Оваа честа грешка при сечење на лубеница може да биде штетна за здравјето: Еве како да ја избегнете

Лубеницата е синоним за лето – слатка, сочна и со живописни бои, го крева расположението на секој пикник, скара или коктел-забава.
Но, за да се заштитите себеси, вашето семејство и гостите од можни непријатни последици од летната забава со ова освежувачко овошје – односно труење со храна – не прескокнувајте еден клучен чекор пред да ја исечете лубеницата на парчиња.
– Обавезно измијте ја лубеницата пред сечење! – предупредува д-р Дарин Детвајлер, експерт за безбедност на храна и професор на Универзитетот Нортистерн. Иако можеби никогаш не сте помислиле на тоа, бидејќи не ја јадете кората, кога ќе размислите подобро, советот има смисла.
Кој сè ја допрел таа лубеница?
За разлика од шумското овошје, лубениците растат на земја, што ги изложува на секакви загадувачи: прашина, нечистотија, загадена вода, несоодветен компост и слично. Откако ќе се наберат, може да соберат уште повеќе нечистотии за време на складирање, ракување и транспорт, додека пристигнат од нива до продавница, па од продавница до вашата кујнска маса.
Кога ќе ја купите лубеницата, најверојатно ја допреле повеќе од десетина луѓе, некои од нив можеби со миленичиња или со слаба хигиена на рацете.
– Не можете да знаете каде им биле рацете или што допреле пред да ја допрат лубеницата што ќе ја јадете – вели д-р Детвајлер.
Салмонела, листерија, ешерихија коли...
– Потоа, кога ќе земете нож да ја отворите, сечилото може да ги пренесе сите тие бактерии од кората директно во сочната внатрешност, и на тој начин бактериите ќе завршат во вашиот дигестивен систем – објаснува тој.
Од салмонела до листерија и ешерихија коли, овие бактерии можат сериозно да ве разболат. Симптомите обично се класични за труење со храна – мачнина, повраќање и дијареа – кои почнуваат неколку часа до неколку дена по консумацијата и траат сличен период.
Ја јадеме сурова
Според д-р Детвајлер, и начинот на кој обично ја подготвуваме лубеницата има санитарни недостатоци.
– За разлика од пченка, на пример, лубеницата се јаде сурова, па потенцијалните патогени нема да бидат уништени со термичка обработка. Затоа, единствената ефикасна мерка за намалување на ризикот од труење е да ја измиете лубеницата пред сечење. Така ќе ги отстраните загадувачите од кората пред да имаат можност да стигнат до внатрешноста – советува тој.
Особено внимавајте со дињата
Овој совет не важи само за лубеницата.
– Истото важи и за дињата. Всушност, со дињата треба да бидете уште повнимателни, бидејќи нејзината груба кора е особено погодна за задржување бактерии (за разлика од мазната кора на лубеницата), па потребно е подетално да се измие – нагласува д-р Детвајлер.
Тој исто така советува, откако ќе ја измиете и исечете лубеницата или дињата, најдобро е веднаш да ја изедете или да ја ставите во фрижидер во рок од два часа – или уште побрзо ако температурата е висока.
Извор: Курир