Ваљон Салиху, Портпарол на град Скопје: Нема да ме препознаете без брада
Релаксирањето денес во она што го работиме е привилегија ако знаеме како да си ја обезбедиме. Брзиот животен ритам, работата, семејството се дел од нашето секојдневие и целосни сме кога знаеме да ги искординираме нештата во вистинска насока.
Валон Салиху, Портпаролот на град Скопје е човек од акција. Сто проценти спремен да одговори на предизвиците. Има набиена агенда на работа, но професионализмот не му дозволува да не биде се’ под конец. И во целиот тој работен распоред, Салиху знае колку координацијата има влијание, па многу паметно ја распоредува.
- Станувам рано, затоа што работниот ден ми почнува во 8:30 наутро, и истиот скоро секој ден го почнуваме со координативен состанок со кабинетот на градоначалникот. Често знае денот да ми почне многу порано како резултат од утринските гостувања во некоја утринска емисија. Скоро секој втор ден имаме некој настан за организирање или прес на градоначалникот и 50% од денот обично го посветувам со самата организација и сето тоа што следи од после. Другите 50% ми се различни состаноци, интервјуа, одговарање на прашања поставени од новинари кои често знаат да се многу, дизајнирање постери и инфографици или монтирање на видеа и слично и секако координации со градоначалникот во врска со комуникациските стратегии на градот. Работниот ден официјално ми завршува во 16:30 меѓутоа, неофицијално знае да ми заврши и во 23:00 часот навечер кога се случува да добијам некоја обврска за следниот ден или сум на некој настан организиран од страна на градот. Најубавиот и најквалитетниот дел од денот ми е периодот кога ќе се враќам дома затоа што тој дел од денот го поминувам со мојата нај сакана личност а таа ќерка ми Луна- вели Ваљон.
Но, таквото темпо на работа знае да го „ублажи“ или компензира приватно со посета на места кои ги полнат батериите. А, ние имаме многу такви кои нудат посебен спокој, тишина и „простории„ за размислување:
- Скопје е убав град и не би го менувал за ниту еден град во светот. Имаме преубави места за релаксација и дружба во слободно време. Често знам да излезам на Кеј и да истрчам 10 километри, тоа најмногу ме релаксира психички. Градскиот Парк исто така е преубаво место да се помине со другарите и блиските преку викенд. Едно место во Скопје кое зазема посебо место во моето срце и каде најчесто одам кога сакам да се одмарам е Езерото Треска. Приколката која ја имаме со години наназат, зеленилото, реката и тишината која те опкружува во Езерцето, знаат да ми ги наполнат батериите како ништо друго- додава Салиху.
Инаку, Портпаролот има истенчен стил на облекување кој во целост го доловува. Воопшто не сака да истакнува работи кои не му се блиски по сензибилитет или нешта во кои тој не е тој! Лично, стилот како дефиниција не го сфаќа само како начин на облекување туку како една многу по комплексна работа која во себе сноси многу повеќе елементи од колку самата облека.
- Да, облеката секогаш помага во создавањето на стилот, особено кон надворешниот свет и градењето на твојот имиџ и особено кон луѓето кои немале прилика лично да те запознават, меѓутоа карактерот е тој кој што го дефинира човекот како таков. Кога карактерот кај еден човек е создаден секако дека начинот на облекување значително придонесува кон надградувањето и создавањето на истиот. Со други зборови, ако сите овие работи ги собираме и ги ставаме во едно место, можеби ќе добиеме дефиниција за стилот- потенцира Ваљон.
Во поглед на тоа како тој се дефинира себе си стилски, секогаш сака да биде во тек со модата меѓутоа не почитува екстремизми и претерувања или како што би рекле американците “overdressing”. На улица често можете да ге видите во елегантна комбинација, ама никогаш не е претерана. Во домашна атмосфера повеќе ја преферира комотноста.
Но, што според него е пресудно за добар стил?
- Мислам дека нај пресудно е да не се меша трендот и стилот затоа што тука често се прават најголемите грешки. Има луѓе кои сакаат да бидат во тренд и трудејќи се да го направат тоа се губат себе си. Мислам дека за да се има добар стил првично треба суштински да се разбере разликата помеѓу трендот и стилот. За да имаш добар стил, треба да имаш капацитет и вкус да знаеш да направиш комбинации и од тоа што го имаш во располагање и да знаеш дека тоа што си решил да го носишили комбинираш ти одговара- дециден е.
