По земјотресот Турција е опустошена од грабежи, изнуди и конфликти, а ситуацијата може само да ескалира

Серијата разорни земјотреси што ги погодија Турција и Сирија однесоа повеќе од 36.000 животи. Размерите на катастрофата на крајот веројатно ќе бидат многу поголеми, а работите да бидат уште полоши, Турција во моментов се соочува со сериозна безбедносна криза - изминатата недела се случија серија грабежи, изнуди и вооружени конфликти.

Имено, од најпогодените турски провинции има се повеќе информации за апсења на крадци кои ограбуваат се‘ пред себе.

Поради ова, сопствениците на бизниси во централниот кварт на турскиот град Антакија ги празнат своите продавници во обид да ги спречат разбојниците. Но, на мета се и обичните луѓе на кои разбојниците ладнокрвно им го земаат и она малку што останува од чиста среќа.

Досега турските безбедносни сили уапсија најмалку 98 лица за ограбување оштетени згради или измама на жртвите од разорниот земјотрес.

Најмалку 42 осомничени се под истрага во јужната турска провинција Хатај за наводен грабеж на оштетени згради, според безбедносни извори, кои разговарале за Ројтерс под услов да останат анонимни „поради ограничувањата на медиумите“

Уапсени се најмалку 40 осомничени, а безбедносните екипи заплениле шест пиштоли, три пушки, накит, банкарски картички, 11.000 долари и 70.000 турски лири (околу 3.700 долари) во готовина.

Уапсени се уште две лица откако се претставиле како хуманитарни работници и наводно се обиделе да ограбат шест камиони со храна за жртвите од земјотресот во провинцијата Хатај.

Работата да биде уште полоша, луѓето се обидоа да измамат луѓе дури и од безбедните зони, па најмалку шест лица беа уапсени во Истанбул за наводни телефонски измами за жртвите од земјотресот во јужен Газиантеп.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека владата ќе преземе мерки против оние кои се вклучени во злосторствата во регионот.

„Во вторник прогласивме вонредна состојба. „Ова значи дека отсега натаму, луѓето кои се занимаваат со грабеж или киднапирање треба да знаат дека силната рака на државата е на нивниот грб“, рече Ердоган.

Осомничените за грабежи сега, според вонредната состојба, наместо четири можат да добијат седум дена притвор.

Инаку, првите видеа од грабежи на продавници на кои се гледа како луѓето масовно влегуваат во „преживеаните“ продавници на скапи предмети ги преплавија социјалните мрежи веќе во првите денови по земјотресот.

Дополнително, имало престрелки во регионите каде што живее мешано турско население и Курди, поради што Австрија и Германија одлучиле да ги повлечат спасувачките тимови од земјата.

Поточно, австриската армија во саботата ги прекина спасувачките операции во турската провинција Хатај погодена од земјотресот поради влошената безбедносна ситуација.

Истото го направи и Германија, која исто така како причина ги наведе зголемените тензии.

Германската Федерална агенција за техничка помош (THV) ги прекина спасувачките операции поради промените во безбедносната ситуација во регионот Хатај, објави организацијата во соопштение.

„Во последните неколку часа безбедносната ситуација во регионот Хатај јасно се промени. Има се повеќе информации за судири меѓу различни групи. Поради тоа, тимовите за пребарување и спасување на ИСАР Германија и ТХВ засега ќе останат во заедничкиот базен камп. ИСАР и ТХВ ќе продолжат со работа штом АФАД оцени дека состојбата е безбедна“, се вели во соопштението.


Фото: Youtube - screenshoot