Се сметам за вистински син на ”медитеранската диета” : Приватно со италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри
Потекнува од мал град во областа Тоскана, што
го прави особено горд на тосканската традиција, особено тамошната традиционална
кујна. За Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри соработниците велат дека е
скромен и дружељубив човек. Петтата по ред Недела на италијанската кујна која
ја организира ИТА- Одделот за економска соработка пр Амбасадата на Република
Италија е почетен повод за нашиот разговор со овој интесерн соговорник.
Освен за страста кон убаво подготвената италијанска трпеза, Силвестри зборува за убавините на својата Италија, за неговото искуство со македонците, за пандемијата и за нештата кои му се лично значајни.
MM. За ова време колку што сте во Скопје, можете ли донесете геренрален заклучок за нашиот народ, менталитет, култура, кујна?
-Во Скопје сум помалку од месец дена и морам да кажам дека веќе се здобив со одлични импресии за Северна Македонија и за нејзиниот народ, со кој што споделуваме многу аспекти во поглед на менталитетот, културата но и двомилениумската историја. Дури и многу состојки од македонската кујна се совпаѓаат со италијанските.
MM. Што ви се допаѓа најмногу овде од начинот на живеење?
-Бездруго симпатичноста како и фактот дека македонците се многу директни, срдечни и го сакаат социјалниот живот, сакаат да споделат добра храна, кафе или чаша вино. Медитеранската диета, призната од УНЕСКО како наследство на човештвото, се базира токму врз овие аспекти.
MM. Чувствувавте ли непријатност или терет што амбасадорската фунција ја добивте токму во екот на пандемијата?
-Пандемијата денес ги отежнува социјалните односи и ги ограничува до неопходен минимум, што всушност e спротивно на човековата природа. Работиме преку социјалните мрежи, но секако дека преку нив не може да се направи се’ ниту пак да се постигне истиот ефект. Како што веќе се случувало во други историски периоди, пандемијата бездруго помогна повторно да ги откриеме другите димензии, на пример времето поминато со семејството. Како и да е, како што се случило и во минатото, убеден сум дека после пандемијата ќе стартуваме со поголем елан.
MM. За жал, Италија беше прва на удар по бројот на заразени и смртни случаи во Европа. Од кој дел на Италија потекнувате Вие, какво е вашето искуство со борбата со вирусот Ковид-19 во Вашиот крај?
-Живеам во Рим, но потекнувам од еден мал град во Тоскана. Начинот за соочување со вирусот е секако различен во двете средини но генерално, во цела Италија, споделивме големи мигови на солидарност кои ни дадоа сила да се бориме против истиот без никој да биде оставен во немилост.
MM. Освен маска и држење дистанца, како Вие лично се штитите од вирусот, витамини со кои го јакнете имунитетот, начин на живот, исхрана...?
-Ги почитувам препораките и на вашиот Институт за Јавно Здравје, конзумирам витамини (B, C, D3) и други суплементи и, како секој добар италијанец, редовно јадам многу овошје и зеленчук и се занимавам со спорт, пред сè со трчање на Водно.
MM. Штотуку заврши традиционалната Недела на италијанска кујна во Скопје, која годинава токму поради вирусот за жал не можеше да се одвива со убави дружења како претходните години. Кое италијанско јадење ви е омилено, а кое ви буди најубави спомени од детството?
-Многу сум среќен што слушам дека Неделата на Италијанската Кујна во Светот станала, како што рековте Вие, “традиционална“ и во Скопје. Ова е само еден од доказите за постоечкиот афинитет меѓу нашите народи, како што споменав претходно. Неделата на Италијанската Кујна во Светот е дел од еден покомплексен план за интегрирано промовирање надвор од Италија, наречено “Живеење на Италијански Начин“ (“Vivere all’Italiana”). Навистина сум горд затоа што нашето Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, преку своите претставништва во странство (амбасади, конзулати, институти за култура), продолжува да инвестира многу средства и енергија за соодветно претставување на тоа што се смета за “Италијански Врвен Квалитет“ (или “Eccellenza Italiana”). Италијанската кујна е еден од столбовите на таквиот “Врвен Квалитет“. Рецептите пренесени од генерација на генерација, овозможуваат да се раскаже италијанската култура и традицијата на италијанските региони. Италија е најголемата Земја во Европа по број на прехрамбени продукти и вина со етикета ”Заштитено” и е прва во Европа по број на биоземјоделски претпријатија. Италија е татковина на здравиот модел на исхрана, на “Slow food” културата.
Навраќајќи се пак на вториот дел од прашањето, на моите омилени јадења и сеќавања за вкусовите од детството, морам да признаам дека многу ја сакам пастата и тоа во комбинација со бесконечно многу видови на сосови, но исто така го сакам и рижотото што ми го спремаше мојата мајка. Освен тоа, мајка ми беше одлична и во подготовката на главните јадења, особено беше вешта со печењата, но исто така и со говедскиот стек, типично за нашиот крај. Салатите беа секогаш зачинети со нашиот маслинов зејтин. Се сметам за вистински син на ”медитеранската диета”.
MM. Знаете ли да готвите?
-Да, иако со лимитиран број на јадења затоа што пред сè, мојата сопруга е таа што сака да готви. Моите специјалитети се паста карбонара и риба (особено орада или гргеч) со печен компир.
MM. Да речеме дека за кратко време повторно ќе му се вратиме на стариот социјален живот. Кога би поканиле пријатели-соработници на гости, со што од италијанските специјалитети би ги угостиле?
-Би започнал со тоскански предјадења, тостирани лебчиња (кростини) со печурки, со крем од маслинки и пилешки џигерчиња. Како прво јадење би понудил шпагети аматричана (сос чија што главна состојка е месото од образот на прасето –гуанчале), а како главно јадење би понудил печење од свинско каре’ со грашок. За крај, парче добро тирамису. Секако, сето ова придружено со добро италијанско вино.
MM. Кој е Андреа Силвестри кога не работи, приватно и семејно?
-Јас сум страствен обожавател на уметноста, филмот и стрипот. Сакам да патувам и да запознавам луѓе од местата во кои се наоѓам. Особено ми се допаѓаат моментите поминати со пријателите и моето семејство, сопругата и двете деца, кога можат да доаѓаат во Скопје. Со оглед на моменталните прилики, не е баш лесно да се организираат патувања и средби така да проаѓаме доста долго време на Whatsapp и на други социјални мрежи. Сепак, се надевам наскоро ќе помине и сето ова.
Милица Џаровска