Знае да направи стилски експерименти од време на време но во рамки на нормалата. Екстравагантоста не е негов стил и како како што вели „Работата не ми дозволува да кршам некои бариери. Сепак кога излегувам пред медиуми треба да изгледам по пристојно за да не се дефокусира реалната вест од тоа што имам облечено и зошто го имам облечено“.
Ама постои „трилема„ кога го прашавме дали е припадник на минимализам, хедонизам или авангарда:
- Реално кажано се наоѓам во сите групи, зависно од денот или расположението. Негде повеќе а негде помалку меѓутоа не би можел да одвојам една и да кажам дека тоа сум 100% јас. Ако анализираме по детално често можеме да најдеме авангарда во минимализмот или милиманизам во хедонизмот. Така што, мислам дека припаѓам во сите три групи по малце- низ смеа ни одговори.
Сепак, ја бира елеганцијата и смета дека како стил на облека, во елеганција може да се најде секој и убаво да му стои, потенцирајќи дека група на елегантно привлечени луѓе секогаш привлекува внимание.
Интересно е тоа што често знае да подарува облека и со тоа му се создава простор да си купи нова. Не сака да се поврза многу со конкрена облека. „Ако по нешто ме критикуваат дома тоа се патиките, ги имам доста и насекаде и често знаат да фаќаат повеќе место во споредба со другите членови од семејството- вели Ваљон.
А, претежно големите брендови знаат да направат квалитетна и издржлива облека и тоа е најголемата причина зошто често решава да купи брендирана облека. Не му претставува посебен фетиш марката како марка туку најбитно му е убаво да стои кога ќе го облече. Често се радува кога ќе најде квалитетна облека која убаво му стои, а од друга страна не е воопшто скапа. -Тие работи можеби и најчесто ги носам- искрен е Салиху.
Со неговиот стил сака едноставно да креира имиџ и бренд од себе по кој ќе биде препознатлив и на некој начин да се издвои од другите.
„Кратко речено, сакам да има “свое јас”.
Токму потикнати од ова „свое јас„ го прашавме дали ако сте автентичен, тоа значи и осудување од нашава средина?
- За жал да. Менталитетот и средината во која живееме често знае да осудува и тоа врз база на повеќе основи. Автентичноста, особено во стилот, е нешто што те прави различен од другите, а различноста во повеќе средини кај нас се осудува. Лично и јас имам такво искуство и сум се нашол во такви ситуации, но никогаш не сум им обратил посебно внимание, едноставно не сум дозволил да допираат до мене, а мислам дека тоа е најдобриот начин да се справуваш со оваа појава која често ја гледаме кај нас.
Има повеќе фактори кои влијаат за тоа што ќе реши да носи за конкретен ден или конкретна вечер. Знае денот да му почне со утринско интервју или утринска изјава и тоа значи дека треба да биде облечен по пристојно. Други денови кога агендата му е по лабава, знам и тој да се опушти во стилот и да оди со по комотна облека. Навечер зависи дали е некој настан на кој треба да се појави официјално или е обично излегување. Во некои прилики владее елегантното а во други класиката, некогаш со костум, а некогаш со кожена јакна, некогаш со кошула, а некогаш и со маичка.
Негов препознатлив имиџ му е брадата.
- Повеќето не можат да ме замислат без неа. Многу ретко или скоро никогаш нема да ме видите без брада, а и кога ќе ме видите сигурен сум дека нема да ме препознаете. Што се однесува до косата, како помлад препознатлив сум бил по долгата коса, но денес не би имал време да ја пуштам, особено поради фактот што бара многу повеќе посветување. Кратката коса ми е многу по едноставна за оддржување, а мислам дека и подобро ми стои- дополнува Портпаролот.
И за крај, не можевме, а да не го прашаме, посебно што тој е дел од највисокото раководство на град Скопје- Како се облекуваат Скопските мажи?
- Генерално, форсирањето на брендирата облека кај повеќето мажи во Скопје лично ме иритира. Желбата за докажување често ги надминува границите и реално не изгледа убаво. Едно нешто што посебно не ми се допаѓа се кожените чанти спуштени од рамо до колк. Секако дека има исклучоци, но искрено мислам дека треба уште многу да работиме во начинот на облекување како општество.
Небојша Толески