Скромноста како политичка порака: Овие претседатели се сметаат за најсиромашни во светот

Во свет во кој политичарите често се поврзуваат со луксуз, моќ и привилегии, неколкумина државници избраа поинаков пат – скромност и едноставност, не само како личен став, туку и како силна политичка порака.
Овие лидери, иако на чело на државата, живееле без раскош, донирале голем дел од својата плата и одбивале да ги користат бенефитите што функцијата ги носи. Еве неколку од нив:
Хозе Мухика – „Најсиромашниот претседател во светот“
Поранешниот претседател на Уругвај (2010–2015) е глобално познат по тоа што одбиваше да живее во претседателската палата. Мухика живееше во скромна фарма на периферијата на Монтевидео со сопругата и кучето, возејќи стара „Фолксваген буба“. Дури 90 проценти од неговата плата ја донираше за добротворни цели. Неговата изјава „Не сум сиромашен. Сиромашни се оние кои никогаш не им е доволно“ стана симбол на отпорот кон материјализмот во политиката.
Џојс Банда – лидерка со јасен фокус кон народот
Како претседателка на Малави (2012–2014), Џојс Банда го продаде претседателскиот авион и луксузните автомобили од државниот возен парк. Таа сметаше дека државните средства треба да се пренасочат кон здравството и борбата против сиромаштијата. Иако не потекнуваше од богато семејство, таа ја носеше функцијата со достоинство и одговорност.
Ево Моралес – од сиромашно детство до прв домороден претседател
Како син на земјоделци и поранешен пастир, Ево Моралес стана прв домороден претседател на Боливија (2006–2019). И покрај функцијата, често патуваше со редовни авиони, носеше обична облека и одбегнуваше протоколарен раскош. Се бореше против нееднаквоста и беше симбол на работничката класа, иако на крајот неговиот мандат беше засенет од политички контроверзии.