Стари и по 10 сезони: Светски модни брендови во Македонија

Тоа што ја нема Македонија на листата со светски препознатливи брендови веќе не е ни чудно. Согласно анализата на британската Brand Finance за 2019 година, во топ 100 национално рангирање на брендови по вредност, Македонија не е ниту спомната. Од земјите во регионот Грција е на 57 место, Словенија на 60, Бугарија на 68, Србија на 76 место, а Хрватска на 78 место.

Непостоење на национална стратегија за институционална поддршка за индивидуално јакнење на домашните брендови е еден од главните фактори за овој неуспех на нашата земја. 

Поддршката на македонските компании кои како двигател на стопанството имаат развиено квалитетни производи и услуги, преку вложување во развој и градење на силни брендови, позитивно ќе се одрази врз севкупниот раст на националната економија, но и на промоција на Македонија како земја на потекло на препознатливи бренд производи.

А, за модни брендови и да не зборувме. Имавме само во времето на поранешна Југославија, а од тогаш па до денес такво нешто не е забележано.

Но, ние немаме ни светски познати модни брендови кои се од А- класа со свои претставништа овде. Сите сме слушнале за Армани, Долче и Габана, Карл Лагерфелд, Том Форд, Версаче, Диор, Шанел, Гучи, Луис Витон, Ралф Лорен, Келвин Клајн... Ама тие очигледно не се заинтересирани да инвестираат на така мал пазар како нашиот, со слаба куповна моќ. Едвај една „Зара“ се отвори овде, (која не е ни А-класа) после децениски преговори.

Но затоа пак, одредени наши мулти- бренд фирми (многу ретки) ги носат некои од горенаведените брендови и ги пуштаат во продажба. Оние помалку упатените, ќе се воодушеват кога ќе ги видат, а оние упатените веќе знаат дека се работи за парчиња облека или колекции кои се стари (не сите) и по десет па и повеќе сезони. 

А, се продаваат како да се дел од новите колекции. Скапи секако! Во ред е да се скапи, светските брндови не се евтини никаде, но прилично скапи се најновите парчиња, не облеката која им останала на залиха од пред 5 години, а таа најчесто се продава овде.

Постојат и различни канали на носење на таа облека. Преку посредници, преку балкански компании, самостојно...

Истото ова се случува и со чевлите, се разбира, оние скапите, брендираните, ама стари (од изминати сезони) и по 10 години.

На пример, во Италија постојат огроми хангари со чевли, чизми и секакви обувки во кои се продававаат оригинали (неретко и копии) кои се исклучително евтини, по 10 или 20 евра, некои и помалку, а овде истите тие се продаваат од 100 евра па нагоре.

Пазарот е огромен, манипулации постојат! Посебно кога се работи за брендирана облека. Кога веќе сте одлучиле да одвоите поголема сума на пари за брендирано парче, а сакате да е од нова колекција или барем една сезона поназад, тогаш информирајте се што купувате, каде купувате и дали вреди!

На интернет страниците на познатите модни брендови ги има и цените и колекциите, а ги има и продажните места ширум светот, па во секое време се гледа промената на цената, залихите и артиклите.

Н.Т.