Прв човек кој ја прелета орбитата на Земјата: 60 години од летото на Гагарин

Фото: Natalia KOLESNIKOVA / AFP

Русите слават 60-годишнина од првиот лет со екипаж во вселената, подвиг на космонаутот и советски херој Јуриј Гагарин, кој останува една од најценетите личности во Русија.

По тој повод, рускиот претседател Владимир Путин патува за Енгелс, град на југот на земјата, на бреговите на Волга, до местото каде што слета Гагарин по историскиот лет и каде се наоѓа споменик посветен на тој чин.

Годишнината на вселенскиот лет е „ден на национална гордост“ за Русија, рече во петокот портпаролот на Путин Дмитриј Песков.

Ракетата Восток со 27-годишниот Гагарин беше лансирана на 12 април 1961 година од космодром во Казахстан, тогаш дел од Советскиот сојуз.

Летот траеше само 108 минути, или една орбита околу Земјата.

Легендата за човек кој од скромни почетоци стана советски херој живее и денес, а летот на Гагарин секоја година се слави во Русија како „Ден на космонаутиката“, пишува агенцијата Франс Прес.

Капсулата Восток е изложена во московскиот музеј за космонаутика, каде што во вторник се отвора изложба за Гагарин.

Посетителите ќе можат да ги видат документите, фотографиите и личните работи на Гагарин таму, од кои некои датираат од неговото детство. Самиот Гагарин загина во авионска несреќа во 1968 година.

„Тоа е веројатно единственото презиме што сите го знаат, од четиригодишни деца до оние над 80 години“, рече Вјачеслав Климентов, историчар на музејот и заменик директор за истражување.

„Мислам дека подвигот на Гагарин, заминувањето на човекот во вселената за прв пат, ги обединува сите Руси“, додаде тој.

Тој лет останува извор на гордост во Русија и симбол на доминацијата на Советскиот Сојуз во вселенската трка од таа ера. Четири години пред Гагарин, СССР веќе стана првата земја што испрати сателит во орбитата, наречен Спутник.

Шеесет години подоцна, Русија продолжува редовно да ги испраќа своите космонаути до Меѓународната вселенска станица (ISS). Во петокот, руското летало Сојуз, украсено во чест на Гагарин, полета од Бајконур со двајца Руси и еден Американец.