Секој има право на достоинствен живот. Ајде сите заедно да изградиме свет без бариери: „Best Online Assistant“, платформа за едукација, дел од проектот на НЛБ Групацијата „Рамка за помош“

НЛБ Банка како дел од регионална Групација која оперира на 6 различни пазари во рамки на регионот на Југоисточна Европа (Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), веќе четврта година по ред го реализира проектот „Рамка за помош“, станува збор за иницијатива која има за цел да ги помогне и промовира иновативините проекти кои го подобруваат и збогатуваат нашето општество и решаваат предизвици како што се на пример: прекумерна употреба на дигитални технологии кај младите луѓе, врсничко насилство, кршење на човековите права, родова еднаквост, сиромаштија, како и предизвици поврзани со деменција и други болести на стареењето на населението.

Бренд Солушн – „Best Online Assistant“ е платформа за едукација, кариерен развој и различни видови на вработување на лица со попреченост. (full-time, part-time, remote or freelancers) а од оваа година и сертифицирани за "Disability management" обуки за пресонал и адаптација на простор на компаниите.

Разговарме со Елизабета Јовановска, за платформата и бенефитот од истата.

1. Како за почеток ве молиме претставете се или кажете ни што претставува платформата Best Online Assistant?

- Best Online Assistant е платформа за едукација, професионален развој и различни видови на вработување на лица со попречености.

Почна само како работа од дома во услови на Ковид, но потоа можностите се проширија и сега лицата со попреченост може да бираат различни видови на вработување и тоа: како фриленсери или со полно работно време или половина, во канцеларија или од дома, по проект или на неопределено.

На овој начин даваме еднаква можност за сите лица со телесна попреченост од цела Македонија.

- Така, од скептицизам и неверување од страна на луѓето околу нас, денес Best Online Assistant е светски наградена платформа од Zero Project и Обединетите Нации за најиновативен модел за 2023г кој нуди еднакви можности, пристапност и ги отстранува бариерите за сите лица со попреченост. Сакам да изразам и огромна благодарност до мојот тим Даниела Џинговска и Бранкица Димитровска – лица со попреченост, кои се грижат услугите кон другите лица со попреченост да бидат целосно адаптирани и да ги задоволуваат нивните потреби.

2. Каков е вашиот досегашен фидбек, колку навистина успевате да ги вклучите лицата со попреченост во работните процеси, обезбедувајќи им платена работа и достоинствен труд? Дали компаниите кај нас негуваат свесност за важноста за инклузија?

- Платформата Бест Онлајн Асистент е составена од 3 дела, Академија, каде лицата со попреченост посетуваат сертифицирани курсеви и се стекнуваат со вештини, потоа “marketplace” каде отвараат свои профили и ги понудуваат своите услуги и квалификации и третиот дел, каде ние ги поврзуваме директно со компании нудејќи на компаниите квалификуван и спремен кадар за вработување. Впрочем, ние им нудиме спремни кандидати, затоа што прво ги обучуваме лицата, а потоа со стекнати вештини ги препорачуваме кај работодавачите. Со оглед на тоа дека обуките кои ние ги правиме се целосно бесплатни за лицата со попреченост, секоја подршка ни е значајна, затоа што обезбедува можност за да обучиме повеќе лица а со тоа и да ангажираме едукатори од различни области.

На тој начин секоја компанија може да даде подршка, со тоа што ќе стипендира усовршување или стекнување на вештини кај лице со пореченост, кое во иднина ќе има еднаква можност за вработување како и останатите.

Во 2022 година обучивме 10 лица, од нив во редовен работен однос се 7.

Во 2023 година обучивме вкупно 203 лица – вклучувајќи и останати ранливи категории, од нив 72 успеавме да ги поврземе со компании и денес работат како фриленсери, на проекти, со полно работно време пријавени на неопределен временски период или со половина работно време. Наши клиенти се корпорации, фабрики, ИТ компании, Невладини организации, Општини. 

3. Сепка мора да признаеме дека живееме во општество каде надминувањето на предрасудите се уште се предизвик. Што би ги посоветувалеи би им порачале на нашите читатели, како можеме да придонесеме за да изградиме подобра иднина, посебно кога се во прашање маргинализираните групи?

- Гледајте во човекот, а не во попреченоста. Секој има право на достоинствен живот. Ајде, сите заедно да изградиме свет без бариери!

4. Дали компаниите имаат разбирање и поддршка при вработување на лица со попреченост? Дали сте се соочиле со одреден проблем?

На самиот почеток, прво селектиравме на кои компании да им пристапиме. На наше изненадување некои големи компании кои се истакнуваа на своите веб страни дека се инклузивни, не беа баш расположени за инклузивност или подршка во пракса. Но за среќа од поголемиот дел наидовме на одличен одзив, а денес веќе голем број ги користат услугите кои ние ги нудиме.

5. Вие сте едни од 10-те финалисти на проектот  на НЛБ Групацијата „Рамка за помош“. Кои се вашите очекувања?

- Искрено очекувам да бидеме едни од наградените на регионално ниво, затоа што можностите кои ги нудиме не се ограничени само во Македонија.

6. Од какво значење за вас е нивната поддршка?

- Секоја подршка е значајна затоа што обезбедува средства за обука на нови лица.

7. И за крај која е вашата порака во однос на компаниите и нивната спремност да ги прифатат различностите?

- Убавината е во различностите. Испраќам порака до компаниите, доколку сакате спремен кадар во вашата компанија и низа други бенефити,контактирајте не, а ние ќе се погрижиме целосно да одговориме на вашите барања.

Исто така испраќам повик и до сите лица со попреченост во Македонија, доколку сакате до-едукација, да се стекнете со нови вештини или пак барате работа, контактирајте не. Ние ќе се погрижиме да го најдеме вистинскиот работодавач за вас.

Н.Толески