Пирсерот Андреј Трајковски: Тоа е интимен момент, дел од нечија животна приказна
Тој е еден од најпознатите пирсери во Македонија. Исклучително добар во својата професија. За многумина крајно необична, за други начин на изразување, уметност, култура на живеење...
Андреј Трајковски е прецизен, крајно посветен во работата, вешт и креативен. Долги
години се занимава со пирсирање, смета дека преку ставањето на одредени детаљи
се раскажува најчесто некоја животна приказна, дел од нешто, интимен момент...
- Приказната со пирсингот започна во 1995 година во Орландо, Флорида, таму ја учев последната година од средно училиште. Како тинејџер кој во тоа време имаше шанса да излезе од - Македонија под ембарго, пристапот до информации за работите кои што ме фасцинираа во животот беше како нешто магично (зборувме за времето пред гугл и паметните телефони). Мене тогаш ме интересираа две работи- скејтбординг и боди пирсинг. Првата ја практикував секој ден веќе десетина години, а пирсингот беше нешто што најпрвин сакав јас да го имам на себе, најверојатно како експресија на суб-културата на која и припаѓав но и самиот процес на пирсање ми изгледаше како нешто што би сакал да го правам- вели Андреј
Почнал да се движи по Тату и Пирсинг студија во Орландо и кога наполнил 18 години прво почнал да става пирсови на себе и бил доволно упорен да натера еден од мајсторите да го остави да гледа и да учи. Од тој момент почнува приказната и трае во различни интервали, се‘ до денес.
- За мене лично убавината на пирсањето е да се биде дел од интимен момент на некој човек, во суштина да му помогне да го оствари тој момент без разлика која е позадината за истиот, едноставно се чувствуваш исполнето кога некој ќе ти се довери и ќе ти верува да му помогнеш во раскажување на својата приказна. Бидејќи така гледам на тетоважите и пирсовите, тие се дел од нечија животна приказна, а јас сум само моменталниот инструмент кој допринесува во изражувањето на истата. Или уште поубаво, кога ќе се сретнеш со некој клиент од пред десетина години и ќе ти го раскаже во најситни детали искуството што го споделил со тебе и како тој го перципирал истиот момент- додава Трајковски.
Потенцира и дека целиот процес му е крајно интересен но и дека треба доста да се учи за човечката анатомија, да се познава добро секое место кое се пирса за да нема несакани последици. Почнал да се спрема две години пред прв пат да испирса некој друг и воедно да почне професионално да се бави со ова.
- Потребно е многу трпение и треба да имате многу мирни раце. Некој од накитот со кој се работи е многу мал, а некои места се тешки за пристап, па ако немате трпение и не сте смирен не би можеле да го работите ова. Постои цела индустрија која произведува од рекквизити до накит, па се’ до специјални матријали за пирсање и постојат различни техники кои секогаш се усовршуваат и излегуваат нови, па оттука и претходно како што споменав- процесот на моето учење се‘ уште трае и ќе трае се‘ додека се занимавам со оваа професија- искрен е пирсерот.
Инаку, самото пирсање трае дел од секунда, болката кај секого е индивидуална а понекогаш зависи и од самото место на телото колку таа би била интензивна. Не е нешто што не може да се издржи, па пирсинг мајсторот го споредува со примање на инекција. Процесот се состои од консултација со клиентот за тоа што тој/таа сака да испирса, се објаснува што се‘ може да се случи, што да очекува, колку вереме трае заздравувањето, се бира накитот, се спрема самото место се означува истото за да види клиентот како тоа ќе изгледа и ако е се во ред се преминува на пирсање.
Го прашавме: На кои се места имате ставено пирсинг? Постојат ли „чудни“ места?
- Мислам дека ова е најпоставуваното прашање до сега, мојот одговор е дека не постојат чудни места, што е за некој чудно, за некој е убаво и обратно.Јас не сум тој кој може да каже што е што, мојата работа е да им ги исполнам желбите на клиентите на најсигурен и безболен начин. А, за местата на кои сум ставил пирсови до сега ќе оставам на имагинацијата на читателите- низ смеа ни одговори.
Во моментов работи во MG Tattoo& Piercing Studio во Скопје, оженет е и има две годишна ќеркичка. Го фасцинира се‘ што е поврзано за неговто семејство, се‘ уште пирсањето и скејбордот, како и секојдневието во Македонија.
А, дали тој има пирсови на себе?
- Многу одамна на ушите, устата и неколку други места, не се ни сеќавам повеќе- завршува Андреј.
Небојша Толески