Студентите презадоволни од академската пракса во „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“: Проектот продолжува и следната година
Првата група студенти од Факултетот за медицински науки при УГД Штип успешно ја завршија својата пракса во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Во изминатите два месеца 42 студенти добија можност за практична настава во најсовремената приватна болница во регионот која располага со најсофистицирана медицинска опрема и се едуцираа од врвни доктори со долгогодишно искуство зад нив.
Практичната настава на студентите поделени во групи се одвиваше на одделите за интерна медицина, хирургија, педијатрија и гинекологија и акушерство, а студентите имаа можност да стекнат искуство и по дел од изборните предмети кои ги изучуваат, односно дерматовенерологија, онкологија, радиотерапија, оториноларингологија и дијагностичка и интервентна радиологија. За студентите стекнатото знаење и искуство е од огромна важноста за нивниот понатамошен професионален ангажман и е од огромно значење особено во моменти кога јавното здравство поради притисокот од ковид-кризата не е во можност да ја обезбеди неопходната пракса за студентите по медицина од завршните години.
,,Академска пракса Аџибадем Систина’’ е пионерски проект, кој стартуваше на 9 ноември годинава, а болницата е единствена во регионот која истовремено овозможува едукација, истражување и клиничка пракса. Проектот со кој ќе бидат опфатени околу 100 студенти продолжува и следната година. „Аџибадем Систина“ во февруари ќе ги отвори вратите и за втората група студенти од VI година на Факултетот за медицински науки при УГД Штип.