Сестринството од манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ - Матка со порака: Како и секое искушение и ова ќе помине

Во рамките на нивните сили, сестринство од Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ - Матка, преку нашиот магазин, на сите верници упати порака за големиот христијански празник Велигден:

Монахот молитвено тихувајќи треба да е светлина на светот, утеха и прибежиште на секоја страдална душа, преку својата молитва да се уподобува на Богомајката Пресвета Богородица, која тивко во своето срце ги носи и се грижи за сите луѓе и целиот свет. И ние сестрите при манастирот Матка како и секој монах, се трудиме да живееме по урнекот на Богомајката и молитвено да сме подршка и утеха на сите во ова време на силни искушенија од болести и смрт. 

Како и секое искушение и ова ќе помине, страдајќи и трпејќи сите ние земаме учество во страдањата на Нејзиниот Возљубен Син Господ Исус Христос во Неговиот Крст, Голгота и Смрт за на крај да ја добиеме наградата и да учествуваме во Неговото Светло Воскресение. 

Во контект еден мал извадок од нашиот возљубен Старец:

“Смрт, добредојде! Не можам, а да не те дочекам со – добредојде. Кога и да е тоа. Кога и да ти речат. Зашто откако Богочовекот Христос дојде, сѐ од Него е добредојде. И ти самата. И сега не си само смрт, туку, во Него, истовремено си и воскресение.

Пред Него – труд, мака, надеж, исчекување. Дури и доброто и убавото не ни беа мили. Како маката да немаше крај, а само доброто и убавото. Очај и бесмисла. Но, по Неговата смрт, ништо веќе не е исто. Затоа, добредојде.

Сега, Он е со нас. Не како кога бевме отуѓени, туку како Негови. Како што вели апостолот: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (1 Гал. 2, 20). Токму преку Крстот и преку тебе, смрт, докрај посвоени. Вистински деца Божји. И повторно, добредојде.

Дозволи ни на крај, заедно со апостолот Павле, на твоја сметка да се пошегуваме: „Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата?“ (1. Кор. 15, 55).

Христос Воскресе!”

Ваши и секогаш со вас во молитвите, сестринство Матка!

Небојша Толески