Владимир Јанковски: „Ехото на акробатите“ е филмична приказна за ехото што го оставаат луѓето во нашите животи

Роман-ламја со 100 глави и недобројни опашки (односно значења). Ракопис филмичен како сценарио на Кшиштоф Кишловски. Книга – искривено огледало во кое секој ќе си ја препознае својата приказна. Книжевно дело кое останува како ехо, во секој што ќе го прочита... Овие зборови како ехо останаа да се брануваат во книжевните кругови при незаборавната книжевна свеченост - доделување на наградата „Пегаз“ за 2024 година и промоцијата на победничкиот роман „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски. 

На настанот што се одржа вчеравечер (8 октомври) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ жирито во состав: проф. д-р Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература), проф. д-р Ермис Лафазановски (Институт за фолклор, писател) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“) го претстави образложението, зошто од пријавените 56 ракописи како најдобар се издвои  романот на Јанковски.

 „Романот ’Ехото на акробатите‘ од Владимир Јанковски, загатлив во поинтилистичкото и драмско заплетување на дејството, е вешто развиен во семејна сага во  којашто заемно се огледуваат две епохи: денешницата како ехо на онаа што заврши со распадот на СФРЈ. На читателот постепено, дури отпосле му се открива оваа широка општествена слика, во која е воведуван и воден небаре ѕирка низ ниските сутеренски прозорци или низ оптиката на клучалката или оптиката на камерата за надзор. Вешто водената нарација која постојано го држи будно вниманието на читателот и  постепено ја открива семејната фреска на приказната во која централното место му е доделено на таткото на фамилијата, загатнува напати, небаре патем, и многу значајни аспекти на пулсот на секојдневието. На изразното рамниште исписот го одликува лапидарен или кристално избрусен раскажувачки стил, та сета нарација е раскошна изведба на наративниот минимализам“, истакна проф. д-р Наташа Аврамовска од името на жирито.


Наградата „Пегаз“ по шести пат ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска, истакна дека „Ехото на акробатите“ повеќе е граматика на љубовта отколку што е љубовна приказна.
– Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, авторот Владимир Јанковски овој пат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. „Ехото на акробатите“ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлени по периферијата, наративна сложувалка со 100 „глави“ и недобројни значенски „опашки“. Со мајсторски минимализам и кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство... со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови – истакна таа. 

Победникот, Владимир Јанковски рече дека многу е благодарен за добивањето на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година, и дека ова е важно признание затоа што оваа награда пополнува многу важен дел од мозаикот на нашиот книжевен живот. Книгата, која ја пишувал неколку години, во основата е семеен роман, кој како во филм ја следи приказната на едно семејство од 60-тите години, па наваму. Тој истакна дека филмичноста на книгата настанала спонтано.
– Во некои претходни верзии на книгата цели глави беа опишани само како сценарија, како слики, а потоа сфатив дека ќе биде премногу сувопарно и безлично да се чита книгата на тој начин. Затоа ги додадов тие филмични зачини на текстот. Кога ги читате сценаријата на најпознатите филмски имиња, не читате само сценарио, вие читате добра литература со која  имате чувство дека пред вас се одвива филмот. Чувството не се постигнува со тоа што тие (сценаристите) користат стратегии карактеристични за филмот, туку тоа чувство се постигнува затоа што тие користат стратегии кои се карактеристични за литературата. Додека го пишував романот интензивно размислував за филмовите на Кишловски, и естетиката на други европски филмаџии, сакав да ја постигнам таа филмичност, ама не по секоја цена. Ова е книга во која најмногу играм со улогата на раскажувачот или улогата на нараторот. Во претходните мои книги бев доста страмежлив во однос на тоа колку гласот на нараторот е силно присутен. Тука има описи на сцени како да се снимиле од дрон  (птичја перспектива), а веднаш потоа има сцена од мравја перспектива. Многу повеќе ме интересираше како движењето од глава до глава ќе биде движење од перспектива на перспектива. Морам да признам дека ова е роман со кој најмногу се забавував додека го пишував, бидејќи се трудев колку што е можно повеќе да ги менувам перспективите и да ги  истражувам капацитетите и границите на раскажувањето...  Додека ја читате книгата вие секогаш ќе најдете своја перспектива, односно како во искривено огледало, ќе ја читате од агол на својот живот и искуство. Секој што ќе го прочита романот „Ехото на акробатите“, ќе си го препрочита (преиспита) својот живот. Сакам книгата да биде искривено огледало преку кое читателот ќе се чита себеси – рече Јанковски. 

За значењето на насловот на романот Јанковски рече дека „сите ние сме ехо на нашите предци и на сите со кои сме имале некаква конекција“.
– Кога некој наш близок нѐ напуштил, ехото на неговиот живот продолжува да одѕвонува во нас, независно од тоа дали тој е сѐ уште жив или не. Има една сцена од книгата каде што децата зборуваат за нивната мајка, која починала пред 18 години, и еден од нив вели дека зборовите од мајката не само што се присутни во ликот туку и ликот ги кажува зборовите како што ги кажувала мајката. На некој начин сите што ни биле блиски, а не се веќе меѓу нас, продолжуваат да живеат во нас – тоа е ехото на нивната егзистенција во нас, но и ние продолжуваме како нивно ехо, нивни одглас. Тоа е една идеолошка позиција што стои зад романот – секој човек со којшто ќе дојдеме во некаква животна интеракција остава некакво ехо во нас, или ние оставаме некакво ехо во него. Ова не се однесува само на најблиските, туку и на луѓе со кои можеби сме имале некоја случајна средба, но оставиле печат, ехо во нас, што нѐ прогонува можеби цел живот. Човекот е суштество  што постојано се сеќава и постојано ги преработува сеќавањата, драмите од својот живот и од своето минато – рече тој.
Животот на секој човек е своевидна акробација во постењето и времето. Акробациите и случките што ги правиме оставаат ехо во следните генерации. Ехото на акробатите се всушност децата на своите родители.


Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.

Книгата „Ехото на акробатите“ веќе е достапна во сите поголеми книжарници