Радикално намалена казната за пијаниот возач кој ја усмрти 11-годишната Магдалена во Велес
Ангелче Николов од Велес, кој во декември минатата година во пијана состојба и со огромна брзина удри во мајка и ќерка на пешачки премин во Велес, при што 11-годишната Магдалена почина, а мајката беше тешко повредена, доби големо намалување на затворската казна од Апелација.
Апелациониот суд од Скопје му ја намали затворската казна од 18 на осум години на Николов, кој лани на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и избега.
Претходно Николов ја доби најверојатно највисоката казна за ваков тип на сторено кривично дело. Во моментите кога го возел „мерцедесот“ тој имал забрана за управување на возило. Сообраќајката се случи на обележан пешачки премин.
„Обвинетиот безобзирно го напуштил местото на несреќата, се криел повеќе од 30 часа, не се интересирал што се случило со оштетените. Самото пријавување судот не го зема како олеснителна околност. Двапати е казнуван за возење во алкохолизирана состојба. Признавањето на вината не се зема како олеснителна околност, затоа што судот не стекна предвид дека има кај него жалење и каење. Судот донесе пресуда – Ангелче Николов на 17.12.2022 управувајќи автомобил ‚мерцедес' стори тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на повредени лице во сообраќајна незгода, па за двете дела се осудува на единствена казна затвор 18 години“ соопшти Судскиот совет на судењето на 17 март.
Предметот се работеше и во текот на судската летна ферија, бидејќи беше притворски.
Извор: faktor.mk