Поетот Божидар Божиновски: Човекот е глина која ја обликуваат околности, светот, животот, сѐ до самиот крај- Не е готов производ

Вели дека не се смее, дека не е некој весел тип... Ама успева често да ја насмее цела Македонија со различни статуси на различни теми кои ги „набива„ во кратки црти на социјалните мрежи. А пушува... Пишува многу! Тој е поет и сестран уметник, човекот со каубојки и стил својствен само за него. Божидар Божиновски е исклучителен талент кој го распостила вешто преку зборови, а зборовите во дела. Зад себе има неколку книги, работи на многу значајни проекти и уникатен е во изразот. Го следат и стари и млади, а тој често обединува со мислата.

За Машки магазин ни открива дел од него и неговото видување на нештата.

ММ. Кога би можеле, како би се опишале со една реченица? Им давате да ве запознаат онолку колку што сакате вие, или сепак сте отворен многу повеќе?

- Би можел со еден збор „Јас“. Тој е опис не само за мене туку за секој човек, неговото уникатно искуство на планетата, неговите уникатни мисли, болки, радости, таги... 7 милијарди приказни и ниедна иста со друга.

За запознавањето сум отворен, немам никаков проблем. Сепак колку воопшто можеш да знаеш некого? Тие што ме занеле пред 15 години не ме познаваат сега, тие пред 5 исто така. Ко на свадба ко ќе ти дојде некоја баба „ти си тој, не те познав, колку си пораснат“. Извини госпожа што не ми престана растот и развојот па полесно да ме познаеш. Сите константно се менуваме, не верувам дека постои она што го бараат многумина “вистинско јас“, па жалат за младост или детство. Човекот е глина која ја обликуваат околности, светот, животот сѐ до самиот крај. Не е готов производ.

ММ. Пишаниот збор е силата која остовра железни врати...или не? Како започнавте со тој таканаречен процес на себереализирање преку зборот?

- Отвора, како не. Ако на вратата пишува „Влечи“ ќе турнеш три пати и од ко ќе прочиташ отвора. Сосема случајно, не планирав ни јас да пишувам, само ми беше досадно па ајде да пробам дали можам. Можев. Немав никаков план ниту афинитет кон пишувањето. Кога бев основно и средно на секоја писмена по Македонски јазик само раскажував песни од Балашевиќ на писмените задачи. Со „Прича о Васи Ладачком“ раскажана едно 10 пати успевав да добијам 5-ка... Среќа што не слушаа Балашевиќ наставничките.

ММ. Поет со драматичен израз или “тежок“ за да ја доловиме мислата?

- Зависи за кого како... Некому не му се допаѓаат, некои се наоѓаат во песните, некому му се премногу мрачни. Како и да е тие се дел од мене, добри или лоши, се експлозија на емоции во даден момент, напишана најдобро што умеам.

ММ. За што пишувате? Она што ви е во видеокругот или тој круг е многу подалечен, подлабок?

- Инспирација има насекаде. Во една прошетка може да ти се излезе цел роман, песна. Во дождот, во лисјата на земја, во погледите на тие што се разминуваш. Не мислам на теми воопшто само седнувам и пишувам па потоа само тече без труд да размислувам или да планирам што ќе е наредната строфа. Кога ќе отворам некоја моја книга дури и ми е чудно што сум го напишал тоа затоа што само поминало низ мене и завршило на хартија.

ММ. Аутопсија на љубовта“ - книга со поезија со ваш потпис... Велите интимна поезија- зошто?

- Не е лесно да им дадеш на луѓе чувства, стравови, мислења кои тлееле во тебе и да можат да ги прочитаат најинтимните мисли само завиткани како песна. Но доброто е кога веќе ќе го направиш тоа веќе песните не се твои, туку за слободна интерпретација на читателот. Секој ги доживува различно, а ти си само среќен што веќе таа емоција излегла од тебе во етерот па имаш простор за други емоции.

ММ. А, дали романот „Денот кога не се разбудив“ исто така е интимен или зборува за нешто друго? За што и дали ни порачувате нешто?

- Според едно италијанско истражување на постари и болни луѓе на тие години тие најчесто се каат за работите што не ги направиле отколку за грешките во својот живот. Идејата ми беше да го видам животот од крај, кога веќе е завршен на што би се осврнале, на која крстосница сме тргнале по погрешен пат, како го губиме животот во неважни работи. Напишан е во три дена и не е многу долг затоа што сакав да се чита на едно отворање за да не се разводни емоцијата. Некаде успеа да ги замисли за животот, не верувам дека баш им го промени ама барем некој час се вратиле наназад.

ММ. Вие сте сестран во уметничкиот израз. На кои проекти работите, како се случи ангажманот во Фчерашни и во Преспав?

- Фчерашни се случи сосема случајно, доказ дека може и од дома да те викнат, не мора да бараш. Еден ден Горан (исто од Фчерашни) ми рече дека Бранко ми го бара бројот. Се надевав дека не е Црвенковски и за среќа не беше. Се најдовме, кликнавме и почнавме да работиме. Полека растеше екипата со многу прекрасни луѓе и покрај пишувањето и шансата за работа морам да признаам дека низ годините таму научив и многу како човек.

ММ. Активен сте на социјалните мрежи и често имате што да кажете. Што ни кажувате? Кој е Моџо Килингтон, името зад кое сега стоите?

- Што сакате ќе ви кажам. Од наездата на боров четник во североисточна Украина преку експертизи за влијанието на Ковид 19 врз економијата на субсахартските земји до проблемите со водоснабдувањето на повисоките места во Неготино. Настрана ова, не планирам ништо да кажам посебно, само гледам да ми е забавно, ако им е и на други ми е мило, ако не нека се здрави и живи.

Како кој е Моџо Килингтон? Јас сум... Ако беше за друг интервјуто, на грешка да е кај мене само пуштено ќе си го испечатам дома барем тие нека читаат.

ММ. Дали сте семеен човек?

- Да.

ММ. Како се релаксирате? Имате ли често насмевка на лицето која рака на срце можеби ретко ќе ја видиме бидејќи носите маска...

- Па не баш, не се смеам, не сум некој весел тип. За релаксација имам најдено само еден начин. Некаде после 12 исклучувам интернет, лаптоп, телевизор, тоа време градот се смирува и сите почнуваат да легнуваат... Апсолутна тишина и се слуша само часовникот. Тоа ми  е релаксацијата, сам со своите мисли. Се релаксирам во самотија и тишина. Тогаш излегуваат интересни мисли, песни...

ММ. Каков стил на облекување преферирате? И тука сте авангарден во пристапот...

- Стилот ми е ко кошмар на Цаци Пакоска. Носам само црни кошули, црно сако, фармерки и коубојки. Немам ништо освен црни и бели кошули, фармерки и каубојки. Не знам дали е авангардно.

ММ. Кога би ја пишувале својата автобиографија, како би се викала?

- Би сакал да се вика „Нема да ви се верува како доживеав 341 година без да се откажам од ништо“ ама поголема е шансата да нема автобиографија. Сепак не ми е толку занимлив животот.

Небојша Толески