Во состојба на пандемија од глобални размери, светот се соочува со уште еден тест на човештвото. Коронавирусот е присутен, секојдневно се превземаат мерки, ситуацијата е таква каква што е, да се надеваме на добри вести.
И нашата земја се справува со “корона кризата”. Мерките на Владата се стапени на сила, го живееме периодот на делумна или целосна изолација.
Семејството на нашата музичка ѕвезда Ребека Јанковска- Ристески целосно ги почитува препораките. Целосно и се свесни за ситуацијата и силината на вирусот. Ребека со трите деца е дома, не излегуваат и не паничат, туку едноставно здружено си помагаат.
- Не сме сите луѓе исти! Ова сепак не е било каква состојба. Се надевав дека сите ќе бидат изолирани и ќе се придржуваат до препораките за да се спречат последиците... Имав верба во луѓето дека ќе проработи хуманоста, солидарноста, сочувството… Дури и медицински лица не се придржуваа до насоките… Самосвеста како земја ни е слаба страна, во сите аспекти- вели Ребека.
Целото семејство се придржува до препораките за заштита. Дури и секој производ што ќе го купат, го пребришуваат со сретство за дезинфекција.
- Се‘ што ќе се донесе од надвор морам да го дезинфицирам. Во прскалка ставам и алкохол- ракија. На влезната врата ставам и хартија за пред да влеземе дома да ги избришеме чевлите- додава Јанковска.
За да не настане паника, иако вели дека се исплашени, таа и сопругот Д-р. Милан Ристески претходно разговарале со децата за целата ситуација бидејќи тие не одат на училиште поради превземените мерки, па малку им е чудно.
- Седнавме и многу искрено им ја објаснивме ситуацијата. Дента пред да се објави дека нема да се оди на училиште, јас не ги пуштив да одат. Како да претчувствував, а и многу сум претпазлива. Од друга страна, имам дете кое спаѓа во ризична група. Болеста на Маркијан си има свои специфичности и задолжителна е огромна доза на внимателност. Признавам дека кога е ваква ситуацијата- да мора да се седи дома, Маркијан ни е најпроблематичен. Навикнат е да шета, а не може да ја свати сериозноста на проблемот, па постојано сака надвор- додава Ребека.
Ама затоа пак, дома со сопругот им создале место за пикник. Терасата им е претворена во мала природна оаза во која си играат, цртаат на табла, се забавуваат. Во вечерните часови сите заедно прават вежби за раздвижување, аеробик, бањање и на спиење. Веќе си имаат распоред на активности за следниот ден, како маскирање во познати супер херои и слични нешта.
- Она што не ми се допаѓа, а посебно на сопругот како медицинско лице е тоа што кружат лажни информации на секаде околу коронавирусот. Свесни сме дека стравот и паниката си го прават своето, но изворите на информациите треба да се проверуваат- децидна е Јанковска.
Инаку, во состојбата во која речиси целиот свет ја споделува истата судбина, за неа најмногу надеж и‘ влева напредокот на медицината. Постојано се информира преку најдобрите светски сајтови и весници за медицина и неодамна прочитала, а и сопругот и кажал дека Италијаните имаат некаков лек кој се покажал како многу делотворен…
- Но, ме плаши тоа што вирусот нема типични симптоми и нема јасна слика кој е болен, барем не во првите неколку дена па и недели. А, со таква состојба за која ни поединецот не е свесен, може да го пренесе вирусот на други- вели Ребека.
Советува дека здравата храна е многу битна и дека секој ден треба да внесуваме мед, лук, Омега 3, Б и Ц витамини, заштитна маска, сонце, чист воздух, па макар и од тераса...
- Би додала дека едно од нештата за заштита е молитвата. Да се помолиме за нас и другите, да се помолиме што побрзо ова зло да си замине! Коронавирусот е освестување за сите нас, да се свртиме самите кон себе, да си помогнеме, заедно да победиме!Небојша Толески