Со Цезар под седло и Македонија во срце: Шеснаесетгодишната Андреа, дел од битолската коњаница за Илинден - „За многу години Македонци“

На денешниот голем празник Илинден, кога се одбележуваат 122 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, сите патишта водат кон славното Крушево – срцето на македонската историја и борба за слобода. Илјадници граѓани од сите краишта на државата се упатуваат кон Мечкин Камен, каде што со достојни церемонии и културно-уметничка програма се оддава почит на илинденците и нивната пожртвуваност за независна Македонија.
Под звуците на традиционалните песни, со македонски знамиња во рацете и срца полни со гордост, народот се собира да го слави духот на Илинден. Особено впечатлива е илинденската коњаница, која секоја година симболично го оживува патот на борците, носејќи ја пораката за единство, слобода и достоинство.
Крушево денес не е само историско место – тоа е жива меморија, сведоштво за борбата на една мала, но горда нација која со векови ја градела својата слобода и иднина.
Меѓу коњаниците кои годинава со гордост пристигнуваат во ова симболично место, посебно внимание привлекува Андреа Данаилоска – 16-годишна девојка од Гостивар. Иако млада, Андреа со силна волја и љубов кон татковината, станува дел од илинденската коњаница, продолжувајќи ја вековната традиција што го слави духот на Крушевската Република и борбата за слобода.
Шеснаесетгодишната Андреа Данаилоска од Гостивар, ученичка во втора година во Средното општинско медицинско училиште, и оваа година гордо јава кон Крушево како дел од илинденската коњаница. И покрај младите години, Андреа веќе четврта година по ред е дел од оваа патриотска традиција која го слави духот на Крушевската Република.
Идејата да се приклучи на коњаницата ѝ се родила уште на дванаесетгодишна возраст. Вели дека токму љубовта кон татковината, желбата за авантура и историското значење на Илинден ја мотивирале да го направи првиот чекор.
„Со јавање почнав од мојата петта година. Прво аматерски, секогаш со поддршка од моите родители и мојот драг чичко Адем. Потоа почнав овој спорт и професионално да го изучувам со државниот прв во коњанички спортови, Андреј Мишев“, вели Андреа за Женски магазин.
Андреа веќе 14 месеци го има нејзиниот верен пријател Цезар, а секој момент вели поминат со него, за неа е непроценлив. Коњот Цезар е прекрасно животно, и однадвор и одвнатре. Послушен, силен и вешт коњ.
„Да се биде дел од илинденската коњаница е прекрасно и неописливо чувство. Мене овие денови ме исполнуваат, ме прават горда Македонка“.
Младата комитка оваа година е дел од Битолската коњаница „ГАЛОП“. Првата година јавала за Горно реканската коњаница и мавровската, втората и третата била дел од кичевската „Богородица Пречиста“, а четвртата година, односно во 2023 година беше создадена и највпечатливата фотографија на социјалните мрежи. Облечена во автентична комитска облека, качена на својот коњ Зекан, во момент кога коњот се издигнува на две нозе, фотографот Бобан Косинов успеа да го „улови“ овој спектакуларен кадар кој стана вирален и беше симбол на младешката енергија и продолжување на традицијата.
„Тргнувањето беше со дефиле по Широк сокак, низ градот се упативме кон селото Цапари каде што преноќивме во конаците на прекрасниот манастир Св. Петка. Трасата беше долга и напорна не беше лесно на плус 40 степени, но правевме мали паузи. Вториот ден јававме до Стрежевско езеро, третиот кон славното Смилево, четвртиот ден до селото Слепче. До селото Бирино стигнавме петтиот ден, а веќе шестиот ден стигнеме во Крушево. Следуваше спојување на коњаниците од цела Македонија. Во Крушево секогаш сме срдечно пречекани и поздравени од Крушевчани. Го оживуваме минатото преку дефиле низ градот до Гумење. Денес 2-ри август сме на Мечкин Камен, овде е печатот на седумдневното патување. Оддавање почит на сите славни комити кои своите животи ги дале на ова место, за својата Македонија“.
Дружење и дисциплина за време на илинденското патешествие е приоритет кој мора да се почитува.
„Годинава сме 6 девојки, што е реткост во која било друга коњаница. Сите сме во иста носија без разлика на полот“.
Храбрата и горда Македонка Андреа, ги охрабрува сите девојки кои сакаат да учествуваат во илинденската коњаница, тоа да го направат следната, затоа што е незаборавно искуство.
„Јас испраќам силна порака и ги охрабрувам сите девојки кои се во можност да го прифатат овој предизвик. Иако не е лесно, да одат до крај, бидејќи е незаборавно искуство. Ви благодарам и за многу години на сите Македонци каде и да се“, порача Андреа.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Приватна архива
*Забрането е преземање на авторски содржини од „Женски магазин“