Тоше бил инспирација за авторот Влатко Стојковски: Никогаш нема да ги заборавам неколкудневните „Игри без граници“

Влатко Стојковски е наставник по македонски јазик, автор на една книга и овластен лектор, роден e во Битола во 1986 година. Живеe во Битола, а работи во рурално основно училиште или поточно во село Жван, демирхисарско. Работи со ученици од шесто до деветто одделение. Предава македонски јазик и оттука постепено се појавила и љубовта кон пишувањето.

- Тоше го запознав индиректно за првпат кога моите родители ми ја купија аудио-касетата со песни од неговиот прв албум „Некаде во ноќта“. Оттогаш станав вљубеник во неговата музика и постојано ја следев неговата кариера. Лично имав можност да го запознаам во 2006 година во хотелот „Десарет“ во Охрид. Чинам беше месец октомври, кога појдовме таму, а нѐ однесоа како студенти преку студентската организација од факултетот во Битола. Беа тоа неколкудневни „Игри без граници“ кадешто Тоше и негови пријатели од естрадата и од неговиот приватен живот играа одбојка на игралиштето од песок што се наоѓаше во рамки на хотелот. Нашата посета започна од утринските часови и траеше до вечерта кога на мини-бина, во дворот на хотелот, Тоше настапи во живо со изведба на повеќе негови песни и песни од други изведувачи. – открива Стојковски и дополнува дека тоа бил еден од неколкуте настапи на којшто имал можност да го гледа во живо.

- Претходно присуствував и на негови концерти во Битола, Крушево по повод Илинден, а за време на последниот во Скопје во 2007 година, другар ми кој беше таму ми се јави по телефон и ми пушти да слушнам дел од атмосферата. Помислив: „Ајде, наредниот концерт ќе одам со сигурност.“ Никогаш не можев да замислам што ќе стане. Се навраќам на запознавањето во Охрид. Пред вечерниот настап, Тоше самиот се шеташе по крајбрежјето на езерото. Беше облечен во белиот комплет тренерки по којшто беше препознатлив. Се сеќавам, се капевме во езерото. Беше топол октомври. Кога излеговме на плажата и се исушивме, Тоше застана и имав можност лично да се запознаам. Поседе со нас неколку минути. Нема да ја заборавам топлината во неговите зборови. Нѐ прашуваше како ни одат студиите, кажа по некој убав збор за Битола и на крај се фотографиравме. Му се заблагодаривме, а ни се заблагодари и тој нам за честа што сме му ја укажале. Останавме збунети. Не можеше да ни стане јасно како е можно еден толку млад човек, кој постигнал толку многу и беше на врвот во Балканот несомнено, да биде така приземен и смирен. Ден-денес, таа средба ми е како во сон. Вечерта додека пееше на сцената, во самиот хотел имаше свадба. Кога тој излезе, сите гости и младоженците излегоа да го слушаат. Тој, секако, во негов стил, и на младоженците им посвети должно внимание со по некоја песна. – посочува тој.

Тоше го сакал и почитувал не само поради музиката и неверојатниот глас. Кај него посебен впечаток му оставил и јавното исповедање на неговата вера во Бога и љубовта спрема родителите.

- Скромноста која во него пребиваше, не беше својствена за ниедна јавна личност од неговото време. Луѓето остануваат стаписани од она што претставува ретка појава, посебно кога тоа е во позитивна смисла, како во неговиот случај. За мене тие вредности секогаш имале и ќе имаат вистинско значење - верата, љубовта кон родителите и скромноста. Оттука можеби и самиот почнав повеќе да се интересирам за верата и се обидов да ја живеам во што повитална смисла на зборот. Се обидов да станам подобар син и човек којшто на свој начин ќе може да даде позитивен придонес во општеството каде што припаѓа. Денес тоа го правам преку учителската професија, а Тоше барем еднаш во годината, наоѓа свое место и во наставата што ја реализирам. – вели авторот, кој му посветил и расказ во засега единствена книга насловена како „Записите на учителот“.

- Во текстот е опишана случка за којашто своевремено уште додека Тоше беше физички со нас, ја прочитав во некое списание. Имено, во неа одредено девојче кое поседува телесен инвалидитет успева да се сретне со саканиот пејач после еден негов концерт. Неретко за Тоше слушавме дека и по завршувањето на концертите, останувал уште по неколку часа за да им посвети време на сите оние кои сакале да се сретнат со него. Насловот на книгата го содржи зборот „учител“. Тоше секако беше универзален учител за сите и затоа си дозволив да се послужам со неговото име. Неговото училиште на љубовта остави богати плодови. За него напишав и една творба во стихови којашто свое место најде во богатата стихозбирка насловена како „1200 молитви за Тоше“, а истата беше и јавно презентирана во Спомен домот на Тоше во Крушево пред некоја година. – вели Стојковски.

Песната е насловена како „И пак запеј ни“. А дел од стиховите се:

„...И штом разбереш дека овде,

И песната после тебе престанала,

Подај рака од небесата,

И пак запеј за сонцето што заоѓа,

За полските кринови,

За ден за нас во кој секој утеха наоѓа.“

С.А.Н