Телефоните наскоро стануваат минато: Иднината ни доаѓа со паметните очила и гласовни команди
Професорката Ејми Веб од Универзитетот Стерн во Њујорк предвидува дека мобилните телефони наскоро би можело да исчезнат и наведува дека тоа не би било првпат да дојде до радикални промени кога е модерната технологија во прашање. Таа предвидува дека ќе се појават нови уреди кои ќе ја преземат функцијата на мобилните телефони.
„Денес расте продажбата на безжични блутут слушалки преку кои лесно се управува мобилниот. Има се повеќе направи кои може да се управуваат со гласовни команди. Мислам дека наскоро повеќе нема да имаме еден апарат со еден екран, како што се мобилните телефони, туку серија апарати кои се поврзуваат со мобилниот“ - вели Веб.
Проценува дека е можно во наредните 10 години технолошките уреди да се поврзуваат со „паметни очила“ или нараквици и наведува дека овогодинешното лето ќе биде „почеток на ерата на паметни очила“.
Таа вели дека денес кај мобилните телефони нема големи иновации, а и продажбата опаѓа, пренесува порталот bankar.me.
„Да се сетиме дека пред околу 20 години имавме експанзија на дигитални камери и појава на персоналните компјутери. Кој тогаш би кажал дека само 10 години подоцна ќе ги имаме тие два апарати во еден - мобилен телефон“ - заклучува Веб.