Сакам да се најдам во фудбалски подобра држава : Искрено за Машки магазин со Дино Захов, голман на ФК Шкендија

Пред две недели ФК „Шкендија“ го одигра мечот на годината против светски познатиот ФК „Тотенхем“. Меч кој поради пандемијата од коронавирус се одвиваше без публика и под строги протоколи. Љубителите на спортот, а особено познавачите и обложувачите типуваа победа на Тотенхем со над 4 голови, но сепак „Шкендија“ ги изненади сите, а особено светската публика со голот кој успејаа да го дадат на Тотенхем. Токму за тој ден и за „скандалот“ кој изби по натпреварот од страна на Мурињо, тренерот на англискиот клуб, зборуваме со голманот Дино Захов.


ММ. Пред неколку дена го одигравте мечот со Тотенхем. Се запознавте ли со некои од играчите? Го запознавте ли Мурињо? Поради коронавирусот, натпреварот се одвиваше по строги протоколи за заштита. Имавте ли можност да размените мислења, муабет да направите со некој од играчите?

-  За жал поради коронавирусот немавме блиски контакти со ниту еден од играчите и тренерите. Единствено после натпреварот кратко им ја честитавме победата на момците на Мурињо.

ММ. За стативата т.е голот коментар имаше Мурињо- дека голот е понизок за 5 цм... Како го прифативте вие тоа, сепак сте голман? Која беше реакцијата на вашиот тренер, но и на клубот?

- Воопшто не бев запознаен со ситуацијата за стативата, дури после натпреварот го прочитав коментарот на Мурињо, веројатно имал право, одговорните за теренот и стативите направиле мала утка што мене и на Џое Хард не би ни дошло лошо.


ММ. Дали смени нешто кај вас овој натпревар? Сепак игравте со врвни професионалци и со светски познат тим - Научивте ли нешто?

-  Овој натпревар е големо искуство во мојата кариера, мислам дека со вакви натпревари побрзо созреваме фудбалски.

ММ. Според вас, кој е најдобриот фудбалер во моментов во светот? А кој кај нас?

-   Според мене најдобар играч во светот е Меси, а во нашата држава Горан Пандев.


ММ. Да се префрлиме на малку поприватни теми... Сте имале ли понуда за трансфер во скоро време?

-  Во моментот сум задоволен од ФК Шкендија и за некои од понудите што ми доаѓаат размислувам добро, не брзам при одлуките иако, како и секој друг спортист, сакам да се најдам во фудбалски подобра држава.

ММ. Ако не бевте фудбалер, што ли ќе беше Дино?

- Ако Дино не беше фудбалар најверојатно ќе се бавеше со музика и кафе.


ММ. Како би го дефинирале својот стил на облекување?

-  Немам некоја дефиниција за мојот стил, облекувам тоа што ми прави да се чувствувам удобно. Инаку ми се допаѓаат фешн комбинациите од 80-тите и 90-тите.

ММ. Каде се гледате себе си за 10 години?

За 10 години, би се потрудил околу мене да бидат луѓето што ги сакам и да работам нешто што ме исполнува, најверојатно тоа ќе биде поврзано со кафето.

ММ. Има ли девојка Дино? 

-  Дино нема девојка.

ММ. Омилена личност во вашиот живот?

Омилена личност??....Хмм...работам на тоа да бидам јас, ама уште не успевам. Носериозно, Gary Vaynerchuk.


Н.Миланова