Шетаме по улиците на Палермо и пееме македонски песни, ги скротивме и темпераментните Италијани: Атмосфера пред историскиот натпревар на нашата фудбалска репрезентација
Два дена се слушаат песни низ улиците на италијанскиот град Палермо и во тамошните кафулиња. Македонската фаланга и овој пат го оправда епитетот на највесела и мирољубива навивачка група. Во градот се наоѓаат околу 2000 навивачи кои пристигнаа од Македонија.
-Сите сме среќни што дочекавме македонската фудбалска репрезентација да се бори во бараж за пласман на светското првенство. Оваа радост многупати сме ја доживеале со ракометарите, но сега и со фудбалерите. Свесни сме дека имаме тежок противник, но ние не губиме надеж. Ќе навиваме од срце и на трибините. Италијанците се темпераментни, но со нашето навивање ги скротивме. Излегуваат на улиците и не поздравуваат, на моменти се чини дека ни даваат и поддршка – вели Мирослав Поповски, еден од најверните навивачи на македонските репрезентации.
Натпреварот ќе се игра во Палермо, вечерва со почеток во 20.45 часот на стадионот „Ренцо Барбера“.Победникот од овој меч во финалето ќе оди на гости кај поуспешниот од пресметката Португалија – Турција. Македонската фудбалска репрезентација за првпат во својата историја учествува во бараж за Светско фудбалско првенство.
С.А.Н