Сејдини: Од стара слава не се живее, продолжуваме за уште подобар фудбал
Фудбалската федерација на Македонија денеска одржа Редовното генерално собрание, на кое беа присутни 60 делегати.
Претседателот Муамед Сејдини потенцираше дека Куќата на фудбалот ќе продолжи да биде сервис на македонскиот фудбал и да работи напорно за остварување на целите.
„Драги пријатели и соработници, Во било која работа, па и во фудбалот…највредно е времето. Дали ќе го искористиме на вистински начин и дали ќе работиме напорно или едноставно ќе го подариме. Од моето искуство со вас, убеден сум дека ќа работиме напорно за Фудбалската федерација на Македонија и за промоција на нашиот фудбал и фудбалери. И навистина ми е мило кога на Конгрес на УЕФА или ФИФА ќе видиме огромна почит кон нашата федерација. Тоа е она што ги полни батериите и ни дава енергија за она што го правиме.
Во изминатите години успеавме да реализираме голем број на проекти и би сакал да се заблагодарам на сите во фудбалското семејство кои дадоа свој придонес. Овој тим е синоним за успех и надеж. За федерацијата и понатаму стратешки важно е вложувањето во инфраструктурата. До сега вложувавме во терени насекаде низ Македонија, но она што е важно да се нагласи е дека во наредниот период ќе работиме на подобрување на условите и на нашиот тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Со Управниот одбор ќе ја донесеме најдобрата одлука и мислам дека во наредниот период ќе можеме и поконкретно да зборуваме за тоа. Поентата не е само да се фотографираме, туку да ги покажеме конкретните чекори кои ги преземаме. Преку стратешки и проектен пристап, се подобрува фудбалската инфраструктура насекаде низ државата, градиме и уредуваме нови и постоечки стадиони, трибини и услови за тренинг.
Наша обврска е да создадеме максимални услови за нашите фудбалери и стручниот штаб на сите репрезентативни селекции. Да се чувствуваат комотно во нивната работа и да бидат секогаш најдобри на теренот како што и го покажуваат тоа и постојано го докажуваат.
Наша визија е пласман на големите натпреварувања да биде нормална работа и да станеме редовен учесник на истите. Успехот поставува нови стандарди на работа и професионалност, а тоа е и главна мотивација за новите генерации што доаѓааат. Успехот истворемено е и обврска да се работи макотрпно и истиот да се надградува постојано, од најмалите категории, училишниот фудбал, детските лиги и академиите преку националните селекции. Благодарност до сите оние кои не придржуваат во патот кон успехот, сите наши заинтересирани страни, со кои градиме партнерски однос, затоа што сите ние сме едно големо семејство. Би сакал да ја искористам оваа прилика да им честитам на фудбалерите и селекторот на македонската А репрезентација за успешниот почеток на квалификациите за Европското првенство.
Посакувам успех против Украина и Англија следниот месец. Бидете храбри и предизвикајте ги фаворитите во нашта група. За сѐ друго ја имате нашата поддршка. Би сакал да им посакам успех и среќа на македонската репрезентација до 21 година и на селекторот Канатларовски во новите квалификациите за Европско првенство.
Имаме добра прилика да се бориме за висок пласман и се надевам дека ќе успееме да ја искористиме. Важно е да ги споменеме и финансиските резултати на федерацијата. Зад нас е успешна година за што упатувам благодарност до Управниот одбор и администрацијата. Помогнавме и финансиски и логистички на секој од 26-те Општински фудбалски Сојузи, а тоа покажува колку за нашата федерација е битен тој сегмент. Во годишниот извештај може да се видат колку проекти и активности реализиравме со кои сите можеме да се гордееме. Од тој правец сигурно нема да отстапиме во следниот период. На стара слава не се живее, имаме план и програма и одиме чекор по чекор. Нашата програма за работа е квалитетно осмислена и ја следи федерацијата во однос на целите и тоа што треба и што може да се направи. Во однос на тоа имаме голема поддршка и помош од УЕФА и ФИФА за што сме бескрајно благодарни. Не бегаме од предизвиците кои се пред нас, напротив, подготвени сме и се радуваме на новите искушенија. Се во насока да бидеме горди на репрезентацијата, горди на младите селекции, горди на нашите клубови“.