По втор пат стапна во Македонија: Господин Посебен- Жозе Мурињо- икона на поп културата, не само тренер
Моќниот англиски фудбалски тим Тотенхем е во Скопје како гостин на Шкендија. Натпреварот е дел од квалификациите во Лига Европа, а се игра пред празната арена Тодор Проески.
Секако, една од најголемите ѕвезди е тренерот Жозе Мурињо. Ова е втор пат да допатува во Скопје со негова екипа. Претходно во 2017-та година го предводеше Манчестер Јунајтед во Супер купот на УЕФА против Реал Мадрид, а Скопје беше домаќин.
И, ако прашате некој да именува светски фудбалски менаџер, Жозе Мурињо сигурно ќе беше еден од најчестите одговори низ целиот свет.
Јирген Клоп и Пеп Гвардиола во последно време имаа повеќе успеси во Англија, но ниту бројните освоени трофеи не им помогнаа да создадат таков имиџ каков што има Мурињо.
Секако, добар дел од таа слика беше навистина создаден благодарение на добрите резултати - колку повеќе тој освојуваше, толку повеќе беше присутен на најголемата фудбалска сцена.
Но, 56 годишниот Мурињо е своевидна икона на поп-културата, а Клоп или Гвардиола го немаат тој статус. Еве зошто.
Мурињо е буквално, еден од најпознатите луѓе во светот на фудбалот.
Така е од 2004 година, кога тој истрча по теренот славејќи го голот со кој неговиот тогашен тим Порто го елиминираше фаворитот, Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите.
Дури и тогаш, неговиот физички изглед беше препознатлив - долг црн капут, шал и уредно истрижена коса.
Нешто постарите фотографии од времето кога работел во Барселона сведочат колку се сменил - тогаш тој сакаше и носеше широки тренерки.
Човекот создаде слика за себе како елегантентна личност, кој повремено носеше дуксер. Како одминуваше времето, тој имаше се повеќе и седа коса, но сè друго, повеќе или помалку, беше исто.
Начинот на кој зборува
Мурињо не е познат само по својот изглед, туку и по тоа што и како зборува.
Веќе станаа и класика забелешките за тоа како тој е „господин посебен“. И уште поголема класика се новинарските прашања кога ќе изгуби, како тогаш тој веќе не е „господин посебен“.
Но, фактот дека овој прекар, до кој дојде пред 15 години, сè уште преживува, покажува дека Португалецот умее со зборовите. А, дополнителна тежина е и фактот што тој го покажува сето тоа на англиски јазик, кој не му е мајчин јазик.
(За волја на вистината, Мурињо никогаш не рече експлицитно дека е посебен. Целиот цитат од првата прес-конференција по неговото пристигнување во Челси гласи: „Ве молам, немојте да мислите дека сум арогантен, но јас сум европски шампион и мислам дека сум посебен“. )
Британските медиуми беа воодушевени.
Многу менаџери користат клише искази и фрази. И Мурињо излезе со свои.
На првиот натпревар во својата кариера во Премиер лигата, Челси играше без погодок против Тотенхем.
„Донесоа автобус и го паркираа пред нивниот гол“, рече Мурињо по тој натпревар.
Терминот „паркирај го автобусот“ брзо влезе во употреба кога се опишуваат тимови чија единствена цел е да ја бранат сопствената цел.
Оваа „елоквентност“ честопати беше алатка за одвлекување на вниманието кога ги немаше посакуваните резултати.
По ремито без голови против Вест Хем, на пример, тој рече дека „ова не е најдобрата лига во светот, дека тоа е фудбал од 19 век и дека ѕидот на Вест Хем пред голот можеше да биде скршен“.
Кога постигна лоши резултати за Манчестер Јунајтед, тој сметаше дека ќе си ја олесни сопствената ситуација доколку ги потсети новинарите што освои во кариерата.
„Освоив повеќе титули во Премиерлигата отколку другите 19 менаџери заедно. Јас водам еден од најголемите клубови во светот, а во исто време сум еден од најуспешните менаџери во фудбалот “.
