Тренерот на нашата олимпијка Миа Блажевска Еминова: Дисциплината и самодовербата се најзначајни
Има настапено на преку 60 маратонски трки во пливање. Беше национален првак и рекордер во кадетска категорија во дисциплината 100 метри грбно. Играше и беше член на Младинската Ватерполо репрезентација... Илија Стојановски е вонсериски талент кој пливачката вештина ја совладал до перфекција, а неговиот исклулителен спортски дух постојано го „тера“ во нови предизвици. Моментално работи како тренер во ПВК Орион со прилично млада, но успешна група на пливачи. Тоа го потврдува и фактот што тој е личен тренер на монетално најуспешна македонска пливачка- Миа Блажевска Еминова. Со неа заедно веќе се во Токио на Летните Олимписки игри и се надеваме на добар пласман на Блажевска.
За Машки магазин, Стојановски раскажува за својата кариера, успесите и подвизите...
ММ. Со тага богато пливачко портфолио, Вие навистина имате завидна кариера. Но, како се случи да го одберете пливањето?
- Желбата за пливање започнува уште далечната 1992 по завршување со летните Олимписки Игри 1992 во Барцелона, на 10 годишна возраст. Во почетокот започнав со тренинзи во школата АПВК Студент и како напредував веќе за кратко време бев префрлен во клубот и потоа дојдоа и првите национални натпревари, па првите дипломи за освоени места за на крај веќе да дојдат првите меѓународни натпревари и медали. За само 3 години станав и национален првак и рекордер во кадетска категорија во дисциплината 100 метри грбно. Потоа имав мал пех скршив рака и не можејќи брзо да се вратам во посакуваната форма решив да се прфрлам во ватерполото. За моја среќа и напорна работа и таму брзо е и сите 4 години додека тренирав од 1996 до 2000 бевме национални и куп победници на нашата држава со мојот клуб, ВК Младост од Скопје. Во истиот период играв и бев член на Младинската Ватерполо репрезентација. Настапивме на 2 балканијади и 2 квалификациски турнири за Младинско Европско Првенство. Кога завршив со репрезенативните настапи во ватерполо во 2000 година по препорака на мојот добар пријател Томи Стефановски започнав да се занимавам и со далечинско-маратонско пливање.
ММ. Каде сè имате настапувано?
- Имам настапено на преку 60 маратонски трки меѓу кои како најзначајни би ги истакнал Маратоните во Канада и настап на езерата Сент Жан каде водата е дури 14 степени и Магог. Реката Парана во Аргетина, потоа настап на пеколни температури на воздухот и водата во преубавиот Дубаи каде ми остана во сеќавање трагедијата што се случи на еден од најдобрите маратонски пливачи од САД, Френ Крипен кој трагично го загуби животот на самата трка од топлотен удар.
ММ. Неостварен сон ви е Ла Манш...
- Да, еден од моите соништа е препливувања на каналот Ла Манш. Пандан на овој спортски потфат е искачувањето на планината Монт Еверест што би значело дека е едно од најпрестижните спортски предизвици. Мојата желба да го препливам каналот беше и сеуште е голема, но пречка ајде така да ја наречам, се финансиките средства кои за наш стандард се превисоки како и макотрпните подготовки за кои е потребно доста време.
ММ. Која е Вашата пливачка специјалност?
- Додека се натпреварував во базен беше грбно и пеперутка стил. Но, последните 10 години од моето активно занимање со спорт беше маратонско пливање кое може да се каже дека е еден од најтешките спортови . Иако е тежок спорт сепак победите на вакви долготрајни трки кои честопати траат и по 10 часа се особено слатки.
ММ. Сега сте тренер и обучувате млади пливачи. Успехот и задоволството се дупло поголеми кога се знае дека токму од Вашиот клуб имаме олимпијка...
Токму Миа Блажевска Еминова не преставува на Олимписките игри Токио 2020. Со последните резултати од трката во Белград е најдобра македонска пливачка. Досега имавме настап на 2 Комен Купа, едно Централноеврпско првенство, како и по едно Европско младинско и сениорско со Миа. Од овие настапи, највисоки пласмани Миа има остварено на Комен купот во Бургас 2019 година каде освои две 4-ти места. Забележителен настап имаше и на младинското европско првенство во Рим каде беше на средина во нејзините дисциплини.
ММ. Сепак и во овој спорт како и во останатите кај нас има недостатоци...
- Како држава за жал имаме премалку базени кои работат во текот на целата година. На целата територија на РМ постојат само три базени каде што тренираат пливачите од спортските клубови.
ММ. Кои се бенефитите од пливањето?
- Пливањето е спорт со бенефит за целото тело односно правилен развој на целиот локомоторен, кардиоваскуларен и психофизички систем. Понатаму како и останатите спортови и со пливањето се влијае на формирање на еден здрав карактер каде дисциплината и самодовербата се најзначајни.
ММ. Дали во Вашето семејство некој пројавува интерес за овој спорт?
- Во моето семејство пливањето не е само моја главна секојдневна преокупација и страст, туку мојата ќерка Теодора покажува амбиции за погоме успеси во пливањето и веќе има освоено неколку награди од меѓународни натпревари како и освоени медаљи во својата категорија на националните првенства. И мојот помал син Никола веќе започнува да се натпреварува и да покажува афинитет овој спорт.
Небојша Толески