Онлајн-промоција на реобјавениот роман „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев со корица изработена од неговата внука Искра Димитрова
Познатиот роман „Пустина“ од писателот Ѓорѓи Абаџиев, кој неодамна беше реобјавен во ново руво со специјално дизајнирана корица, во издание на „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовиран онлајн, на 6 јули (вторник), со почеток во 19 часот. За класичното дело на Абаџиев ќе зборува Злата Порчиќ, професорка по компаративна книжевност и македонски јазик во средното училиште „Ѓорѓи Димитров“. Онлајн-разговорот ќе го води Ведран Диздаревиќ, уредник во „Арс Ламина“. Промоцијата ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Романот „Пустина“, кој првично бил публикуван во 1961 година, неодамна беше реобјавен, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, чијашто цел е реобјавување на класичните дела на македонската книжевност. Своевиден ексклузивитет на новото издание е корицата на книгата, што ја изработи уметницата Искра Димитрова, која е внука на Ѓорѓи Абаџиев.
„Пустина“ е историско-психолошки роман. Дејството се случува за време на историската 1903 година и ни е раскажано преку заробеништвото на двајцата солунски атентатори Арсо и Глигор, веднаш по еден од нивните страшни бомбашки напади. Движејќи се напред-назад низ времето и мислите на карактерите (главно на Арсо), Абаџиев ни го прикажува внатрешниот живот на двајца исклучителни индивидуалци, загубени во коридорите на историјата, должноста и љубовта. Што ако најголемиот грев на еден атентатор е да остане жив? Што понатаму?
Ѓорѓи Абаџиев (07.10.1910, Дојран – 02.08.1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја. Од најмала возраст живее како емигрант во Грција и во Бугарија. Во 1948 година се враќа во Македонија, каде што во Скопје е еден од основачите и најактивните соработници на Институтот за национална историја. Од 1949 година, тој е член на Друштвото на писателите. Престојува во Скопје до крајот на својот живот. Неговото творештво главно е содржано од раскази и романи со историска предлошка. Ги објавува следниве дела: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, коавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на Ножот“ (раскази, 1951), „Последна средба“ (раскази, 1953), „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961), „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972). Исто така, тој е еден од сценаристите на филмот „Мис Стон“ (1958). Во 1972 година е објавен избор од неговото творештво во четири тома.
Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, покрај „Пустина“, „Арс Ламина“ реиздаде уште едно познато дело од Ѓорѓи Абаџиев, „Арамиско гнездо“. Романот ќе биде претставен со онлајн-промоција на 13 јули (вторник), со почеток во 19 часот. На промотивниот настан, кој ќе го води Ведран Диздаревиќ, кон делото ќе се осврне Марија Георгиева Димова, професорка по компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Онлајн-разговорот ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“.
Романите „Пустина“ и „Арамиско гнездо“ веќе се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.