдена со стандарден лабораториски тест за PCR. Во 14%,
болеста не била официјално дијагностицирана, но тие биле во карантин по
изложеноста на вирусот. Во преостанатите 30 проценти, анализата на антитела
покажа дека тие претходно биле заразени.
Кај 91 процент од 1.215 лица чија инфекција е
потврдена со ПЦР-тест, нивото на антитела се зголемило во текот на првите два
месеци по дијагнозата, а потоа достигнало највисока точка на која останала,
наведоа истражувачите.
Истражувањето, објавено во The New England Journal
of Medicine, се фокусираше на хомогената популација на една земја, така што
резултатите можеби нема да бидат исти во другите делови на светот со различна
популација.
Коментар објавен заедно со студијата предупредува
дека не е јасно дали антителата ќе ги заштитат закрепнатите пациенти од нова
вирусна инфекција. Сепак, тоа покажува дека тестирањето на антитела може да
биде алтернатива на самото тестирање на инфекција и дека може да има подобри
резултати во набудувањето на населението, додека земјите ја разгледуваат
можноста за безбедно отворање на своите економии и училишта.