Скромен и прекласичен: Стилот на градоначалникот Стефан Богоев
Има моменти кога е одлично облечен, веќе во други ја нема таа експресија. Не игра со трендови, оди на сигурно, ама барем модно е искрен
Порано можеби многу повеќе се грижеше за својот стил, сега некако влезе во машинерија и се ограничи во облекувањето. Разбирливо е за Стефан Богоев, градоначалникот на општина Карпош дека функцијата си бара одреден дрес код без премногу егзибиции, но добро облечен маж во согласност со врвни естетски критериуми не може да погреши. Не дека Стефан греши, но многу често е едноличен, без да остави свој личен белег, иако е релативно млад и може да демонстрира малку поинакво политичко облекување. Зборуваме модно, не за неговите професионални достигнувања и градоначалничката функција.
Премногу е класичен, прескромен, а таа скромност во облекувањето не му дозволува да прикаже повеќе самодоверба со парчињата. Но, грижлив е и внимателно бира, ама се во рамките на веќе воспоставените досадни норми. Бидејќи е млад, може да се каже дека се му стои, но внимателно со килограмите. Дури и да е најубаво облечен, стомакот може да го расипе целиот впечаток.
Барем е искрен во она што го носи! Нити претерува, нити се кити со непотребни детали. Скромен, тоа би била неговата модна дефиниција.
Сака да носи фармерки и знае дека се најпрактични. Но, фармерките во неговиот случај се добри кога е приватно со друштво. На јавни настани сепак панталони, може и спортски да завршат работа.
Кожените палта се за друга намена, во поинакво опкружување, исто како и јакните и патиките. Релаксираната облека е добредојдена, но во очите на јавноста се создава друга слика, а не како што мислиме дека така облечени се блиску до народот. Народот сака дела!
Она што можеби е најдобро кај неговиот стил е исклучителниот добар избор на сакоа. Му стојат по мерка, ги има во различни дезени и кошулите во комбинација му се вистински погодок. Дури и не пречи што не носи вратоврска. Можеби понекогаш треба да внесе боја, не премногу светла и да игра со спортската елеганција која тука некаде би го оформила неговиот стилски израз.
И да! Редок политичар кој скоро постојано има насмевка на лицето.
Небојша Толески