Панчо од ДНК ја загуби битката по повеќемесечно лекување од тешките повреди

Владимир Блажев – Панчо, член на познатото музичко дуо ДНК, почина речиси седум месеци по трагичната несреќа во Кочани, во која се здоби со тешки изгореници и повреди.
Несреќата се случи на 16 март оваа година, по што Панчо беше итно пренесен во Клиничкиот центар во Скопје. Неговата сестра тогаш за медиумите потврди дека има повреди на лицето и рацете, но дека е надвор од животна опасност. Подоцна, музичарот беше префрлен во приватна клиника во главниот град, каде што во изминатите месеци беше подложен на повеќе операции и интензивен третман.
И покрај напорите на лекарите, Панчо им подлегна на повредите.
Од него преку емоционален статус на Фејсбук се прости пејачката Сузана Спасовска, а социјалните мрежи се преплавени со пораки на сочувство и неверување.
Панчо беше роден на 29 јули 1979 година во Скопје, и зад себе остави два сина — Андреја и Марјан.
Познат беше и по својата хуманост – заедно со колегата Андреј низ годините организираа бројни хуманитарни акции, помагајќи на семејства и поединци во тешка состојба.
Македонската музичка сцена остана без еден од своите најпознати и најсакани артисти.