Пелистер во полуфиналето на Купот, закажа дуел со Феникс
Пелистер и Еуро Никел 2005 одиграа егал-четвртфинале, но понатаму оди екипата од Битола која слави со (79:70).
Tретиот меч од четвртфиналето, донесе исто така израмнета кошарка. И победа на Пелистер кој имаше одлична последна четвртина со која ги елиминира сите слабости прикажани во претходните периоди на играта, за место во најдобрите четири, и пресметка со Феникс 2010 за место гво големото финале.
ПЕЛИСТЕР – ЕУРО НИКЕЛ 2005 79:70
Екипата од Битола ја имаше првата битна предност. Во шестата минута Пелистер поведе со (19:12). Но по тајм-аутот кој во таа рана фаза од натпреварот го побара тренерот на екипата од Кавадарци, Горан Самарџиев, Еуро Никел 2005 почна да игра многу поефикасно, и што е поважно, ја стигнува негативата.
Две минути подоцна, по серијата од (9-1), премина и во водство (23:20) и го натера Марјан Илиевски да потроши минута одмор. Неуспешно, затоа што кавадарчани додадоа уште пет поени во серијата, со кои дојдоа до високо водство (28:20) на крајот на првата четвртина.
Период од играта во кој тимската статистика на Еуро Никел 2005 беше доста подобра во однос на онаа на Пелистер, каде Андреј Маслинко беше реализатор на 10 од тие 19 поени за „бело-зелените“.
Серијата на „гостите“ беше „пролонгирана“ и на (17-1), за двоцифрена разлика (31:19). Црните минути на битолчани без поени, ги прекина Караџовски, со тројка, за (23:31).
Пелистер најде одговор, играше во ритмот на Маслинко (даде 14. поени за 15. минути), кој го врати својот тим на негатива од само два поени (36:38) во средината на втората четвртина. Слично беше и на две минути пред истекот на полувремето, (42:40) за Еуро Никел 2005 по поентирањето на Карпентер.
Она што беше воочливо е дека и двете екипи играа со само седум кошаркари, односно тренерите користеа само по два играчи од клупата за резервни играчи. Плус два на одморот понесоа кавадарчани откако по една тројка разменија Карпентер односно Стојановкси кој стигна до својот 14 поен, и беше најефикасниот играч на теренот во првите 20 минути од овој трет четвртфинален натпревар
Стојановски продолжи да го погодува кошот на Пелистер, и го однесе Еуро Никел 2005 на (54:48), но потоа доби техничка грешка, (втора) поради која мораше да го напушти теренот, и застана на бројката од 17 реализации (и две асистенции). За уште пократка ротација на екипата од Кавадарци во оние преостанати минути од четвртфиналето.
Но неговите соиграчи се изборија за нова, сега мини серија од шест поени, за враќање на водство (62:57).
По три одиграни четвртини, беше минимално (62:61) во корист на Еуро Никел 2005.
А по тројката на Караџовски, во 34.минута, на семафорот беа запишани четири „шестки“ како знак за егал резултат.
Водството на страната на Пелистер го врати Карпентер, со точен обид за три поени (69:66). Со добрата зонска одбрана, и по петтата тројка на Караџовски, „пелистерци“ се одвоија и на (72:68), но не се задоволија со тоа, серијата на поентирања ја продолжија Карутерс и Карпентер, за сосема солидни, со оглед на развојот на настаните на теренот, (76:68) на „влезот“ во последните две минути од четвртфиналната пресметка.
КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ – БУШТУР“ 2023 – СКОПЈЕ
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ-ЧЕТВРТФИНАЛЕ-МАЖИ
МЗТ Скопје Аеродром – Кожув 80:68
Гостивар – Феникс 2010 70:72
Пелистер – Еуро Никел 2005 79:70
19.30: Работнички – ТФТ