Со тоа, најверојатно тој сакаше да каже дека не е виновен за слабите резултати, туку управата на клубот. На крајот на краиштата, погледнете колку трофеи освои.
Тој дополнително го зајакна тој став кога го напушти клубот, велејќи дека неговото второ место во Премиер лигата со Манчестер Јунајтед е едно од најуспешните тренерски работни места во неговата кариера.
Имајќи ги предвид резултатите што ги запиша Јунајтед по неговото заминување, се чини дека во таа изјава има вистина.
Емоции
Некои менаџери, како Арсен Венгер, се многу вешти во прикривање на чувствата. Тие многу ретко покажуваат што навистина чувствуваат.
Жозе Мурињо не е таков.
Изразите на лицето што ги прави се такви што студиото Пиксар може да направи цртан лик по него. Тој се насмевнува, потоа се мурти и потоа и фучи од нервоза.
И додека живеел во хотелска соба во Манчестер, тој постојано бил намуртен.
Ова, меѓу другото, значи дека можете да направите анимација на неговите изрази на лицето за секоја пригода.
Тој секогаш е во центарот на секоја приказна
Триумфот на Порто во Лигата на шампионите во 2004 година е секако еден од најзначајните резултати во историјата на ова натпреварување.
Тоа беше тим кој не е од една од петте најсилни европски лиги, со играчи кои беа многу добри, но не и од светска класа. Тие го освоија трофејот за кој една година пред тоа играа италијанските великани Милан и Јувентус во финалето.
Да потсетиме, во тоа време за италијанските гиганти играа асови како Буфон, Алесандро дел Пјер, Андреј Шевченко и Паоло Малдини.
И во почетниот состав на Порто во 2004 година беа Костиња, Маниш, Карлос Алберто и Дерли.
Повеќето од нив сега се сеќаваат на малкумина. Тоа финале против Монако во 2004 година остана запаметено по тоа што Мурињо беше крунисан за најдобар тренер во Европа.
И тогаш и после тоа, Мурињо повторно успеа да ја „продаде приказната“ за сопствените квалитети.
Кога, при крајот на престојот во Манчестер Јунајтед, се расправаше со најдобриот играч Пол Погба, се појави видео на кое Португалецот го критикуваше фудбалерот затоа што објавил фотографија на Инстаграм.
Многумина се прашуваа како оној што снимаше точно знае кога да го стори тоа.
Дури и кога коментираше за освоеното второ место со Јунајтед, Мурињо се потруди да спомене во следната реченица како освои 25 трофеи во својата кариера.
Можеби една од причините што Мурињо е најсреќен кога е во Англија е што ова е земја на пантомима. Без разлика дали го обожаваат и му аплаудираат, или го мразат и го свиркаат, Мурињо е секогаш во центарот на вниманието.
Тој сака театар и емоции. Тој сака да игра игри со медиуми. И најмногу од сè, тој сака внимание.
А јавноста сака да го стави во центарот на вниманието.
Колку вреди парично Жозе Мурињо?
Според Спирс, се проценува дека вреди 40 милиони фунти (51,6 милиони американски долари).
Оваа бројка, што во најголем дел се должи на неговиот статус на еден од најуспешните фудбалски менаџери во светот, се зголеми со по потписот со Тотенхем.
Тој има и комерцијални зделки, вклучително и часовници како Хаблот, хотелите Јагуар, Хајнекен, Адидас, Атлантис, чаеви Липтон и ЕА Спорт.
Контроверзниот тренер заработува и значителни средства за работа како ТВ-стручњак, вклучително и добивање на 425 000 фунти на ден за четири настапи на Светското првенство.
Колку ќе е платен во Тотенхем?
Огромни 15 милиони фунти годишно до крајот на сезоната 2022/23.Семејство
Жозе е во брак 30 години со Матилда, со која има две деца. Тие живеат во центарот на Лондон, во куќа вредна пет милиони фунти.
Н.Т.