Онлајн-настан за реобјавувањето на романот „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев

Познатиот роман „Кратката пролет на Моно Самоников“ на Димитар Солев неодамна беше објавен со нова корица и со нов изглед, а по тој повод на 21 мај (петок) во 19 часот на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе може да се проследи разговор со авторот на поговорот кон ова дело, Славчо Ковилоски. Станува збор за издание што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во чиишто рамки досега беа објавени девет книги од творештвото на Петре М. Андреевски, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго, „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев и „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев. А наскоро ќе биде објавен и романот „Арамиско гнездо“ од Абаџиев.

Разговорот со Ковилоски ќе го води уредничката Бисера Бендевска и притоа ќе се продискутира одблизу авторскиот печат на Солев и содржината на овој роман во чијшто фокус е апсурдот на живеењето во услови на егзистенција отуѓена од стоичкото во човекот. Главниот лик Моно Самоников живее во сопствените мисли и прогонувачки соништа. Копајќи по свеста и растурајќи низ долапите на потсвеста, Моно трага по потврда за сопствената виновност за настан што се случил во неговото детство. А, кога тој бил дете, имало војна. И во таа војна, детето Моно посведочило убиство што како возрасен верува дека можел да го спречи, а не го сторил тоа. Оттука, овој роман може да се чита и како морална дилема на една цела генерација која во пресвртните историски моменти го сведочела хоророт, а притоа не можела да даде свој придонес во борбата.



Ковилоски со свои дела е застапен во повеќе списанија во Македонија и во странство, како и во повеќе антологиски избори на поезија и проза. Има преведувано дела од хрватски, бугарски и српски јазик на македонски јазик. Делови од неговото творештво, како и романите „Опасен сум“ и „Синот на кралот“ и збирката „Лоша тетка и други раскази“, се преведени на неколку европски јазици. Објавувал прилози на страниците на дневните весници „Нова Македонија“ и „Време“. Бил главен и одговорен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Хрватското книжевно друштво, на Здружението на историчарите на Република Македонија (ЗИРМ) и на Друштвото за наука, култура и уметност од Прилеп. Во 2009 година бил уредник на издавачката програма на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. Во 2017 година бил уредник во издавачката дејност за историски изданија на издавачката куќа „Магор“. Бил претседател на уредувачкиот одбор на зборникот „XXI век: Балканскиот писател“ (2015) и еден од уредниците на зборникот „Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски“ (2016).

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: награда за наука „3 ноември“, „Григор Прличев“ за поема, „Прозни мајстори“ и „Јован Котески“. Во 2018 година ја добил најголемата државна награда „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување од интерес на Република Македонија од областа на науката, за монографијата „Прилеп и Прилепско во XIX век (културно-историски процеси)“. Ковилоски активно учествува во промовирање на македонската урбана култура во Македонија и во странство, со предавања на Филозофскиот факултет во Скопје, во Њујорк, Загреб, Нитра (Словачка), Белград, Софија, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на Институтот за македонска книжевност, на манифестацијата „Битола отворен град“ во Битола, во културниот центар „Точка“, во скопските гимназии „Јосип Броз-Тито“ и „Орце Николов“ и на други културни манифестации и установи. Од академската 2018/19 година на Институтот за македонска литература ги предава предметите: супкултура, патопис и македонски културни икони.

ПР објава